Култура
Гран при за „Баханалии“ на фестивалот на античка драма Стоби 2010

Претставата „Баханалии“ во изведба на велешкиот Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ e добитник на највисоката наградата на деветтиот Меѓународен фестивал на античката драма Стоби 2010
Наградата ја додели жирито во состав Александар Ѓорѓиев, претседател и членовите Јелена Жугиќ и Дејан Дамјановски. Наградата, во саботата навечер од името на целата екипа ја прими режисерката Наташа Попллавска, која рече дека претставата ја подготвувале со добра енергија и со многу труд, и успеале да дојдат до целта.„Претставата не е само моја, туку на целата екипа, на моите колеги автори и на актерите кои творат на сцената секоја вечер, различно и секогаш ново. Стоби со својот амбиент придонесе претставата да биде многу поинаква од таа на сцената во велешкиот театар. Тоа не беше само мое, туку и чувство на публиката и на жирито“, рече Поплавска.За најдобар актер беше прогласен Дејан Лилиќ за ликот на Хамлет во истоимената претстава, во изведба на Драмскиот театар од Скопје. Лилиќ за кого ова е вторпат да ја добие вредната награда, рече дека секоја награди носи одговорност. „Кога ја добив улогата и ми беше соопштено дека ќе ја играм во Стоби, имав одговорност да ја оправдам наградата во Стоби од минатата година. Наградата не е само моја, туку таа е награда и на другите дванаесет колеги кои беа со мене на сцена, бидејќи без нив Хамлет немаше да биде тоа што е и јас без нив“, рече награденито актер.Маја Љутков е прогласена за најдобра актерка за нејзината игра во претставата „Баханалии“, а како што рече тоа е нејзина прва награда која дошла сосема неочекувано. „Се предадов максимално во претставата и знам што направивме во оваа претстава, но и другите актерки на фестивалот беа добри. Знам дека носам голем товар со оваа награда и таа за мене значи мотив за мојата натамошна работа, да давам се од себе и во наредните години, и тоа публиката да го види и препознае“, рече Љутков.Најдобар режисер за жирито е Дејан Пројковски за претставата „Хамлет“, во изведба на Драмскиот театар од Скопје, но тој заради обврски во странство не ја прими лично наградата. Наградата за колективна игра им беше доделена на трите Државни куклени театри од Пловдив, Бургас и Стара Загора од Бугарија, чии претставници рекоа дека ова им е прво учество на ваков фестивал на античка драма и се мотивирани со добивањето на оваа награда.Во чест на наградените, прилепскиот Народен театар „Војдан Чернодрински‘‘ синоќа ја изведе претставата „Крпен живот“ во режија на Владо Цветановски, со што заврши годинашното деветто издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби 2010“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Љутков: Да изградиме индустрија што ќе создава игри со македонски печат и глобален потенцијал

Денес во Скопје беше отворена првата конференција за развој на видеоигри во Македонија „Game Dev Rev 2025“, во организација на Асоцијацијата на македонската индустрија за видеоигри (MGI).
Со своето обраќање пред присутните, министерот за култура и туризам Зоран Љутков нагласи дека оваа конференција не претставува само промоција на видеоигри, туку е симбол на креативноста, младинската енергија и новата културно-економска реалност за Македонија.
„Дали знаете што имаат заедничко една добра видеоигра и една успешна културна политика?“-праша министерот во своето обраќање. Двете почнуваат со идеја, момент на инспирација, што, ако е поддржан на вистински начин, може да прерасне во нешто големо. Некогаш дури и светски“, рече Љутков.
Министерот посочи дека индустријата за видеоигри денес е една од најбрзорастечките културни и економски гранки во светот, со годишен приход што го надминува оној на филмската и музичката индустрија. Таа индустрија, како што истакна, претставува спој на уметност, технологија, наратив и дизајн, и создава нови можности за младите.
Тој информираше дека Министерството за култура и туризам ја даде својата поддршка за иницијативата на асоцијацијата и за сите професионалци, ентузијасти и визионери вклучени во неа.
„Ова не е само конференција, туку повик до нашите млади креативци, дизајнери и програмери да го препознаат својот потенцијал, да се поврзат, да учат и да создаваат. Тука се гради иднината на македонската гејминг-индустрија,“ рече министерот.
Во своето излагање, министерот се заложи за поголема поддршка на новите културни индустрии, особено оние што го поврзуваат младинскиот потенцијал со глобалните трендови и носат нова економска вредност за земјата.
„Да го искористиме овој почеток за да создадеме заедница што ќе расте и ќе создава игри со глобален потенцијал–но со македонски печат,“ рече Љутков.
На конференџијата особено значајно беше присуството на претставници од Европската федерација за развој на видеоигри, како и поддржувачи од целиот регион и Европа, што претставува силен сигнал дека Македонија се позиционира како активен чинител на дигиталната и креативна мапа на Европа.
Култура
Сиљановска-Давкова: Фестивалот „Игор Маџиров“ уште еднаш покажа и докажа дека театарската моќ допира до сите генерации

