Економија
Проектот Костурино доби приоритет во македонско-турската соработка во земјоделието

Проектот Костурино ќе добие приоритет поради специфичната локација на местото и потребата на индивидуалните земјоделски производители за одгледувањето на тутунот како една од стратешките култури во Македонија, како и локацијата за мала хидроакумулација која веќе постои, беше договорено во понеделникот на средбата на министерот за Љупчо Димовски и експертскиот тим од Турција
Оваа средба е резултат на минатогодишната посета на министерот за земјоделие Димовски на Анкара и средбата со министерот Вејсел Ероглу, кога беше договорено експертски тим од турското министерство за шумарство и водостопанство да понуди стручна помош на македонските партнери во областа на наводнувањето со проектирање на мини хидроакумулации.
Министерот Димовски на денешната средба во Министерството за земјоделие, водостопанство и шумарство во Скопје напомена дека изградбата на овие мали хидроакумулации претставува голема помош за индивидуалните земјоделски производители во производството на земјоделски култури.
Турските експерти, од своја страна ветија помош со своето знаење и искуство во проектирањето на предвидените мали хидроакумулации. Притоа беше истакнато дека во текот на седмицава предвидени се теренски посети на системите за наводнување.
Димовски, исто така на средбата истакна дека во изминатиот период, а и периодот што следи, македонската Влада и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во целост се посветуваат на наводнувањето, односно веќе е започната темелна реконструкција на системот за наводнување и изградба на големи хидрообјекти.
„Се работи според утврден план на активности за следните десет години, а во тек се подготовките за реорганизација на водостопанстопанскиот систем за негово подобро и засилено работење и ефикасност, како и негово функционално враќање на предвидените 96 илјади хектари земјоделска површина”, истакна Димовско.
По проектирањето на овие мали хидроакумулации, турските експерти во следната фаза предвидуваат и воспоставување на системот за наводнување капка по капка.
Димовски истакна дека министерството целосно стои на располагање за секаква соработка и помош која ќе им биде потребна на турските експерти во текот на работењето./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска – Колумбија: Соработката со Обединетите нации е клучна за унапредување на националните политики

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работен состанок со Рита Колумбија, Постојана координаторка на Обединетите нации во Македонија.
На средбата беше разговарано за можностите за продлабочување на соработката во областа на обновливи извори на енергија, енергетската ефикасност, поддршка на ранливите категории и развој на иницијативи за климатски промени и животна средина.
Една од клучните теми беше поддршката од Обединетите нации за организацијата на 14-тиот Интернационален форум за енергија за одржлив развој (14-ИФЕСД), којшто во организација на Министерството за енергетика ќе се одржи од 28-30 октомври 2025 година во Скопје, Република Северна Македонија. Рита Колумбија ја потврди подготвеноста Обединетите нации да помогнат за учество на релевантни говорници на високо ниво, што ќе ја зголеми значајноста и ефектот од форумот.
„Соработката со Обединетите нации е клучна за унапредување на националните политики и за обезбедување конкретна корист за граѓаните. Со поддршката на ОН за нашиот форум ќе можеме да обезбедиме експерти и релевантни говорници кои ќе ја кренат дискусијата на високо ниво.“ истакна министерката Сања Божиновска.
На средбата беше дискутирано и за можностите за продлабочување на соработката околу Зелениот финансиски инструмент, воведување на државни обврзници врзани со одржливост и поддршка на енергетските заедници, со цел обезбедување на поинклузивни и одржливи решенија за граѓаните.
Економија
Почна со работа новата хала на „Амфенол“ во Кочани

Започна со работа новата хала на „Амфенол“ во Кочани. Премиерот, Христијан Мицкоски, кажа дека станува збор за инвестиција којашто е трудо-интензивна близу 3.200 вработени, со план за нови 500 вработувања, во две фази.
„Од тоа што разговаравме со директорот, во новите две хали, зборувам за оваа којашто сега ја гледате позади нас, којашто е во фаза на изработка и таа што догодина ќе започне, ќе имаме исклучително висока технологија, којашто одговара на најсовремените технолошки процеси. Така што, јас сум навистина задоволен што можам да кажам дека како Влада поддржуваме директни инвестиции, домашни, странски инвестиции, не само преземајќи го институционалниот ризик, туку и финансиски. Преку програмата ќе ги поддржиме овие нови инвестиции на компанијата, „Амфенол“ тука во Кочани, како што кажа и директорот во иднина планираме и во одредени други градови да се прошири инвестицијата на „Амфенол“. Така што за нас компанијата претставува стратешки партнер“, рече Мицкоски.
Економија
Нови цени на горивата

Од ноќеска на полноќ, бензините поевтинуваат за половина денар, а дизелот за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 0,50 ден/лит, и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 74,00 ден/лит, додека малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 76,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ 1), се намалуваат за 1,00 ден лит и со тоа малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 67,50 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) изнесува 67,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 1,143 ден/кг, и со тоа малопродажната цена на Мазутот М-1 НС изнесува 38,643 ден/кг.