Култура
Промоција на два романа на Сибила Петлевски

Културната установа „Блесок“ во понеделник, во 21 часот во „МКЦ-клуб“, ќе промовира два романи на Сибила Петлевски, преведени на македонски јазик. Станува збор за романите „Мојот Антонио Диаволо“ и „Време на лаги“ (прв дел од трилогијата „Табу“)
Промоцијата е замислена како мултимедијален перформанс со наслов „Од во празно“, составен од три компоненти: симфониска поема изведена од компјутерски и видеокомпилации на Давид Газаров и поезија која во живо ја изведува Сибила Петлевски. Премиерата на „Од во празно“ е изведена во рамките на Риечките летни ноќи на 6 јули 2010 во Астрономскиот центар во Риека, а првата изведба во Загреб е одржана на 12 октомври 2010 во Музејот на современата уметност.Романот „Мојот Антонио Диаволо“ е објавен со поддршка на Програмата за култура (2007 – 2013) на Европската Унија и Министерството за култура на Република Македонија. Романот „Време на лаги“ е добитник на најпрестижната хрватска награда – Годишната книжевна награда „Т-Портал“ за 2010 година, а објавен е со поддршка на Министерството за култура на Република Хрватска. Двата романи од хрватски јазик ги преведе Игор Исаковски.„Контактот со Сибила го имаме оддамна. Покрај овие два романа, досега во издание на ‘Блесок’ се појавија уште две нејзини книги: избор поезија со наслов „Споени лица“, објавена на три јазици – македонски, хрватски и англиски, и романот „Ноќен тренинг“. Претходно објавивме текст за нејзиниот татко, сликарот Ордан Петлевски. Подоцна се сретнувавме на различни книжевни манифестации во Хрватска, а во последно време сè почесто е гостин во Македонија, и поради нејзините научни и академски ангажмани, и како автор кој веќе има четири објавени книги, и како автор кој и натаму ќе го преведуваме и објавуваме“ , рече Игор Исаковски од културната установа „Блесок“.Сибила Петлевски е писателка, научник, авторка на поетски, прозни, театарско-теориски книги и драмски текстови, преведувачка, универзитетска професорка, уредничка и перформерка родена во Загреб. Дипломирала, магистрирала и докторирала на Филозофскиот факултет на Загрепскиот универзитет. Предава драматургија на Академијата за драмски уметности. Членка е на Европската поетска академија и француската поетска академија „Маларме“. Преведувана е и застапена во повеќе национални и неколку меѓународни антологии. Настапувала на сите поважни светски книжевни фестивали. Од 2001 до 2005 г. била претседателка на Хрватскиот ПЕН. Членка е на управата на Меѓународниот ПЕН. Авторка е на пет тома научни и стручни книги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.