Економија
Германските индустриски нарачки притиснати од падот на побарувачката од еврозоната
Германските индустриски нарачки нагло паднаа во март, притиснати од силниот пад на побарувачката во еврозоната, објави во вторникот министерството за економија и технологија.
Сезонски, ценовно и календарски прилагодените индустриски нарачки во германската индустрија се намалија во март за 2,8 отсто во однос на претходниот месец. Министерството воедно ги ревидираше проценките за февруари кои покажуваат дека растот на нарачките изнесувал 0,9 отсто, наместо првично проценетиот од 0,6 отсто.Особено слаба во март била надворешната побарувачка за германки индустриски стоки, со пад на странските нарачки од 4,6 отсто. Нарачките од државите на еврозоната се намалија за дури 9,4 отсто.Домашната побарувачка речиси стагнирала, со пад на нарачките за благи 0,6 отсто. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
На Германија годишно ѝ се потребни 288.000 странски работници: „Пред нас е огромен предизвик“
Дологорочно, германскиот пазар на труд секоја година во значителна мера зависи од имигрантите – ова е заклучокот од анализата нарачана од Фондацијата „Бертелсман“.
Со цел да се задоволат потребите за работна сила и да се обезбеди благосостојба на Германија, имиграцијата на меѓународни работници, особено од трети земји, станува сè поважна. Затоа, до 2040 година ќе бидат потребни приближно 288.000 меѓународни работници годишно за да се обезбеди доволна понуда на работна сила.
Според студијата, бројот на работници, без дополнителни имигранти, ќе се намали до 2040 година од сегашните 46,4 милиони на 41,9 милион. До 2060 година тој број, без дополнителна имиграција, би можел да се намали за една четвртина, на само 35 милиони, пишува „Дојче веле“.
„Демографските промени, кои во наредните години поради пензионирањето на генерацијата ќе претставуваат големи предизвици за германскиот пазар на труд, бараат и имиграција“, вели Сузане Шулц, експерт за миграција од Фондацијата „Бертелсман“.
„Се разбира, пред сè, мора да се развие домашниот потенцијал на работната сила – и локалните жители и луѓето што веќе се преселиле тука и да се зголеми нивното учество на пазарот на трудот. Сепак, идните потреби до 2040 година не може да се задоволат само на овој начин“.
Реформираниот закон за имиграција на квалификувана работна сила дава нови можности за работниците заинтересирани за Германија. Сепак, според студијата, тие нема да дојдат без изразена култура на добредојде во институциите, компаниите и заедниците, како и без долгорочни изгледи за престој.
До 2024 година нема да бидат еднакво погодени сите германски сојузни покраини од недостигот на имиграција. Според студијата, најголем пад на работната сила ќе биде забележан во Тирингија, Саксонија-Анхалт и Сар, со повеќе од десет проценти. Помал пад, под десет проценти, се очекува во Хамбург, Берлин и Бранденбург.
Нивото на потребите за имиграција во сојузните покраини зависи од проекцијата на потребната работна сила до 2040 година.
Економија
Димитриеска-Кочоска: Даночното затајување е предизвик на сите земји, клучно во борбата е соработката и размената на податоци
Даночното затајување е предизвик присутен во сите земји, како во неразвиените, така и во развиените, затоа соработката помеѓу земјите и размената на инфорамции е клучна во борбата со овој феномен, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на Глобалниот форум за транспарентност и размена на информации за даночни цели што се одржува во Парагвај.
„Даночното затајување е насекаде присутно, дури и во развиените земји, затоа поддршката е потребна на сите, не само на земјите како мојата. Кога се зборува за даночно затајување не е важно само законодавството што ќе се усвои, туку многу поважна е волјата на Владата да успее во борбата со него„, рече министерката.
Наведуваќи дека Македонија е членка на ОЕЦД од 2011 година и дека тоа што се уште има висок процент на економска даночна евазија, корупција, сива економија, криминал, значи дека се прави нешто погрешно.
„Овие пет месеци по преземаање на функцијата ги искористив да ги анализирам работите и забележав дека се започнува со политичката волја и даночната администрација. Како пример во 2022 година до нашата даночна администрација имало 24 барања за размена на податоци, а од наша страна само 5. Тоа го покажува интересот на нашата администрација за ова прашање. Затоа приоритет на новата Влада е да се бори со корупцијата и криминалот што претставуа еднинствениот начин како да ги зголемиме приходите во нашиот буџет. Имаме рамни и многу ниски даночни стапки и огромна сива економија и врз основа на тоа одлучивме дека е време да се работи на намалување на сивата економија. Во таа насока, а со цел ефикасно собирање на приходите потребно е да разменуваме инфромации и користење на сите капацитети што ни се на располагање“, истакна министерката и додаде дека даночната и царинската администрација се фокусирани на собирање на приходите и борбата со даночното затајување.
Министерката посочи дека размената на информации е многу важна и дека таа треба да се одвива автоматски, а не по барање, особено имајќи го предвид воведувањето на глобалниот минимален данок.
Министерката учествуваше на панел-дискусија посветена на напредокот на имплементација на стандардите за автоматска размена на информации.
Економија
Годишен раст на зелените кредити од 7,4 отсто заклучно со септември 2024 година
Зелените кредити бележат годишен раст во портфолијата на банките и во третиот квартал од 2024 година. Според податоците на Народната банка, на крајот на септември 2024 година, растот на зелените кредити во однос на истиот период лани изнесува 1,4 милијарди денари, или 7,4%. Во споредба со крајот на 2019 година, кога започна прибирањето и објавувањето на овие податоци, зелените кредити се зголемени за 2,8 пати. Зелените кредити се заеми наменети за проекти коишто поддржуваат одржливи, еколошки цели, или цели коишто придонесуваат за зелената транзиција во општеството, како што се инвестициите во нова еколошка технологија.
Според податоците на Народната банка, на крајот од третото тримесечје од 2024 година, состојбата на зелените кредити во билансите на банките изнесува 20.350 милиони денари. За споредба, на крајот на 2019 година тие изнесувале 7.176 милиони денари. Заклучно со третото тримесечје од 2024 година, состојбата на кредитите одобрени на компаниите изнесува 19.355 милион денари, додека на домаќинствата изнесува 995 милиони денари.
Уделот на зелените во вкупните кредити сѐ уште е на релативно ниско ниво, но од крајот на 2019 година, заклучно со третото тримесечје од 2024 година, се забележува промена од 2,2 % на 4,4 %.
Народната банка, препознавајќи ги ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ја постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија. Преку низа активности, нашата централна банка придонесува за поттикнување на зеленото финансирање, вклучувајќи ги и монетарните мерки.
За таа цел, Народната банка, на својата веб-страница од 2022 година почна да објавува и квартални податоци за кредитите за зелено финансирање одобрени на домаќинствата и нефинансиските друштва, коишто можете да ги најдете на следнава врска.