Култура
150 години од Зборникот на Миладиновци
Во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ денес се одржа свеченост со која беа одбележени 150 години од објавувањето на Зборникот на Браќата Миладиновци.
Во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ денес се одржа свеченост со која беа одбележени 150 години од објавувањето на Зборникот на Браќата Миладиновци.На свеченоста присуствуваа државниот секретар за култура, Дарко Стефановски, градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, директорот на градската библиотека „Браќа Миладиновци“, Бранко Цветкоски, академик Матеја Матевски, прв добитник на поетската награда „Браќа Миладиновци“ и повеќе други поети-добитници на најзначајната македонска награда за поезија.„Собрани сме да се потсетиме и да го одбележиме 150-годишниот јубилеј од појавувањето на великиот преродбенски Зборник на струшките браќа, кој означи една етапа од која веќе век и половина се искрева една јарка и просперитетна културно-книжевна матица околу која со децении се изгради и опстојува една бодра книжевна фаланга. Таа интергенерациска златна алка на современата македонска книжевност не може да се изземе од јазикот и од книжевното писмо кое некогаш како уметнички гениј на народот го препознаа, го собраа и му дадоа гласност меѓу народите, преподобните струшки браќа, чија судбина на трагично-симболичен начин заврши во цариградските зандани“, изјави Бранко Цветкоски, директор на градската библиотека „Браќа Миладиновци“.На одбележувањето на големиот јубилеј се обрати и градоначалникот на Град Скопје.„Создавањето на Зборникот на Браќата Миладиновци настанува во време кога македонскиот народ го чувствувал притисокот на антимакедонската пропаганда од неговите соседи, а и самата книга била замислена како силно и моќно оружје против таа силна и моќна машинерија. Зборникот на Браќата Миладиновци, од една страна, претставува вистинска антологија на македонската народна поезија, додека, од друга страна, историска книга која на Европа и на нејзината културна и научна јавност и го докажала постоењето на македонскиот народ како посебен народ со своја традиција и историја, и тоа токму преку богатството на македонските народни песни и умотворби, преку кои биле искажани копнежите и соништата за своја држава“, нагласи Коце Трајановски.Зборникот на Браќата Миладиновци се смета за меѓник на македонската култура и традиција и инспирација за следбениците на Димитар и Константин Миладинови.За историскиот миг во 1861 година, кога беше објавен Зборникот, на денешната свеченост говореше Марко Китевски од Институтот за македонска книжевност.„Историските сведоштва зборуваат дека на 24 јуни 1861 година првите примероци на Зборникот ја напуштиле печатницата на Анте Јакиќ во Загреб и биле испорачани на претплатниците. Овој ден го сметаме за празник на нашата национална култура затоа што Зборникот на Миладиновци не е обична книга, туку е култна книга за Македонците, книга што побудува емоции, книга што додека се држи во рацете предизвикува возбуда, онака како што тоа го прави Светото писмо. Во списокот на претплатниците на зборникот се наоѓаат значајни имиња на тогашниот научен, културен, образовен и духовен живот на пошироките европски простори, како Константин Петковиќ, Петар Прерадовиќ, Иван Мажураниќ, Аугуст Шеноа и други. Зборникот имал претплатници во Загреб, Белград, Карловац, Винковци, Марибор, Осијек, Љубљана, но и во Виена, Прага, Софија, Будим, дури и на Света Гора. Објавувањето на Зборникот на Миладиновци претставувал настан од првокласно значење“, нагласи Китевски.На свеченоста во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ присуствуваа голем број добитници на најзначајната награда за поезија во Македонија, наградата „Браќа Миладиновци“, која од 1964 година се доделува на Струшките вечери на поезијата.Од добитниците на наградата на свеченоста присуствуваа Матеја Матевски, Богомил Ѓузел, Славе Ѓ. Димоски, Санде Стојчевски, Весна Ацевска, Тодор Чаловски, Братислав Ташковски, Радован Павловски, Михаил Ренџов, Миле Неделковски, Влада Урошевиќ, Катица Ќулавкова, Ристо Лазаров, Петре Бакевски и други. Во рамките на свеченоста беа прочитани стихови од сите досегашни добитници на наградата „Браќа Миладиновци“, додека на присутните поети градската библиотека им подари релјеф со ликот на Браќата Миладиновци.Во име на поетите, за почетоците на доделувањето на наградата не потсети академик Матеја Матевски, кој е првиот добитник на оваа значајна награда.„Овој убав миг, што го доживуваме благодарение на градската библиотека која го носи името на Браќата Миладиновци, е во чест на името што е поврзано со сите нас и со творештвото што го создававме во текот на нашиот живот. Сакам да потсетам дека основањето на наградата „Браќа Миладиновци“ се случи во најдраматичните и најтрагичните околности за нашиот град. Тоа беше во 1963 година, непосредно по земјотресот, во оние денови и недели кога сите ние размислувавме дали треба таа година да го одржиме струшкиот фестивал. По многу разговори, сепак, заклучивме дека собирот на македонските и другите поети ќе биде израз на вистинска солидарност со нашиот град. Добитниците на тогаш востановените награди паричниот износ го дадовме како прв прилог за обнова на градот Скопје“, потсети Матевски.На денешната свеченост беа поставени две изложби. Едната беше збирка на различни изданија на Зборникот на Миладиновци, додека другата беше збирка на книги од добитниците на наградата „Браќа Миладиновци“.Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ им додели релјефи со ликот на Браќата Миладиновци и на Елизабета Канческа – Милевска, министерка за култура, и на Коце Трајановски, градоначалник на Град Скопје./крај/макфакс/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Излезе од печат стихозбирката „Гороцвети“ од Зора Златева
Книжевниот трезор во Охрид е побогат за уште една стихозбирка.
Деновиве во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“Охрид излезе од печат третата стихозбирка „Гороцвети“ од роднокрајната авторка Зора Златева.
Над триесетте песни и уште петнаесеттината минијатури се потврда за творечкиот и стилски растеж на поетесата Златева и се огледало на нејзиниот хабитус и ракурс на животот.
Дел од песните се лична експресија запишана на хартијата а останатите се собирани духовни приказни од околината и нечии судбини кои биле доволно инспиративни за авторката за таа да ги преточи во песни.
Претходно Златева во 2022 ја издаде стихозбирката „Блесок“ и две години подоцна „Сон“ а со свои песни е често застапена во збирки поезија издадени во Охрид и низ целата држава.
„Гороцвети“ веќе можете да ја зајмите во Библиотеката во Охрид.
Култура
Македонскиот народен театар со разнолик репертоар- од сценски спектакл, преку драми, до стендап
Македонскиот народен театар, 2026 година ја започнува со силен уметнички интензитет и разновидна театарска програма. Првиот месец во годината носи богат репертоар, кој опфаќа сценски спектакли, современи и класични драми и стендап-изведби на големата и малата сцена.
Програмата започнува на 15 и 16 јануари со големиот сценски спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“. Поради големиот интерес на публиката, двете изведби се целосно распродадени.

