Култура
Награди за филмот „Ајде бре“ во Кина

Македонско-турскиот игран филм „Ајде бре“ на режисерот Орхан Огуз доби две главни награди на фестивал во Кина.
Македонско-турскиот игран филм „Ајде бре“ на режисерот Орхан Огуз доби две главни награди на фестивал во Кина.На 14-тиот Интернационален филмски фестивал во Шангај, филмот „Ајде бре“ е прогласен за најдобро филмско остварување, додека актерот Шефкет Емрула ја доби наградата за најдобра машка улога.Филмскиот фестивал во Шангај е единствен од А-категоријата на интернационални фестивали во Кина, а годинава се одржа во средината на јуни. Филмот на Орхан Огуз учествуваше во натпреварувачката програма на фестивалот.Филмот „Ајде бре“ е македонско-турска копродукција и се снимаше минатата година, на локации во Македонија и во Турција. Станува збор за автобиографска приказна во која режисерот го отсликува својот долгогодишен сон за својот дедо кој потекнува од Балканскиот простор.Главната улога му беше доделена на Шефкет Емрула, кој првпат застанува пред филмската камера, а наградата ја освои, како што образложи жирито „за неговата работа која е совршена, едноставна, но полна со значење и смисла“.Турскиот режисер Орхан Огуз е меѓународно познат и досега има добиено повеќе награди. Во овој период ја режира турската ТВ-серија со наслов „Задни улички“ (Арка сокаклар).Главните улоги во филмот „Ајде бре“ ги толкуваат Нилуфер Ачкалин, актерка од Турција, и Шефкет Емрула од Македонија. Во останатите улоги настапуваат Ертан Шабан, Луран Ахмети, Перихан Туна, Мустафа Јашар, Абдурахман Рахман, актери од Македонија, како и други актери од Турција.Турски продуцент е Јасемин Кучукчавдар Гулер од продуцентската куќа „Кардес Санатлар филм продукција“. Македонски продуцент е Владимир Анастасов од продуцентската куќа „Сектор филм“.Македонската премиера на филмот е планирана на есен годинава, соопштија од „Сектор филм“./крај/макфакс/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.