Македонија
Се зголемуваат платите на полицајците

Зголемување на платите за пет отсто добиваат полицајците во април, а до 2017 година, платите ќе им се зголемат за 20 отсто, со што ќе се изедначат со оние на цариниците, најави минстерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Паралелно со овој процес, ако дојде до покачување на платите на останатите вработени во администрација, тоа ќе важи и за вработените во МВР, односно тоа ќе биде ново дополнително покачување независно од процесот на усогласување на платите.
„Како Влада низ еден партнерски дијалог во интерес на сите засегнати и во соработка со македонскиот полициски синдикат, работевме на Стратегија за усогласување на основната плата во МВР со основната плата со слични служби од јавната администрација и постигнавме договор усогласувањето да биде со платите во Царинската управа, при што освен тоа што ќе се обезбеди: етапно усогласување на платите во МВР ќе се признае и посебната улога на МВР во општеството заради ризиците, функциите кои ги врши и специфичните задачи во кои не се вклучени други структури на јавната администрација“, рече Јанкулоска, на прес-конференција.
Мерката директно ќе ја почуствуваат повеќе од 10.000 вработени во МВР, но и сите членови на нивните семејства.
Потенцирајќи дека полициските службеници и другите службени лица во МВР со нивното залагање и посветеност на работата го заслужуваат ваквиот третман Јанкулоска исто така истакна дека почнувајќи веќе од наредниот месец, односно со исплатата на априлската плата која се добива на почетокот на мај, вработените во МВР ќе добијат плати кои ќе бидат повисоки за 5 отсто во однос на нивната мартовска плата која деновиве ќе биде исплатена.
За оваа намена Владата обезбеди дополнителни 250.000.000 денари до крајот на годинава. Усогласувањето ќе продолжи и во наредните две години и на крајот на 2017 година основната плата на лицата со посебни должности и овластувања ќе се изедначи со основната плата на лицата со посебни должности и овластувања во Царинската управа.
Тихо Климовски, пак, претседател на Македонскиот полициски синдикат истакна дека здравиот социјален дијалог со МВР, придонесе да се отпочне со процес на усогласување на платите и дека обемната компаративна анализа на работни тимови од синдикатот и МВР вроди со плод.
„Ова покачување ќе ја зголеми мотивираноста во извршувањето на службените обврски, ќе овозможи и реализација на актите кои се во завршна фаза на донесување во МВР односно на новиот Колетивен договор во МВР“, рече Климовски./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Градоначалникот Ѓорѓиевски со жителите на Црниче го одбележа празникот Балаклија

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес беше присутен на местото Балаклија во Црниче, каде заедно со жителите го прослави Источен Петок, значаен православен празник кој секоја година се одбележува на првата недела по Велигден. Тој истакна дека посебно му е драго што ова свето место, на кое се наоѓа изворот, беше ослободено од узурпација, вратено на жителите оплеменето со нови содржини кои овозможуваат вистинско уживање на сите кои го посетуваат, информира општина Кисела Вода.
Го истакна своето задоволство што следната година ќе ја има честа токму тој да биде кум на овој значаен настан.
– Нека е за многу години Источен Петок – Балаклија! Другата година кумството е мое, дар од Бога за што ми е огромна чест! Денес, заедно со мојот народ од Црниче го славиме овој голем празник кој спаѓа во Светлата Недела. Празник посветен на Пресвета Богородица на кој ѝ се оддава признание и се верува дека на овој ден му ги миела раните на Исус Христос, па затоа водите од изворите денеска се лековити и верниците масовно ги посетуваат за да ги измијат очите и лицето. Ова култно место во Црниче на кое има извор и кое до лани беше узурпирано, го ослободивме и го вративме на жителите, оплеменето со содржини за вистинско уживање и рекреација на сите кои го посетуваат. Горд сум на сплотеноста на мојот народ на ваквите денови, затоа Македонија е богата земја која меѓусебната љубов и почит ја одржувала низ вековите.
За многу години да ни е, здравје и бериќет кај сите-изјави градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Нов напад врз социјален работник во Скопје – фрлани предмети кон вработените, искршен и инвентарот

Тетовец во текот на вчерашниот ден физички нападнал вработен во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Скопје.
Нападнатиот е 41-годишен социјален работник, кој бил на своето работно место.
Тетовецот кој упаднал во установата оштетил и дел од инвентарот, фрлал тврди предмети и им се заканувал и на другите вработени.
Од МВР велат дека преземаат мерки за расчистување на случајот.
Она што загрижува е што ова се случува по само еден месец откако беше застрелана социјална работничка во Прилеп, што предизвика протести ширум земјата. Зад овој напад стоеше 50 годишен маж, кој претходно побегнал од Психијатриската болница во Демир Хисар. Социјалната работничка беше префрлена во прилепската болница со прострелна рана, но надвор од животна опасност. Напаѓачот за кој подоцна се дозна дека подолго време ја демнел жртвата, беше приведен.
Социјалните работници кои долго алармираат дека се незаштитени, по овој настан излегоа на протести, барајќи нападот врз нив да се третира како напад врз службено лице, да имаат физичко обезбедување, психосоцијална поддршка, подобри услови за работа и построги санкции за насилниците.
На овие протести беше истакнато дека вработените во Центрите за социјална работа секојдневно се соочуваат со закани, вербални и физички напади додека ја вршат својата должност, а недостатокот на безбедносни мерки во институциите каде што работат сериозно го загрозува не само нивното физичко и менталното здравје, туку и квалитетот на услугите што ги обезбедуват.
Македонија
Испитувањето на оштетените од пожарот во „Пулс“ треба да почне на почетокот на мај

Испитувањето на оштетените од пожарот во „Пулс“ во Кочани се предвидува да почне од почетокот на мај.
Од Обвинителството појаснија дека во зависност од здравствената состојба на повредените, a според однапред утврден распоред, навремено ќе ги известат за остварување на нивните права и за вклучување во постапката со нивно испитување.
Во моментот се прибавуваат и сите контактни и адресни податоци за оштетените од пожарот и семејствата на настраданите, како и за нивните полномошници во постапката.
Се додава дека обвинителскиот тим кој постапува во предметот интензивно презема итни дејствија кои не трпат одлагање. Се вршат сослушувања и координација на вештачењата неопходни за обезбедување докази за кривичната постапка.