На 17 јануари, публиката ќе има можност да избере: драмската претстава „Бели ноќи“ на малата сцена, со почеток во 20 часот и стендап-настапот на Сашко Коцев „Широк дијафазон“, кој ќе се одржи на големата сцена со почеток во 20:30 часот.
Репертоарот продолжува на 20 јануари со претставата „Народен пратеник“, а на 21 јануари следува монодрамата „Торонто експрес“. На 22 јануари ќе биде изведена драмата „Варвари“, а на 23 јануари на репертоарот е претставата „Кец на десетка“.

На 24 јануари, големата сцена е резервирана за претставата „Бог на колежот“, со почеток во 20 часот, а истата вечер, на малата сцена во 21 часот, ќе се одржи новогодишното стендап-шоу „На терапија“ со Александар и Антонио.

На 26 јануари на репертоарот е „Мој термин“, а на 28 и 29 јануари се изведбите на претставата „12“.
Јануарската програма ќе биде заокружена на 30 јануари со претставата „Марта Верна“ и на 31 јануари со „Замисли нов свет“.
Култура
Балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“ на 23 јануари во Националната опера и балет
Балетскиот спектакл во два чина „Госпоѓа Бовари“ ќе се изведе на 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет.
На 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“, дело поставено во два чина, инспирирано од безвременскиот роман на Г. Флобер.
Балетот ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода, и стегите на општествените норми – тема која останува актуелна и денес.
Диригент е гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, додека кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19 век и емотивната комплексност на главниот лик. Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина). Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Јане Бакевски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.
Во главната улога на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Шарл Бовари, Франциско Хименез Руиз, Балаж Лочеи како Рудолф Буланже, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
„Госпоѓа Бовари“ ја претставува сложената психологија на главниот лик преку балет, музика и сценска уметност. Со внимателно избрани музички партитури и динамична кореографија, постановката ја доловува борбата на Ема Бовари меѓу личните желби и општествените ограничувања. Секоја сцена е внимателно дизајнирана да ја истакне емоционалната длабочина, визуелниот сјај и современиот пристап кон класичната приказна, создавајќи незаборавно сценско искуство.

