Култура
Изложба „Мотиви од Галичник“ од Личеноски, денес во Галичник
Националната галерија на Македонија организира јадрено презентирање на еден сегмент од творештвото на доајенот на македонската современа уметност Лазар Личеноски, денес во Галичник со почеток во 12 часот, во рамките на Галичко културно лето.
Националната галерија на Македонија организира јадрено презентирање на еден сегмент од творештвото на доајенот на македонската современа уметност Лазар Личеноски, денес во Галичник со почеток во 12 часот, во рамките на Галичко културно лето. Ова е уште една манифестација од низата настани поврзани со чествувањето на 110 годишнината од раѓањето на Лазар Личеноски и 100 години од раѓањето на Љубомир Белогаски. Изложбата во Галичник, на која ќе бидат претставени слики на тема „Мотиви од Галичник“, содржи 12 дела кои се дел од донацијата која наследниците на Личеноски ја подаруваат на Р. Македонија. Овие дела поврзани со мотивите од неговиот роден Галичник, се едни од најзначајните мотиви во неговите сликарски циклуси како „Бачилата“, „Ткаачки“, „Портрети“, „Пејзажи“ и слично. После подолг временски период галичани и секако гостите на манифестацијата Галичка свадба, ќе имаат можност да се поврзат визуелно и духовно со дел од творештвото на овој голем ликовен деец. Изложбата ќе ја отворат министерката за култура Елизабета Канческа Милевска и директорката на Националната галерија на Македонија Маја Крстевска, а ќе биде достапна за јавноста до 10 август. крај/сж
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Двојна изведба на балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“ на 18 и 21 ноември
Двојната изведба на балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“ ќе се одржи на 18 и 21 ноември со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет. Балетот, поставен во два чина и инспириран од безвременскиот роман на Г. Флобер, ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода и стегите на општествените норми – тема која останува актуелна и денес.
Диригент на изведбите е Едуард Амбарцумјан од Ерменија, додека кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19 век и емотивната комплексност на главниот лик. Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина). Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Климент Тодороски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.
Во главната улога на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Шарл Бовари, Франциско Хименез Руиз и Балаж Лочеи како Рудолф Буланже, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
„Госпоѓа Бовари“ ја претставува сложената психологија на главниот лик преку балет, музика и сценска уметност. Со внимателно избрани музички партитури и динамична кореографија, постановката ја доловува борбата на Ема Бовари меѓу личните желби и општествените ограничувања. Секоја сцена е внимателно дизајнирана да ја истакне емоционалната длабочина, визуелниот сјај и современиот пристап кон класичната приказна, создавајќи незаборавно сценско искуство.
Култура
Почина поетесата д-р Славица Свидерска
Друштвото на писателите на Македонија со длабока тага информира дека денеска, на 12.11.2025 година, почина поетесата Славица Свидерска (1984, Битола). Доктор на филолошки науки, лекторка по македонски јазик на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Факултетот за странски јазици во Тирана.
Зад себе остави богато поетско, есеистичко и научно творештво од областа на теорија на книжевноста. Членка е на Друштвото на писателите на Македонија. Преведувана е на десетина јазици и добитничка е на повеќе поетски награди во земјава и во странство.
Авторка е на поетските книги „Бесконечност“ (2001), „Писма“ (2012), „Политики на љубовта“ (2015), „Тела“ (2016), „Политики на стравот“ (2021), Golgotha Feminarum (2023), „Мистичен си свету“ (2025), научните монографии „Книжевноста и дискурсите на моќта“ (2013), „Книжевноста и политичкото насилство“ (2018), како и книжевно-филозофските есеи „За смислата и за апсурдот“ (2017).
Погребот ќе се одржи утре, 13.11. од 11 до 12 часот на Светонеделските гробишта во Битола.
Култура
Доксијадис и Скопје – изложба што ја враќа приказната за обновата по земјотресот во ’63-та
Вчера, на 11.11.2025 година, во 19 часот по грчко време, пред бројна публика во Галеријата на Школата за архитектура при Аристотеловиот универзитет во Солун, беше отворена архитектонската изложба „Иднината како проект: Доксијадис во Скопје“ (The Future as a Project: Doxiadis in Skopje), проект од национален интерес во културата за 2025 година.
Повеќе од шест децении од катастрофалниот земјотрес што го разурна Скопје на 26 јули 1963 година, изложбата „Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“ има за цел одново да ја стави во центарот на вниманието приказната за обновата на Скопје. Во нејзиниот фокус е улогата и придонесот на грчкиот архитект и планер – Константинос А. Доксијадис.
Доксијадис е еден од многуте меѓународни експерти поканети од страна на Обединетите нации, кои го водат процесот за обнова на Скопје. Покрај силната професионална посветеност на Доксијадис, архивите ја откриваат и неговата длабока емпатија за настраданиот град. Неговата лична работа и работата на неговата компанија, нивните извештаи, деталните истражувања на подрачјата погодени од земјотресот, студиите за домување, дијаграмите, размислувањата…, сето тоа придонело во изработката на Основниот план за обнова на Скопје. Станувајќи стратешка алатка за трансформација на Скопје во идна метропола, Основниот план го отвора патот кон градежниот бум што ќе следи кон крајот на 60-тите и 70-тите години, претворајќи го „градот на меѓународната солидарност“ во една од престолнините на доцно-модерната архитектура и планирање. Инспирирани од духот на времето, наративот за новиот почеток и еуфоријата на обновата, меѓународните и домашните архитекти и планери заеднички проектираат нови радикални градски пејзажи.
Седум години од првото претставување во музејот Бенаки во Атина преку голема изложба, конференција и публикација, и две години по одржувањето изложбата во Музејот на современата уметност во Скопје, истражувањето „Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“ беше претставено во Солун.
Авторскиот тим на проектот го сочинуваат Владимир Десков Ана Ивановска Дескова, Јован Ивановски, Калиопи Амигдалу, Костас Циамбаос, заедно со соработниците Теа Дамјановска, Михајло Стојановски и Кристос Георгиос Критикос.
Изложбената поставка ќе биде отворена за јавноста до 23 декември, 2025 година.

