Македонија
Годинава државна матура ќе полагаат 17.643 ученици
Оваа учебна година за полагање на државна матура се пријавени 17.643 ученици. Од нив 8.815 се од гимназиско образование, 8.550 од средно стручно образование и 278 од средно уметничко образование.
Согласно Концепцијата за државна матура, училишна матура и завршен испит во јавното средно образование со четиригодишно траење, во Република Македонија учениците екстерно полагаат три предмета. Задолжителен за сите е мајчиниот јазик.
На 11 јуни во сите средни училишта во Република Македонија ќе се полага задолжителниот предмет, односно македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература. Македонски јазик и литература ќе полагаат 11.359 кандидати, 5.565 албански јазик и литература, а 397 турски јазик и литература.
На 15 јуни во сите средни училишта во Република Македонија ќе се полага странски јазик. Како и секоја година и оваа најмногу матуранти имаат избрано да полагаат англиски јазик и тоа 16.336. Бројот на кандидати кои се пријавиле да ги полагаат останатите предмети е многу помал. Француски јазик ќе полагаат 134 кандидати, германски јазик 178, а руски јазик 47 кандидати.
На 17 јуни математика ќе полагаат 2.626 кандидати.
На 19 јуни ќе се полага: физика, хемија, биологија, бизнис, историја, филозофија и естетика. Бизнис ќе полагаат 4.582 кандидати, историја – 3.856, биологија – 3.654, филозофија – 2.679, хемија – 354, физика – 119 и естетика – 204.
Испитниот материјал се доставува во училиштата и се враќа во ДИЦ истиот ден кога се реализира испитот.
Сите испити почнуваат во 10 часот.
Во процесот на реализација на матурата во училиштата се ангажирани 2.117 наставници како тестатори и околу 200 набљудувачи претставници од институциите надлежни за образованието во Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фирмата за подготовка на храната во „Димо Хаџи Димов” казнета со 900 евра, во уште едно училиште откриена „ешерихија коли“ во намаз
Операторот за подготовка на храната во основото училиште во Влае, „Димо Хаџи Димов” е казнета со 900 евра откако беа пронајдени бактерии во мусаката, а во уште едно училиште во Општина Карпош се откриени бактерии во намаз.
Инспектори за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), по наредените мерки за генерално чистење и дезинфекција на објектот, опремата и машините во кујната во ОУ „Димо Хаџи Димов”, денес, повторно земаа брисеви од работните површини во кујната, со цел утврдување на најзината безбедност. На вонредни здравствени санитарни прегледи упатени се и вработените во кујната, која ќе остане затворена се до добивање на лабораториските наоди со кои ќе се потврди безбедноста.
АХВ информира дека ги добиле резултатите од лабораториските тестирања на земените мостри храна и брисеви, од работни површини, прибор, машини и од вработените лица во кујната во ОУ „Димо Хаџи Димов” и од вонредните инспекциски контроли кои беа спроведени во кујните на 9 основни училишта во Општина Карпош со кои стопанисува истиот оператор со храна.
„Со 600 евра во денарска противвредност и 300 евра за одговорното лице, казнет е операторот со храна бидејќи со земените мостри храна од ОУ ‘Димо Хаџи Димов’ било потврдено дека послужената мусака, не ги задоволува микробиолошките критрериуми за безбедност, односно утврдено е присуство на бактерија (Enterobacteriaceae)“, соопшти АХВ.
Од земените мостри храна и брисеви во рамки на превентивните вонредни контроли во деветте основни училишта, кај една мостра од храна (намаз) утврдено е присуство на бактерија ешерихија коли, за што е наредено намазот да се исфрли од употреба. Два од тестираните брисеви биле позитивни, но, кај нив не е утврдено присуство на патогени бактерии.
На операторот со храна за утврдените недоследности со превентивните вонредни контроли, изречени му се две парични казни по 900 евра во денарска противвредност ( 600 евра за операторот и 300 евра за одговорното лице), а за непоседување на сертификат за завршен курс по хигиена за едно лице и немање соодветни технички услови за работа ( немање на топла вода) во две училишни кујни изречена е и вкупна казна од 650 евра во денарска противвредност.
Македонија
Кривични пријави во Гостивар за бесправна градба и фалсификување исправа
Полицијата во Гостивар поднесе кривична пријава против А.А. (42) од овој град поради постоење основи на сомнение за кривичното дело „бесправно градење“.
Пријави се поднесени и против фирма од Гостивар за „фалсификување исправа“, како и против Б.И. (33), сопственик и одговорно лице на правното лице, поради сомнение за „фалсификување исправа“ и „несовесно работење во службата“.
Според МВР, првопријавениот во периодот од 2022 година до 10 февруари 2024 година, како инвеститор, изградил индивидуален станбен објект спротивно на издаденото одобрение за градење.
Во пријавата се наведува дека Б.И. изготвил фиктивен завршен извештај за извршен технички прием, во кој внел невистинити податоци.
Македонија
Поранешниот министер најави тужби: „Ми го валкаат името со измислици и лажни тврдења“
Поранешниот министер за земјоделство Љупчо Николовски објави дека поради лажни пријави и клевети од ВМРО-ДПМНЕ, ќе преземе соодветни правни мерки.
Во својата реакција на Фејсбук тој обвинува дека наместо да се соочат со проблемите во земјоделството, власта се насочила кон напади врз него како опозициски пратеник.
Николовски истакна дека укажувал на проблемите со ИПАРД, на неисплатените субвенции и на тешката состојба во земјоделството, но наместо конкретни чекори бил соочен со, како што ги опиша, лажни пријави и клевети пласирани преку прес-конференции.
Тој додаде и дека постои тенденција неговото име да се валка со измислици и лажни тврдења, потенцирајќи дека таквите постапки потсетуваат на еден поранешен режим кој неславно заврши, а не на институции посветени на вистински развој на земјоделството. Според него, доколку енергијата била насочена кон поддршка на лозарите, тутунопроизводителите, оризопроизводителите, овоштарите, градинарите и сточарите, резултатите во секторот ќе биле поинакви.
Поради, како што наведува, неразумните обвинувања и обидите за нарушување на неговиот углед, ќе преземе правни мерки.

