Македонија
Груевски: Македонија не се врти кон Русија, останува на патот на евроинтеграциите
Иднината на Македонија е во НАТО и ЕУ, но блокадата која трае 6-7 години за членството во НАТО и почнувањето на преговорите за членство во ЕУ, ни направи голема штета на секаков план, вели премиерот Никола Груевски во интервју за Press24.
„Иднината на Македонија е во НАТО и ЕУ. Патем речено тоа го имаме демонстрирано и преку бројните наши учества во НАТО и ЕУ мисиите, како што се мисиите во Авганистан, Ирак, БиХ итн. Значи,ниту јас ниту владата немаме дилеми по ова прашање. За жал блокадата која ја имаме овие 6-7 години за членството во НАТО и почнувањето на преговорите за членство во ЕУ, мислам дека ни направи голема штета на секаков план“, вели Груевски.
Како коментар на појавата на руски знамиња и маици со Путин на митингот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски вели дека станува збор за работи што ги направиле некои индивидуалци, а бидејќи живееме во демократија не може да им се забрани на луѓето што да облечат или кого да симпатизираат.
На прашањето дали смета дека САД, или Германија, Франција или Британија стојат зад кумановските настани, поточно кога полицијата во вооружен акција ликвидира десет и уапси повеќе терористи, Груевски вели дека за да смета такво нешто треба да има елементарни докази или барем индиции, а такво нешто нема.
„Досега немаме податок дека некоја држава, или нејзина разузнавачка служба, вклучувајќи ги и гореспоменатите, дала логистика или на било кој начин ја поттикнало криминално терористичката група да го стори делото. А впрочем и не гледам зошто токму држави кои толку многу инвестирале досега во стабилноста и развојот на Македонија би помислиле да ја дестабилизираат истата“, додава Груевски.
Тој смета и дека токму овие четири велесили не стојат зад снимените телефонски разговори на владини функционери, кои ги објавува опозицијата, но сепак вели дека постојат три докази дека се работи за странска служба, но од друга држава.
„Прво, дека самиот Заев ми кажа и пет пати ми повтори дека странска разузнавачка служба го снабдила со материјалот. Второ, во самите компјутери на првоосомничениот најдени се транскрипти од телефонски разговори на политичари преведени на англиски јазик кој се користи во меѓународна комуникација и помеѓу држави каде англискиот не е официјален јазик, очигледно наменети за странци. И трето, во исказите двајцата од осомничените,а едниот од нив и со судска пресуда, се кажува дека самиот Верушевски им говорел дека материјалите кои тие илегално ги снимале, за што признаа дека примале и парична надокнада, се наменети за странска разузнавачка служба. Тоа се искази на неговите соработници“, вели Груевски.
За гасоводот Турски тек, Груевски вели дека кога Брисел и Москва ќе постигнат договор за овој проект, ние би се вклучиле во него.
За решавање на спорот со Грција околу устаното име на Македонија, Груевски вели дека за жал во овој момент Грција е целосно фокусирана на нивниот финансиски проблем во земјата.
„Се надевам дека по неговото надминување, односно по надминувањето на неговата критична фаза, ќе се фокусира и на овој проблем чие решавање е од интерес на двете страни“, додава Груевски.
За неодамнешната изјава на премиерот на Албанија, Еди Рама дека Македонија не може да стане дел од НАТО без целосно да го имплементира Охридскиот договор, Груевски вели дека во интерес на граѓаните на Македонија и на Албанија е најбрзо интегрирање на двете земји во ЕУ и наше интегрирање во НАТО, каде што Албанија е веќе член. /крај/п24/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Владата го усвои ревидираниот Акционен план на Стратегијата за транспарентност
На денешната владина седница беше усвоен ревидираниот Акционен план на Стратегијата за транспарентност (2023-2026), во делот кој се однесува на роковите и институциите одговорни за спроведување на активностите.
„Работната група, составена од претставници на различни институции, која беше одговорна и за ревидија на Акциониот план на Стратегијата за транспарентност (2023-2026), од септември интензивно работеше на ажурирање на актуелниот план, со цел институциите да обезбедат уште по транспарентен пристап кон граѓаните“, соопштија од кабинетот на заменик-претседателот задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи.
„Транспарентноста е и останува приоритет на оваа Влада. Со оваа одлука обезбедуваме Стратегијата за транспарентност да се спроведува со забрзан ритам и со целосна одговорност“, рече тој.
Во финална фаза е и формирањето на новата Работна група за изработка на Стратегијата за транспарентност 2027-2029.
Македонија
Велковски: Насилството врз жената и семејното насилство не е приватна работа, тоа е општествен, културолошки и системски проблем
Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, присуствуваше на настан организиран по повод почетокот на 16 дена активизам против родово базирано насилство насловен „Од пријавување на насилство до спречување на фемицид – системски одговор“ од страна на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во земјава.
Во своето обраќање Велковски се осврна на важноста на темата на која и покрај напредокот, сè уште бара внимание, посветеност и несопирлива борба.
„Насилството врз жените претставува директно нарушување на човековите права, и затоа секој од нас има одговорност да делува. Насилството врз жените и семејното насилство се појавуваат во најразлични форми и се присутни во сите општества – без исклучок. Некогаш се видливи, некогаш затскриени зад ѕидовите на тишината, но секогаш присутни. И затоа, молкот не смее да биде опција. Нашата обврска е да го препознаеме насилството, да реагираме и да делуваме,“ истакна Велковски.
Тој се осврна и на фемицидот како последна, најстрашна алка во синџирот насилство што започнува тивко – со навреди, омаловажување, контрола, закани – а преминува во физичко малтретирање, тешки повреди и, за жал, премногу често завршува со смрт.
„Овој проблем не е приватна работа на едно семејство. Тој е општествен, културолошки и системски проблем, кој бара координирана, стручна и долгорочна акција. Нашата држава веќе има изграден стабилен механизам за заштита од насилство, и радува фактот што јавната свест сè повеќе се буди,“ рече Велковски.
Тој информираше дека министерството работи на осумгодишна Национална стратегија за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, со детално разработен акциски план за спроведување на мерките.
„Знаењето, алатките и законските механизми ги имаме. Но само заедно – институциите, невладините организации, локалните самоуправи, стручните лица и сите партнери – можеме да создадеме општество во кое жените ќе бидат безбедни,“ порача Велковски.
На крајот порача дека Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и Владата на Република Македонија, остануваат целосно посветени на обезбедување брза и ефикасна заштита, целосна поддршка за жртвите и ефикасна превенција.
Македонија
Владата именува повереници за општините Маврово Ростуше, Гостивар, Центар Жупа и Врапчиште
Владата на денешната седница именува повереници за општините Маврово Ростуше, Гостивар, Центар Жупа и Врапчиште во кои што на локалните избори во октомври не беа избрани градоначалници поради недоволната излезност.
„Во врска со условот од член 132 став 2 од Изборниот законик за избор на градоначалници на општините да излезат една третина од вкупниот број на избирачи запишани во избирачкиот список за соодветна општина не е исполнет во општините Врапчиште, Гостивар, Маврово и Ростуше и Центар Жупа. Во однос на истото, согласно член 134 став 2 од Изборниот законик Владата за повереници за вршење на работите од надлежност на градоначалник за наведените општини ги именува: Онер Јакупоски за повереник за Општина Маврово Ростуше, Аријан Ибраим за повереник за Центар Жупа, Буњамин Кадриу за Врапчиште и Фадил Џелили за Гостивар“, соопштија од Владата.
Изборите во овие општини ќе се одржат на 11 јануари 2026 година.

