Култура
Симон Трпчески: Уметниците се најголеми амбасадори на своите држави

Познатиот македонскиот пијанист Симон Трпчески се наоѓа на северно-американска турнеја од почетокот на февруари која ја започна во Сиетл, продолжи со својот прв рецитал во главниот град Вашингтон, во престижниот Центар Џон Кенеди, а оттука замина за Ванкувер, Канада
Настапите на Симон Трпечски на овој континент ќе ги заврши во познатата симфониска сала „Волт Дизни“ Лос Анџелес, следниот месец.Пред вашингтонската публика во Центарот „Кенеди„ се претстави со соната во це-мол од Јозеф Хајдн, со дела од Шопен и од македонскиот композитор Панде Шахов. „Најважно е човек професионално да си ја извршува својата работа. Јас тоа го правам на највисоко можно ниво. Во мојата професија нема импровизација и го правам тоа со огромна љубов. Еден комплимент што го добив во Сиетл е дека јас водам љубов со пијаното, и тоа кажува се`. Мислам дека ние уметниците сме најголеми амбасадори на своите држави“, вели маестро Симон Трпчески. Три вечери по ред во салата Дејвис симфони, во Сан Франциско, Трпчески ќе биде солист во изведбата на Концертот за пијано и оркестар од Григ, со Симфонискиот оркестар на Сан Франциско, под диригентската палка на Василиј Петренко.На нашата забелешка дека според познавачите – еднаш славен е засекогаш славен, пијанистот Трпчески вака реагираше: „Кога бев многу помал дадов интервју за Вечер. Насловот на текстот беше „Врвот ми е цел“. Се разбира дека врвот е многу релативна работа. До одреден момент во кариерата велат – ти работиш за името, а потоа тоа работи за тебе. Но, ти треба да работиш за себе и, како што велат, за самата музика. Јас нема да дозволам славата да работи за мене. Многу е потешко да одржиш едно ниво што си го достигнал отколку да го достигнеш тоа ниво“, вели Трпчески. На 16-ти април концертната серија продолжува со три настапи во престижната сала на Волт Дизни, во „Градот на ангелите“. Зад диригентскиот пулт на Филхармонискиот оркестар на Лос Анџелес ќе застане Јаап Ван Сведен, а на програма е Првиот концерт за пијано и оркестар на Рахманинов.Чудото од Македонија или виртуозот по пијано, како што го нарекуваат овдешните критичари е 35- ти пат во САД. И не запира тука. Најави дека во октомври на репортоарот во Центарот Џон Кенеди ќе има самостоен рецитал со вашингтонската симфонија. За САД вели дека се држава која знае да ги награди и поддржи квалитетните уметници и за возврат, тој лично, вели, секогаш вложува максимум енергија и посветеност.До крајот на следниот месец следат и три концертни вечери во Хјустон, пред да замине за Европа за двата концерта со Стразбуршкиот филхармониски оркестар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.