Култура
Притисок врз издавачот на книгата за полскиот антисемитизам
Уште необјавената книга „Златна жетва“ од Јан Томаш Грош, кој се занимава со полскиот антисемитизам за време и по Втората светска војна, предизвика околу 300 Полјаци да ја блокираат електронската пошта на издавачката куќа „Знак“ која треба да ја издаде книгата
Незадоволниците буквално ја „бомбардирале“ електронската пошта на „Знак“ со илјадници мејлови.Некои полски јавни личности, главно од политичките кругови и политичката партија Право и правда на поранешниот премиер Јарослав Качињски и екстремната десница, одлучија да го бојкотираат издавачот и веќе да не купуваат книги што ги објавува.„Златна жетва“ е веќе е трета книга на Јан Томаш Грош, Полјак кој емигрираше во САД, што ги подгреа духовите и страста во Полска.Во првиот дел, Грош проговори за тогашната табу тема во Полска, за масакрот врз евреите за време на Втората светска војна во Једвабне кога Полјаците во 1941 г. живи запалиле неколку стотици свои еврејски соседи во празна штала.За масакрот се одговорни Полјаците што потврди и Институтот за паметење на народите во Ерусалим, а Евреите дочекале во 2001 г. извинување од тогашниот претседател на Полска Александар Квашњевски.Втората книга на Горш „Страв“, зборува за бранот на пост-воениот антисемитизам во Полска.Во најновата книга на Грош, „Златна жетва“ која ќе биде објавена во февруари, станува збор за Полјаците кои ги искористиле страдања на Евреите за да се збогатат.„Проблемот со книгите на Грош е во тоа што болните и вистинските работи ги претставува во такво остро светло што деталите изгледаат како целина. Дискусиите за неговите книги се толку жестоки бидејќи го руши клишето кое за себе го креирале Полјаците“, изјавил по повод новата книга на Грош долгогодишниот главен уредник на престижниот католички неделник Tigodnik povsehni, отецот Адам Боњечки.„Сепак, би требало да му бидеме благодарни на Грош за тоа што ја провоцира дискусијата. Можеме да се нервираме поради прекројувањето и извесната ноншалантност на кое му забележуваат и историчарите, но и за фактот што испровоцира потрага по одговори, за тоа му благодарам“, рекол отецот Боњечки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.