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер се обрати на свеченото отворање на четвртото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, којшто под слоганот „Сцена за сечиј сон“, и годинава се одржува под нејзино покровителство.
За неа, фестивалот, иако е насочен кон најпрефинетата и најпробирливата целна група- најмладите, со оригиналниот и искрен пристап ги заведува, радува и восхитува не само нив, туку и возрасните, будејќи го детето во нив.
Според претседателката, името на фестивалот го отсликува и наликува на профилот и сензибилитетот на извонредниот, прерано починат Маџиров, чии незаборавни улоги од него направија театарска легенда.
Акцентирајќи ја не само естетската туку и педагошката мисија на „Театарот за деца и младинци“, Сиљановска-Давкова изрази неизмерна почит кон актерите и сите вработени во театарот кои, од скромен, но топол амбиент, небаре волшебници, создаваат прекрасна сцена, налик на онаа од соништата.
Таа укажа на потребата од нова, пристојна тетарска куќа, обраќајќи се до надлежните институции со зборовите: ,,Уште еднаш посакувам овој минијатурен дом на „Театарот за деца и младинци“ да порасне, како што пораснаа децата кои во изминатите три децении го посетуваа и му се насладуваа. Просторното растење нека соодветствува на потребите на домаќините, но и на гледачите”.
Култура
Наградена со Стериина награда, славена во Белград – претставата „Народен пратеник“ на МНТ сега патува за Брчко

Со претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин, Македонскиот народен театар ќе настапи на претстојните 42. Интернационални театарски средби „Брчко Дистрикт“ во Босна и Херцеговина.
Фестивалската програма се одржува од 16 до 24 октомври, а МНТ ќе настапи на втората фестивалска вечер, утревечер, на 17 октомври.
Фестивалот „Брчко Дистрикт“, со речиси половина век традиција, важи за еден од најрелевантните во регионот, познат по специфичниот пристап кон продукцијата, селекцијата и наградувањето на претставите и поединците.
Селектор на годинашното издание е култниот и харизматичен актер и режисер, Ирфан Менсур.
Летово, претставата „Народен пратеник“ доби Специјална Стериина награда за колективна актерска игра во Нови Сад и е сè поактуелна во регионалниот театарски простор.
Веднаш потоа беше изведена и во Народно позориште во Белград, каде Менсур фасциниран од актерската игра ја вклучи претставата во официјалната селекција на фестивалот во Брчко, со зборовите „Значаен пример на сценска интерпретација на класичен текст“.
Режијата на Савин ја задржува суштинската визија на Нушиќ, избегнувајќи радикални режисерски интервенции. Наместо тоа, фокусот е ставен на колективната актерска игра и јасната критика на политичкиот театар, испорачана интелигентно, духовито и трезвено.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (со снимен глас), како и ансамблот: Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.
Ова е трето учество на МНТ на фестивалот во Брчко. Во претходните години, театарот има учествувано со претставите „Народен непријател“ и со „Нема да биде крај на светот“ и двете во режија на Нина Николиќ.