Економија
Обезбедени 220.000 евра за обука на туристичките работници
Министерот за економија Ваљон Сараќини во понеделникот со првата работилница за проектот „Поттикнување на одржливи врски и развој на кластери во туристичката индустрија во Македонија“, го означи стартот на проектот за обуки и тренинзи и изнаоѓање на поврзаноста помеѓу туризмот и останатите индустриски гранки.
Проектот е во организација на Секторот за туризам и угостителство при Министерството за економија и Организацијата за индустриски развој на Обединетите нации (УНИДО).На работилницата проектниот тим, предводен од координаторот на УНИДО проектот Аднан Сариќ, го претстави проектниот пристап, планот за имплементација на проектот и деталите околу идните активности, со цел подобрување на конкурентноста и подобрување на пристапот до пазарот на кластерите во туристичкиот сектор во Македонија.„Станува збор за проект кој е прв и единствен од ваков вид во државата, кој е обезбеден преку Словенечкиот билатерален проект за техничка помош од каде се одобрени 220.000 евра за период од две години, средства кои ќе ги менаџира УНИДО организацијата”, потенцираше Сараќини.Овој проект претставува одговор на потребата на туристичкото стопанство да добие сознанија за подобрување на туристичката понуда во државата, а главниот фокус ќе биде ставен на подобрување на услугите на туристичките работници преку обуки и тренинзи.„Обуки ќе има и за вработените во државната администрација, кои се одговорни за развојот на туризмот, како што се Секторот за туризам во Министерството за економија, како и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот”, рече Сараќини.Тој информираше дека обуки се планирани и за вработените во локалните самоуправи, чии општини имаат капацитет за развој на туризмот, како и за туристичките стопанственици, кои се најдиректно инволвирани во работењето на туристичкиот сектор. „Преку паралелно работење на трите најважни елементи поврзувањето, човечкиот капитал и туристичките производи на пазарот, очекуваме подобрување на пристапот на пазарот на туристичките кластери, нивно поврзување на ниво на држава, но и со сличните кластери во регионот, зајакнување на врската на туристичката со другите индустрии во државата, а со тоа и забрзан развој на туризмот и развој на економијата”, истакна Лела Крстевска, претседател на Туристичката комора на МакедонијаТаа посочи дека целта е да се зголеми квалитетот на туристичката понудата, но и да се прошири понудата во секторот туризам преку спа центри, велнес центри, рурален туризам и итн.„Проектот што ќе го спроведуваме во текот на следните две години има за цел да ја подобри конкурентноста и да го подобри пристапот до пазарот на кластерите во туристичкиот сектор во Република Македонија, а УНИДО во реализирање на овој проект кој што од денеска и официјално започнува, ќе соработува со сите релевантни институции со цел зајакнување на нивниот капацитет преку овие обуки за туристички работници“, информираше Аднан Сариќ. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.
Економија
Четири години стратешко партнерство на „Алкалоид“ и СОС Детското село
„Децата се нашата иднина! Секое дете има право на топол дом, грижа и љубов! Секое дете е и наша грижа!“ се моќни пораки спрема заедницата и силни причини за синергија, кои во целост ги препознаваат и ги почитуваат обете организации.
СОС Детско село е организација која во моментов дава поддршка за околу 400 деца и младинци кои се без родители/родителска грижа или кои се во ризик да ги загубат своите родители. Организацијата, која годинава одбележува 25 години од основањето и од згрижувањето на првото дете во земјава, низ годините има помогнато на стотина деца, овозможувајќи им поддршка, љубов, топол дом, чувство на припадност и сигурност, квалитетно образование, посигурна иднина и можност да имаат поубаво детство.



Јулијана Накова-Гапо, национална директорка на СОС Детско село, истакна дека поддршката од „Алкалоид“ и „Бекутан“ претставува многу повеќе од финансиска помош – таа е израз на доверба, долгорочна посветеност и заедничка визија за создавање подобра иднина за децата.
„Горди сме што заедно со ’Бекутан’ градиме приказна на љубов, сигурност и иднина исполнета со надеж. Преку концептот на кумство на една куќа со пет згрижени деца, покрај покривањето на секојдневните трошоци, вложуваме и во нивните образовни и развојни активности, што е од суштинско значење за нивното растење во самостојни и одговорни личности. Ова партнерство е и пример како компаниите можат да бидат вистински херои во животите на децата без родителска грижа“, изјави Накова-Гапо за време на посетата на оваа организација од претставници на компанијата.



Соработката на „Алкалоид“ со македонската гранка на организацијата СОС Детско село започна во декември 2022 година, кога една од куќите на локалитетот во населбата Ченто беше именувана „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање. Во 2023 година, по повод 45-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“, беше издвоен одреден процент од продажбите на оваа детска колекција и беа собрани над 2 милиони денари донирани за оваа организација. На Хуманитарниот пикник на компанијата организиран во 2024 година, вработени на „Алкалоид“, членови на нивните семејства и нивни пријатели донираа близу 2 милиони денари наменети за СОС Детско село.



Активностите на компанијата со СОС Детско село ќе продолжат и во тековната година, а се разгледуваат и нови форми на соработка. „Децата се нашата иднина и наша заедничка одговорност. Ниту едно дете не треба и не смее да биде оставено без грижа, поддршка и можност за развој. Како поединци, како заедница убаво е да помогнеме! Преку одговорно делување и заедничка посветеност придонесуваме кон создавање стабилна и инклузивна заедница“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје. Организацијата СОС Детско село функционира на принципот на донации од индивидуалци, компании, институции и разни форми на партнерства со цел да обезбедат средства за реализација на програми и активности за поддршка на ранливите групи на деца без или кои се во ризик да ја загубат родителската грижа.
(ПР)

