Култура
„Човекот што ги сакаше калинките“ „Роман на годината“ на Утрински весник
Романот „Човекот што ги сакаше калинките“ од Душко Родев ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“.
Романот „Човекот што ги сакаше калинките“ од Душко Родев ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“.„Многу сум задоволен, среќен и, всушност, почестен од одлуката на жирито да ми ја додели наградата „’Роман на годината“ на Утрински весник, која ја сметам за врвна книжевна награда во Македонија, транспарентна, сериозна и, на некој начин, европска награда. Награда на која и се верува“ – изјави добитникот Душко Родев на објавувањето на наградата во Друштвото на писателите на Македонија.Наградата „Роман на годината“ на дневниот „Утрински весник“ се доделува веќе дванаесет години. Во конкуренција за годинашната награда учествуваа 29 романескни творби. Во најтесниот избор за наградата влегоа романите „Готен“ на Роберт Алаѓозовски, „Вечно сегашно време“ на Владимир Јанковски, „Наспроти ветрот“ на Владимир Попов, „Сè е гола вода мој Ѓорѓија“ на Гоце Ристовски и „Човекот што ги сакаше калинките“ од Душко Родев.Комисијата во состав Томислав Османли, претседател, академик Луан Старова, д-р Соња Стојменска-Елзесер, м-р Жарко Кујунџиски и Манчо Митевски, претставник на „Утрински весник“, во образложението за доделување на наградата на романот на Родев, нагласи:„Годинашниот лауреат „Човекот што ги сакаше калинките„ од Душко Родев е сугестивен историски роман од времето на илинденскиот период, посветен на тревожната автентична приказна на војводата Крсто Асенов, раководител на кукушката чета, и неговата љубов и брак со Ана Малешевска, учителка, и самата борец во четата.Врската меѓу тие два лика, изложена на скриени неодобрувања, завист и интриги од соборците, ќе стане повод за револуционерната осуда и за стрелањето на главниот јунак од припадниците на сопственото движење.Романот на Родев го нијансира житието и ликот на војводата Асенов, доловувајќи ја преку тој психолошки портрет и драмата на илинденското (би се рекло и не само тоа) ослободително движење. Етичките дилеми искажани врз фонот на Илинденската епопеја добиваат созвучја кои лесно можат да бидат препознаени и во нашиот современ свет.Романот на Родев ги продолжува најдобрите традиции на македонската историографска проза и ги реактуелизира пред денешниот читател историските настани, ликови и топоними, на кои им се заканува забот на заборавот.Тој ја поттикнува свеста за потребата од постојано навраќање кон историските премрежја, и тоа од агол од кој може да се согледа и нивната хумана димензија.Со ненаметлив, наместа бележнички и прилично економичен стил, авторот ги преточува длабоките психолошки и емотивни ерупции во стегнато четиво кое ѝ дозволува на приказната, инаку срочена од самиот живот, да ја пренесе својата несомнена енергија врз читателот“ – стои во образложението на комисијата за доделување на наградата на „Утрински весник“.Авторот на романот Душко Родев е роден во Скопје. Дипломирал на Филозофскиот факултет, на групата Романска филологија. Бил новинар на „Нова Македонија“, и еден од иницијаторите за формирање на издавачкиот оддел на НИП „Нова Македонија“, каде бил уредник на библиотеката „Свет и време“. Извесен период работел и како уредник на драмската програма во Телевизија Скопје.Досега објавил десетина романи, повеќе кратки раскази, а по негово сценарио е снимен и ТВ-филмот „Дивеч за отстрел“. Романот „Човекот што ги сакаше калинките“ го објави издавачката куќа „Македонска реч“.Доделувањето на наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ на лауреатот Душко Родев ќе се одржи на 8 април годинава./крај/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.

