Култура
Канческа-Милевска го претстави „Учиме архитектура“ на Венециското биенале 2010

Министерот за култура Елизабета Канческа – Милевска денеска, во палатата „Арсенале“ во Венеција, го претстави проектот „Учиме архитектура“ со кој Македонија годинава ќе учествува на 12. Венециско биенале на архитектура
Станува збор за просторна инсталација од 175 гипсани елементи, поставена на 65 метри квадратни. Ја изработија 101 студент од првата година на Архитектонскиот факултет.Министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска во палатата „Арсенале“ во Венеција се обрати на претставувањето на проектот „Учење архитектура“ на професорите Митко Хаџи-Пуља и Минас Бакалчев и тимот професори, асистенти и студенти од Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, кои годинава ги бранат архитектонските бои на Република Македонија на Биеналето за архитектура во Венеција. „Препознавајќи ги значењето и вредностите што произлегуваат од оваа манифестација, Министерството за култура четврта година по ред ја дава својата поддршка за македонско учество на Биеналето за архитектура овде, во Венеција. Поддршката што ја обезбедува Република Македонија за ова претставување во Венеција е само дел од непорозната стратегија на Владата на Република Македонија и на Министерството за култура за рамноправно негување на сите дејности чиј заеднички предзнак е културата“, истакна министерот за култура Канческа-Милевска. Таа пред присутните подвлече дека за Република Македонија, Биеналето за архитектура претставува вистински предизвик и вистинска можност да ги покаже и да ги сподели своите архитектонски достигнувања и креативни идеи пред европската и пред светската јавност.„ Предизвикот што го носи архитектурата според европските и светските стандарди, им ги отвора вратите на македонските архитекти за рамноправно учество во модерните инцијативи кои се обележје на новото време. Македонија е земја која се стреми да го постигне врвот во сите уметнички форми, мерејќи ја и квантитативно чувствената вредност на делата пред особено рафинирани уметнички консументи, какви може да примами само Венеција. Венециското биенале е, всушност, една голема, речиси непрекината изложба чија единствена константа е постојаната метаморфоза на поставки и случувања. Сето тоа и подарува на Венеција културна динамика по што е единствена во светот – додаде Канческа-Милевска.Комесар на македонското претставување на Биеналето за архитектура во Венеција кое ќе трае до 21 ноември, а се одвива под мотото „Луѓето се среќаваат во архитектурата“, е Музејот на град Скопје.„Учиме архитектура“ е вид презентација на проектот „Архитектонско студио 1/2“ преку кој студентите првпат стануваат свесни за поимот, функцијата и правењето архитектура, објаснија професорите Минас Бакалчев и Митко Хаџи Пуља кои го предводат македонскиот тим во Венеција.Изложбата е практично инспирација од просторија на Архитектонскиот факултет во која учествувал секој студент од прва година. Потоа, индивидуалните проекти се аранжирани во еден заеднички на ист простор, а претставуваат привремени живеалишта за тројца според сопствено сценарио. Идејата за концептот произлегла од темата на интернационалната манифестација „Луѓето се среќаваат во архитектурата“ и од нејзината директорка, јапонската архитектка Казујо Сејима, чија работа и значење на меѓународната сцена била посебна инспирација за професорите Бакалчев и Хаџи Пуља. Македонските претставници, вкупно 75, за Италија заминаа на 21 август со цел навреме да ја подготват инсталацијата зашто официјалниот дел на Биеналето трае од 26 до 28 овој месец. Тема на Венециското биенале 2010 што почна вчера, а ќе трае до 11 ноември, е „Луѓето се среќаваат во архитектурата“. Жири комисијата ќе има за задача да ги одбере најдобрите проекти од повеќе држави и да ги додели наградите „Златен Лав“ и „Сребрен Лав“. Македонската изложба се организира со поддршка на Министерството за култура и Музејто на Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Љутков: Да изградиме индустрија што ќе создава игри со македонски печат и глобален потенцијал

