Македонија
Вкупно осум судии од случајот „Јустиција“ се спогодија со обвинителството

Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје постигна спогодба со уште двајца осомничени во предметот „Јустиција“, судии кои активно ја вршеле функцијата.
„Обвинетите судии, со јавниот обвинител склучиле Спогодба за сторено кривично дело – Несовесно работење во службата. На едниот му е определена казна затвор во времетраење од две години, која нема да се изврши доколку во рок од три години осуденото лице не стори ново кривично дело. На вториот му е определена казна затвор во времетраење од девет месеци, која нема да се изврши доколку во рок од две години осуденото лице не стори ново кривично дело“, се вели во соопштението од Обвинителството.Досега вкупно седум судии и еден судски службеник, уапсени во полициската акција „Јустиција“, се спогодија со Јавното обвинителство и добија условни казни.Во акцијата „Јустиција“, ланскиот октомври, беа приведени и беа поднесени кривични пријави против 14 судии од Одделението за прекршоци во Основен суд Скопје 1 и против 11 судски службеници од истиот Суд, осомничени за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.Според кривичната пријава, судиите и службениците со неизвршување на службената должност нанеле штета на Буџетот од 1.308.515 евра за ненаплатена, а пресудена глоба, како и 3.773.500 денари за ненаплатен, а претходно пресуден паушал./крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.