Култура
„Танц фест“ започнува на 5-ти април

Седмото издание на фестивалот за современ танц „Танц фест“ започнува на 5 април во МОБ. Отворањето на фестивалот ќе се случи со гостувањето на „Скапино“ балетот од Ротердам со една од нивните најнови продукции „Холанд плус“ и „Браво Чарли“
Годинава наградата за врвни достигнувања од областа на танцот „Менада“ отиде во рацете на Елисавета Кушовска. Специјалната награда која овој фестивал ја доделува на странци кои го помагаат развојот на современиот танц во Македонија ќе му биде врачена на Самоил Вуерстен, уметнички директор на Ротердамска академија за современ танц, „Холанд денс“ фестивалот и „Степс“ фестивалот во Швајцарија. „Се надевам дека ќе имаме програма која ќе биде на задоволство на публиката и со тоа што ќе го направиме,ќе придонесеме за развој на танцовата сцена во Македонија и нејзино претставување надвор. Во рамките на програмата ќе гостуваат: театарот „Фјодор Достоевски“ со мултимедијална претстава „Синопсис“ која ќе се одвива во Драмски театар и ќе гостува во Народниот театар Битола, Загребачки плесни ансамбал од Хрватска „Интерфест“, балетот од Косово кој ќе гостува со претставата „Љубовта која убива“ на сцената на Албанскиот театар. Фестивалот во Скопје ќе заврши со гостувањето на Истанбулскиот балет со нивната хит претстава „Дон Кихот“ на 12 април, а во Битола со претставата „Меѓусвет“ на Скопје танцовиот театар на 13 април. Фестивалот станува врвен настан кој го следат европски новинари, менаџери и уметнички директори,“ изјави Рисима Рисимкин првиот човек на „Танц фест“„Современиот танц е дел од современото живеење, многу е добро што се развива на едно вакво ниво и преку овие активности Македонија се поставува на мапата на културните светски случувања во современиот танц. Тоа е добра промоција на самата земја на светско ниво,“ изјави амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија, Симоне Филипини која е голем поддржувач на современиот танц во Македонија.„Мојата работа за сите овие 35-36 години вроди со плод. Македонскиот балет се разви на едно светско ниво, а македонските школи се меѓу најдобрите светски школи. Со гостувањата надвор покажуваат дека се едни од најдобрите. Горда сум што од мојата класа произлегоа најдобрите играчи скоро сите првенци, солисти, ансамбл играчи,“ изјави Елисавета Кушовска, добитникот на наградата „Менада“Програмата ќе се одвива на повеќе сцени покрај во МОБ, претстави ќе има во Драмски театар, Албански театар и Народниот театар во Битола. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и Амбасадата на Кралството Холандија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.