Денес во Скопје беше отворена првата конференција за развој на видеоигри во Македонија „Game Dev Rev 2025“, во организација на Асоцијацијата на македонската индустрија за видеоигри (MGI).
Со своето обраќање пред присутните, министерот за култура и туризам Зоран Љутков нагласи дека оваа конференција не претставува само промоција на видеоигри, туку е симбол на креативноста, младинската енергија и новата културно-економска реалност за Македонија.
„Дали знаете што имаат заедничко една добра видеоигра и една успешна културна политика?“-праша министерот во своето обраќање. Двете почнуваат со идеја, момент на инспирација, што, ако е поддржан на вистински начин, може да прерасне во нешто големо. Некогаш дури и светски“, рече Љутков.
Министерот посочи дека индустријата за видеоигри денес е една од најбрзорастечките културни и економски гранки во светот, со годишен приход што го надминува оној на филмската и музичката индустрија. Таа индустрија, како што истакна, претставува спој на уметност, технологија, наратив и дизајн, и создава нови можности за младите.
Тој информираше дека Министерството за култура и туризам ја даде својата поддршка за иницијативата на асоцијацијата и за сите професионалци, ентузијасти и визионери вклучени во неа.
„Ова не е само конференција, туку повик до нашите млади креативци, дизајнери и програмери да го препознаат својот потенцијал, да се поврзат, да учат и да создаваат. Тука се гради иднината на македонската гејминг-индустрија,“ рече министерот.
Во своето излагање, министерот се заложи за поголема поддршка на новите културни индустрии, особено оние што го поврзуваат младинскиот потенцијал со глобалните трендови и носат нова економска вредност за земјата.
„Да го искористиме овој почеток за да создадеме заедница што ќе расте и ќе создава игри со глобален потенцијал–но со македонски печат,“ рече Љутков.
На конференџијата особено значајно беше присуството на претставници од Европската федерација за развој на видеоигри, како и поддржувачи од целиот регион и Европа, што претставува силен сигнал дека Македонија се позиционира како активен чинител на дигиталната и креативна мапа на Европа.
Култура
Сиљановска-Давкова: Фестивалот „Игор Маџиров“ уште еднаш покажа и докажа дека театарската моќ допира до сите генерации

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер се обрати на свеченото отворање на четвртото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, којшто под слоганот „Сцена за сечиј сон“, и годинава се одржува под нејзино покровителство.
За неа, фестивалот, иако е насочен кон најпрефинетата и најпробирливата целна група- најмладите, со оригиналниот и искрен пристап ги заведува, радува и восхитува не само нив, туку и возрасните, будејќи го детето во нив.
Според претседателката, името на фестивалот го отсликува и наликува на профилот и сензибилитетот на извонредниот, прерано починат Маџиров, чии незаборавни улоги од него направија театарска легенда.
Акцентирајќи ја не само естетската туку и педагошката мисија на „Театарот за деца и младинци“, Сиљановска-Давкова изрази неизмерна почит кон актерите и сите вработени во театарот кои, од скромен, но топол амбиент, небаре волшебници, создаваат прекрасна сцена, налик на онаа од соништата.
Таа укажа на потребата од нова, пристојна тетарска куќа, обраќајќи се до надлежните институции со зборовите: ,,Уште еднаш посакувам овој минијатурен дом на „Театарот за деца и младинци“ да порасне, како што пораснаа децата кои во изминатите три децении го посетуваа и му се насладуваа. Просторното растење нека соодветствува на потребите на домаќините, но и на гледачите”.
Култура
Наградена со Стериина награда, славена во Белград – претставата „Народен пратеник“ на МНТ сега патува за Брчко

Со претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин, Македонскиот народен театар ќе настапи на претстојните 42. Интернационални театарски средби „Брчко Дистрикт“ во Босна и Херцеговина.
Фестивалската програма се одржува од 16 до 24 октомври, а МНТ ќе настапи на втората фестивалска вечер, утревечер, на 17 октомври.
Фестивалот „Брчко Дистрикт“, со речиси половина век традиција, важи за еден од најрелевантните во регионот, познат по специфичниот пристап кон продукцијата, селекцијата и наградувањето на претставите и поединците.
Селектор на годинашното издание е култниот и харизматичен актер и режисер, Ирфан Менсур.
Летово, претставата „Народен пратеник“ доби Специјална Стериина награда за колективна актерска игра во Нови Сад и е сè поактуелна во регионалниот театарски простор.
Веднаш потоа беше изведена и во Народно позориште во Белград, каде Менсур фасциниран од актерската игра ја вклучи претставата во официјалната селекција на фестивалот во Брчко, со зборовите „Значаен пример на сценска интерпретација на класичен текст“.
Режијата на Савин ја задржува суштинската визија на Нушиќ, избегнувајќи радикални режисерски интервенции. Наместо тоа, фокусот е ставен на колективната актерска игра и јасната критика на политичкиот театар, испорачана интелигентно, духовито и трезвено.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (со снимен глас), како и ансамблот: Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.
Ова е трето учество на МНТ на фестивалот во Брчко. Во претходните години, театарот има учествувано со претставите „Народен непријател“ и со „Нема да биде крај на светот“ и двете во режија на Нина Николиќ.