Култура
Одреден почетокот на снимањето на филмот „Balkan Is Not Dead“
На 24 мај на Скопскиот саем во режија на Александар Поповски ќе почне снимањето на филмот „Balkan Is Not Dead“.
На 24 мај на Скопскиот саем во режија на Александар Поповски ќе почне снимањето на филмот „Balkan Is Not Dead“.Се работи за драмскиот текст на Дејан Дуковски кој е и сценарист на филмот, кој ќе биде продуциран од страна на продукцијата „Кино Око“ и словенечка, хрватска и српска постпродукција.„Приказната е повеќепати поставувана, но има мали измени. Сепак, сакав да го задржам стилот на Дејан Дуковски, бидејќи тој е автор којшто има бескрајно интересен начин на пишување. Мислам дека тоа му дава еден посебен шмек на текстот“ изјави Поповски. Тој додаде дека приказната е сместена во 1903-та година кога Македонија била под турско ропство и дека станува збор за љубов и омраза. „Овој текст има таква судбина да допира два принципа: грдата страна на светот, каде што империите се распаѓаат и онаа убавата за која ние сме тука, а тоа е љубовта“, вели Поповски. Со времетраење од пет седмици, филмот ќе се снима само во Македонија, на локации во Скопје и Битола каде ќе се случува дејствието. Актерската екипа ја сочинуваат: Никола Ристановски во улога на Осман, Драгана Костадиновска во улога на Анѓа, Наташа Тапушковиќ Шолам, Ертан Шабан, Раде Шербеџија и други. „Сношти го гледав ’Македонска крвава свадба’, доста емотивно го доживеав. Иако, ние во постмодерно време се обидуваме да се разликуваме по некои нешта, по што и се разликуваме. Темата е иста, не е веќе прашање дали е смрт или слобода, туку е прашање на љубов или омраза“, рече Ристановски. Вкупниот буџет за филмот изнесува еден милион и 250 илјади евра./крај/макфакс/пк
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.
Култура
(Фото) Одржан традиционален предновогодишен концерт на Воениот оркестар
Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, вчеравечер во Македонската филхармонија во Скопје се одржа традиционалниот предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата, овој пат збогатен со настап на музичари од Централниот оркестар на Вооружените сили на Романија.

По пречекот на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и интонирањето на химната на Романија и македонската химна, здружениот оркестар, под диригентската палка на мајор Каталин Ион од Вооружените сили на Романија, концертот го започна со свечена фанфара, a продолжи со позната љубовна тема од Романија. Првиот дел беше заокружен со популарен сплет на светски хитови аранжирани за дувачки оркестар и композицијата „Концертна прослава”, со мотиви од романското поднебје.

По него, под раководство на диригентот на Воениот оркестар на Армијата, потполковник Горан Илијевски, следеа блок на нумери од македонското поднебје, во кој беа опфатени фолклорни теми, народни песни, но и незаборавни забавни македонски евергрини.

Во третиот и последен блок, кој беше посветен на армиските припадници кои се секогаш подготвени да ја одбранат татковнината и да им помогнат на нашите сограѓани, покрај светски познати нумери со новогодишна тематика, беше изведена и македонската композицијата „Нашата Армија“, која претставува силен музички омаж на посветеноста и службата кон татковината.

Овој традиционален музички спектакл, покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, го проследија и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.

Мотото на традиционалниот предновогодишен концерт е уште еден доказ за сплотеност со сојузниците. Вчерашниот настан, преку хармонијата на звуците и универзалниот јазик на музиката, потенцира дека музиката продолжува да нè обединува и сплотува, ги поврзува луѓето кон заеднички вредности и стремежи и претставува мост помеѓу различни култури и традиции.


Култура
Во Чифте амам се отвора ретроспективната изложба „Рефлексии“ посветена на Ратка и Димче Протугер
Атриум го најавува отворањето на ретроспективната мултимедијална изложба насловена „Рефлексии“, во Националната галерија – Чифте амам, на 20 декември, со почеток во 19 часот. Изложбата нуди продлабочен поглед кон животот и творештвото на непокорните брачни другари – партизанката и авторка Ратка Ковачева Протугер и ликовниот уметник Димче Протугер.
Од уметничката продукција посочуваат дека изминатата година реализирале истражувачки и продукциски процес со цел да ја споделат слоевитоста на наследството што Ратка и Димче, како припадници на една будна генерација, им го оставиле на сите нас.
Историчарката на уметност и кураторка Јованка Попова, за изложбата напиша:
„(…) Во меѓусебните траектории на Ратка и Димче Протугер се открива двојство кое не може да се сведе само на биографија. Нивниот животен и уметнички пат се одвива како паралелен запис на две форми на отпор: борбата за политичка слобода и борбата за уметничка автономија.
Ратка, партизанка и активистка, учествува во материјалната и моралната изградба на слободата – онаа што се освојува со чин, со движење, со колективна жртва.
Димче, сликар и педагог, ја практикува слободата како метод: како постојано отфрлање на догмата, на дисциплинарниот код на социјалистичкиот реализам, на стереотипот на уметникот како идеолошко знаме.“
Од Атриум, покрај поканата за заедничко чествување на делото на Ратка и Димче Протугер, во сабота, со почеток во 19 часот, во Чифте амам, упатуваат и огромна благодарност до блиските семејства, потомците и пријателите кои придонеле за реализацијата на изложбата: Милчо Протугер со семејството, Невенка Протугер со семејството, Воденка Протугер Тошевска со семејството, Брезица Тошевска, Росица Тошевска, Владимир Лазаревски со семејството, Мила Протугер со семејството, Илија Трајковски со семејството, Камелија Пророчиќ, Стефан Миновски, Јованка Попова и Соња Абаџиева Димитрова.
Истражувачки тим:
Ива Рајчевска, Дино Чупевски, Матеј Лазаревски
Проектен тим:
Дино Чупевски, Ива Рајчевска, Веда Ивановска, Деспина Ралевска
Авторки на текстови во публикацијата:
Јованка Попова, Соња Абаџиева Димитрова, Воденка Протугер Тошевска
Одговорна уредничка на публикацијата:
Ива Рајчевска
Соработничка во уредништвото на публикацијата:
Веда Ивановска
Дизајнерка на постер:
Ива Јованова
Фотографија:
Александра Костадиновска
Видео:
Исток Чаповски
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Македонија и Контура, на чии претставници им се заблагодаруваме за придонесот и поддршката.
Изложбата ќе биде отворена до 27 декември.

