Култура
За три дена распродадени концертите на Трпчески во Хонгконг

Македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески во петок (11.02) и во сабота (12.02.) со Филхармонискиот оркестар на Хонгконг ќе одржи два концерта кои се распродадени за само три дена
Станува збор за продолжување на од минатата година започнатата несекојдневна концертна серија – во четири години во Концертната сала на Културниот центар во Хонг Конг да ги изведе сите концерти за пијано и оркестар на Сергеј Рахмањинов.Вториот концерт за пијано и оркестар од прославениот руски композитор викендов ќе биде изведен под диригентската палка на холандскиот шеф-диригент Едо де Ваарт. Како што сме информирани, концертите биле распродадени за само три дена од објавувањето на сезоната што е особена чест за нашиот пијано-виртуоз.„Со големо задоволство ги очекувам овие концерти, особено поради фактот што луѓето таму кон уметноста се однесуваат со посебен пиетет. Кроткоста на Азијатите секогаш ме фасцинирала“, изјави Симон Трпчески.Концертите на Трпчески во престижната азиска концертна дестинација се надоврзуваат на одлично примените настапи во Порто (Португалија), Оденсе (Данска) и Ливерпул (Велика Британија). Во сите градови на програмата беше Концертот број 4 на Сергеј Рахмањинов – дело кое е воедно и последното од планираниот ЦД запис на сите концерти од овој композитор, а што беше снимен како комбинација на жива и студиска снимка на трите распродадени концерти со Кралскиот оркестар на Ливерпул, под диригентската палка на маестро Василиј Петренко. Третата изведба беше снимена и емитувана на програмата на радиотот BBC 3.Во својата изјава, Трпчески како особено значајно ја истакнува изведбата на македонска музика: „Во Порто на концертот пренесуван во видео верзија во живо на интернет, на бис, заедно со водачите од Националниот оркестар на Порто го свиревме Скопското оро во аранжман на Дамир Имери. Истото се случи и во Ливерпул, а беше снимено од BBC. Прекрасно е чувството да се слуша македонска музика во изведба на Кинез и Чилеанец, или пак Англичанец и Норвежанец кои со толкава страст влегуваат во изведбата на дело кое е комплицирано за свирење. Драго ми е што публиката во сите наврати реагираше фантастично. Во Оденсе, пак, данските филхармоничари благодарение на рускиот диригент Дмитри Лис, во два наврата со мене на бис ја изведоа На Струга дуќан да имам од Панде Шахов. Ова дело е планирано и за концертите во Хонг Конг“ – најавува Трпчески.Серијата настапи на нашиот пијанист од светски глас продолжува со рецитали во Сиетл, во „Кенеди центарот“ во Вашингтон и во Ванкувер, а во „Волт Дизни“ салата во Лос Анџелес во која многу пати досега свиреше со тамошниот оркестар, овој пат Трпчески ќе настапи сам. На програмата ќе бидат дела од Хајдн, Моцарт, Шопен, Прокофјев, но и свитата „Песни и шепоти“ на Панде Шахов. Престојот на северноамериканскиот континент за нашиот пијанист ќе заврши на почетокот од март со концертите на Филхармонискиот оркестар на Монтреал и изведбата на Концертот број 2 од Рахмањинов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Државниот симфониски оркестар од Солун првпат доаѓа во Скопје

Државниот симфониски оркестар од Солун првпат во неговото 66 годишно постоење ќе настапува во Скопје во салата на Филхармонија на 17 мај со почеток во 19.30 часот.
Оркестарот ќе настапи со дела од Емилиос Риадис и Морис Равел со специјални гости од двете земји, како водечката грчка сопранистка Мирто Папатанасиу и нашиот светски реномиран пијанист Симон Трпчевски.
Со Оркестарот ќе диригира реноминираниот грчки диригент Владимирос Симеонидис.
На програмата се дела од Морис Равел и неговиот грчки студент Емилиос Риадис, на чествување на 150 годишнината од раѓањето на Морис Равел и 90 годишна од смртта на најголемиот Солунски композитор Емилиос Риадис, вклучувајќи ја и светската премиера на симфониската свита од операта “Галатеиа”
Проектот се спроведува во рамките на националниот план за закрепнување и отпорност Грција 2.0 финасиран од Европската Унија NextGenerationEU.
Култура
Промоција на публикацијата „Кузман Јосифоски-Питу – животна приказна“ во Музејот на Македонија

Музејот на Македонија го одбележува Меѓународниот ден на музеите – 18 Мај со промоција на публикацијата „Кузман Јосифоски – Питу – животна приказна“.
Промоцијата ќе се одржи на 19 мај 2025 година (понеделник), во 12 часот, во изложбените простории на Музејот.
„Публикацијата е дел од истражувачкиот проект посветен на животниот пат на револуционерот Кузман Јосифоски – Питу и се реализира во рамките на годишната програма, со поддршка од Министерството за култура и туризам. Нејзината намена е да ја збогати музејската презентација и едукација, на теми со историска содржина и да послужи како корисно помагало во наставата по историја и граѓанско образование, во рамките на образованиот процес“, велат од Музејот.
Автор на публикацијата е м-р Здравко Стојкоски, кустос – историчар во Музејот. Промотор на настанот ќе биде м-р Данијела Трајкова Крстиќ, виш кустос – историчар во НУ Музеј на македонската борба за државност и самостојност.
Култура
Премиера во Грузија на „Јон Вардар против галаксијата“

Анимираниот филм „Јон Вардар против Галаксијата“, во режија на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на 5. издание на Striped Tale Animation Festival 2025, што ќе се одржи од 16 до 18 мај во Тбилиси, Грузија.
Фестивалскиот тим на својата веб страница го опишува филмот со следниве зборови:
„Вселенска зоолошка градина. Балкански хумор. Хаос на интергалактичко ниво. Јон Вардар против Галаксијата нè носи во една апсурдна мисија за спас на универзумот. Чудовишта, сатира и емоции се судираат во оваа забавна вселенска опера за сите возрасти. Научно-фантастична пародија со срце, вонземјани и автентичен балкански дух.“
Филмот досега имаше селекции на преку десет фестивали, од кои 5 се во А и Б листите на најдобри филмски фестивали во светот. Поддржан е од Агенцијата за филм.