Економија
Промовиран проект за заштита на потрошувачите во вредност од над 1,3 милиони евра

Министерот за економија, Беким Незири, во средата го најави новиот проект од областа на заштита на потрошувачите вреден над 1,3 милиони евра, што Министерството за економија ќе го реализира во соработка со делегацијата на Европската унија, насловен „Хармонизација на законодавството и градење на капацитетите во областа на заштитата на потрошувачите“.
„Со цел што поефикасна заштита на потрошувачите, воспоставување на функционални механизми за соработка со невладините организации, како и создавање на силна правна рамка за заштита на потрошувачите започнуваме проект во вредност од 1.330.000 евра, средства од ИПА фондовите, со кофинансирање од буџетот на Република Македонија, кое изнесува 10%“, истакна Незири.
Првиот од двата дела на проектот, е во вредност од 700.000 евра и има за цел комплетно усогласување на националното законодавство со законодавството на ЕУ, зајакнување на институционалните и технички капацитети за ефикасно решавање на потрошувачките прашања во земјата, подигање на јавната свест за правата на потрошувачите, вклучувајќи и континуирано информирање на потрошувачите за безбедноста на производите.
Вториот дел од проектот, пак, е грант договор во вредност од 630.000 евра, наменет за зајакнување на невладиниот сектор, односно е наменет за невладините организации од областа на заштита на потрошувачите.
„Досега, во двогодишните програми за заштита на потрошувачите, средствата што беа превидени за оваа намена беа премали за да може да се направи поголем исчекор во овој дел, односно во 2012 година беа издвоени 530.000 денари, во 2013 – 500.000 денари, а за оваа година 550.000 денари. Покрај тоа што за следната година ќе се обидам да овозможам барем тројно повеќе средства за потрошувачите и нивните права, сметам дека овој проект кој денеска го промовираме може да овозможи остварување на нашата цел, а тоа е воспоставување на функционални механизми за соработка со невладините организации, подготвени административни капацитети, како и создавање на силна правна рамка за заштита на потрошувачите, поточно секој потрошувач во Македонија да ги ужива сите права како и европскиот потрошувач“, рече министерот Незири.
Меѓу првите резултати од отпочнување со овој проект ќе биде постоењето на построги правила за компаниите и давателите на услуги за почитување на правата на потрошувачите. Ова ќе влијае на усогласување на пазарната економија во поизбалансиран и фер систем. Но, како што најави Незири, ќе се побара од државниот пазарен инспекторат информирање за постапките по Законот за потрошувачи со месечна динамика и ефикасно постапување при претставките и контролите на инспекцијата.
Во насока на подобра координација и подобра информираност на целните групи на овој проект, Министерство за економија има предвидено информативни денови, каде што ќе бидат поканети невладините организации, а од страна на надлежни и компетентни лица од Министерството ќе бидат презентирани начинот на подобра изработка на понудите и начинот на аплицирање, со цел реализацијата на овие средства да биде што поголема, а со тоа и исполнувањето на целта на проектот. Истовремено, ќе им се даде можност на невладините организации да поставуваат прашања, сѐ со цел да имаме што поквалитетни понуди од страна на невладиниот сектор. За датумите на овие информативни денови невладиниот сектор ќе биде информиран преку т.н. Грантова шема.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Лагард предупредува: Економијата на ЕУ зависи од странските работници

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, изјави дека приливот на странски работници во изминатите години значително ја поттикнал економијата на еврозоната, помагајќи да се надомести намаленото работно време и падот на реалните плати.
Говорејќи на годишниот симпозиум на Федералните резерви на САД, што се одржува во Џексон Хол, сојузната држава Вајоминг, Лагард нагласи дека миграцијата кон Европската Унија довела до рекорден број жители и покрај негативниот природен прираст.
„Странските работници дадоа значителен придонес за европската економија. Тие овозможија да се компензираат структурните предизвици, како што се пократкото работно време и пониските плати во одредени сектори“, изјави Лагард.
Таа додаде дека иако растот на бројот на работници ја поддржа економската стабилност, одредени влади на земјите-членки воведуваат ограничувања за нови мигранти, поради зголемено незадоволство кај дел од локалното население.
Според Лагард, оваа динамика ќе остане еден од клучните фактори во обликувањето на идните економски и социјални политики во Унијата.
Економија
Македонија е големо градилиште, над 1.200 проекти во општините, велат Перински и Николоски

Во моментов целата Македонија е едно големо градилиште, а само во општините се реализираат повеќе од 1.200 активни проекти поддржани од Владата и Министерството за транспорт, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и министер за транспорт, на Саем-Отчетот на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа се само проекти преку Министерството за транспорт, а да не зборуваме за големите инфраструктурни проекти како автопатите Охрид-Кичево, Кичево-Букојчани, Букојчани-Гостивар, Гостивар-Тетово, Прилеп-Битола, како и експресните патишта Прилеп-Градско и Куманово-Крива Паланка. Сега започнатите проекти се завршуваат, а граѓаните гледаат резултати“, рече Николоски.
Министерот подвлече дека ова ја враќа самодовербата кај граѓаните и покажува дека Македонија е способна да води големи проекти.
„Не е само патната инфраструктура, туку и железничките линии, аеродромите, авио линиите и обновливите извори за енергија. Во помалку од година дена завршивме еден проект со вредност од половина милијарда евра“, додаде тој.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, истакна дека Владата финансирала околу 1.200 проекти во сите општини.
„На првиот повик беа пријавени 288 проекти, од кои 137 се завршени. На вториот повик беа поднесени 887 апликации, а прифатени беа 828 проекти. Кумулативно, тоа се околу 1.200 проекти кои се реализираат со помош на централната власт“, рече Перински.
Министерот додаде дека општините се соочувале со големи предизвици и немале поддршка од претходната власт.
„Ние им помогнавме да ги детектираат проблемите, да обезбедат одржливост и да ги реализираат поголемите проекти. Секој градоначалник се бори да направи што е можно повеќе, а по изборите се надеваме дека мотивацијата ќе биде уште поголема“, рече Перински.
Економија
Вреди: Поддршка за 200 нови зелени работни места во микро, мали и средни претпријатија

Од Вреди како коалициски партнер на Владата денеска објави историска мерка за поддршка на создавање нови работни места преку зелени инвестиции, во соработка со Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување.
Оваа мерка ќе овозможи вработување на 200 невработени граѓани во микро, мали и средни претпријатија, кои ќе добијат финансиска поддршка преку неповратен грант од 250.000 до 750.000 денари, во зависност од бројот на новите работни места: 250.000 денари за едно работно место, 500.000 за две и 750.000 за три.
Грантовите ќе овозможат компаниите да инвестираат во нова опрема и машини, софтвер и лиценци, како и технологии за обновлива енергија и материјали за енергетска ефикасност. На тој начин, мерката создава не само работни места, туку и зелени работни места кои придонесуваат за одржлива економија.
Јавниот повик е отворен за сите микро, мали и средни претпријатија кои ги исполнуваат законските услови, со приоритет за стратешките сектори: преработувачка индустрија, земјоделство, шумарство, водостопанство, водоснабдување и управување со отпад, градежништво и транспорт. Апликациите можат да се поднесуваат до 1 септември секој работен ден од 08:00 до 14:00 часот во Центрите за вработување низ целата земја, а сите информации се достапни на веб-страницата на Агенцијата за вработување.
„Ова е чекор кој покажува дека владата не се мери со слогани, туку со резултати. Инвестираме во вработување, развој, зелена економија и безбедна иднина за сите. Ова е промената што ја ветивме – влада која работи со срце и визија“, се наведува во соопштението.