Економија
Македонија за периодот 2014-2020 година од ИПА може да смета на 664 мил. евра

Европската комисија во петок објави на колку средства од претпристапниот фонд(ИПА) ќе можат да сметаат земјите од западен Балкан и Турција во периодот 2014-2020 година.
Од вкупно 11 милијарди евра, наменети за кандидатите и потенцијалните кандидати за членство, на најмногу пари може да смета Турција со 4,4 милијарди евра, потоа Србија со 1,5 милијарди, Македонија со 664 милиони евра, Албанија со 649 милиони, Косово со 645 милиони и Црна Гора со 270 милиони евра.
Преостанатиот износ од 2,9 милијарди евра е наменет за прекугранични проекти и за Босна и Херцеговина, која средствата ќе ги добие подоцна заради непостоење координација во земјата.
„Финансиската помош ќе биде насочена на стратешките приоритети во земјите кои сакаат да се придружат на Европската унија, како и за јакнење на регионалната и територијалната соработка и инвестициите. Клучните подрачја вклучуваат владеење и реформа на јавната администрација, владеење на правото и основните права, како и поддршка на економскиот раст и конкурентноста“, наведува Комисијата. /крај/хн/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Цените на нафтата паѓаат

Цените на нафтата паднаа под 61 долар на меѓународните пазари денес, поради мрачни проценки за вишок понуда и знаци за затоплување на односите меѓу САД и Русија што би можело да значи полесен пристап до руска нафта.
На лондонскиот пазар, цената на барел по пладне беше за 72 центи пониска отколку на затворањето на трговијата на крајот од минатата недела, на 60,57 долари. На американскиот пазар, барелот се тргуваше по цена за 66 центи пониска, на 56,88 долари.
Расположението на пазарите е намалено од проценките за вишок понуда на крајот на оваа година и почетокот на следната година.
Понудата брзо расте, додека побарувачката е пригушена, објави Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) минатата недела.
Во такви услови, светските залихи достигнаа највисоко ниво за четири години во август, од 7,9 милиони барели, пресмета агенцијата, а вишокот на понуда треба нагло да се зголеми најдоцна од следната година.
Инвеститорите се загрижени и за затворањето на американската влада поради спор околу буџетските трошоци.
Демократите го условуваат прифаќањето на предлогот за буџет за 2026 година со продолжено финансирање на програмата за здравствено осигурување за најранливите групи граѓани, додека републиканците ја отфрлаат оваа отстапка.
Дури 750.000 владини службеници би можеле да бидат испратени на неплатен одмор, што исто така ќе значи пониски трошоци, предупреди независниот институт CBO.
Економија
Инженерите на „Фероинвест“ го претставија на „МАКО CIGRE“ најновиот проект за батериски системи

Фероинвест учествуваше на годинешната конференција на МАКО CIGRE, каде беше презентиран трудот на тема „Интеграција на батериски систем од 1.6 MW / 3.73 MWh во постоечка фотоволтаична централа“.
Трудот, подготвен од инженерите Стефани Георгиевска, Сандра Цветанова, Сашо Милевски и Војдан Андонов, претставува практичен пример за примена на домашно знаење и технологија во проектирање и изведба на современи системи за складирање електрична енергија (BESS).
Со овој проект, ФЕРОИНВЕСТ ја демонстрира својата инженерска подготвеност за интеграција на батериски системи, кои се клучен дел од енергетската транзиција и овозможуваат поголема ефикасност, стабилност и исплатливост на инвестициите во обновливи извори на енергија.
„ Македонија располага со знаење и експерти кои можат да реализираат високотехнолошки енергетски решенија според европски стандарди, што се покажа со тоа што нашите инженери ја инсталираа првата лиценцирана батерија за складирање електрична енергија во земјава“ изјавија од Фероинвест.
Анализите прикажани во трудот потврдуваат дека ваквите системи се профитабилни и економски оправдани, со период на поврат на инвестицијата од околу 4 години и значителна добивка во текот на работниот век на батеријата.
Тоа ги прави батериските системи не само технолошка потреба, туку и одлична можност за инвеститорите кои сакаат да вложуваат во модерна, стабилна и исплатлива енергетика.
На советувањето на здружението на професионалци, инженери, универзитетски професори и компании од енергетскиот сектор во Македонија, МАКО CIGRE, ФЕРОИНВЕСТ одржа и посебна корпоративна презентација на која ги запозна присутните со сите проекти за кои компанијата нуди решенија ,,клуч на рака”, за батериски системи, фотонапонски електрани, мали хидроелектрани, биогасни електрани, производство на трафостаници, со комплетно вклучено проектирање, изведба, одржување и откуп на електричната енергија.
ПР
Економија
Нови цени на горивата од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,93 % во однос на одлуката од 13.10.2025 година.
Од 21.10.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 67,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 36,047 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,047 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,614 ден/кг и сега ќе изнесува 36,047 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,270%, кај дизелот за 3,247%, кај екстра лесното масло за 3,963% и кај мазутот намалувањето е за 3,144%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,5468%.