Економија
Забавен раст на активностите во фабриките во еврозоната во март
Растот на активностите во фабриките на еврозоната во март подзакочил како и што се очекуваше, покажаа најновите податоци од лондонскиот институт за собирање и обработка на економските податоци Markit, укажувајќи сепак на очигледното раширено заздравување во рамките на 18-члената економија.
Конечниот индекс на менаџерите на набавка (PMI) кој ги составува лондонската истражувачки институт Markite врз основа на анкетата меѓу челниците на илјада компании во март, така, во март е намален на 53 поени, од 53,2 поени во февруари, според податоците објавени во вторникот.
Што се донесува до најголемите економии во 18-члената еврозона, Франција, втората според обемот економија во економската унија, покажала нови знаци на заздравување, додека растот на активностите во Германија, најголемата економијата во еврозоната, останал силен. Италијанскиот PMI зголемен е на највисокото ниво во последните два месеца, додека шпанскиот го забележал највисокото ниво во последните 47 месеци.
„Истражувањето сведочи за раширеното заздравување на активностите во производствениот сектор, со раст на производството втор месец со ред, во сите земји во коишто е спроведено истражувањето”, изјави за Reuters главниот економист на лондонскиот институт, Крис Вилијамсон.
Загрижувачко за политичарите, сепак, е намалувањето на цените на коешто повторно се вратија компаниите за да го поддржат работењето. Соодветниот подиндекс се спушти така под 50 поени, што укажува на пад на цените, и тоа првпат од август 2013 година.
Годишната стапка на инфлацијата во еврозоната се спуштила на само 0,5 отсто во март и така е на најниското ниво од ноември 2009 година, како и забележително под целените околу 2 процента од страна на Европската централна банка (ECB).
Целото внимание сега е насочено кон редовното месечно заседание на Европската централна банка во четврток, иако не се очекува ублажување на монетарната политика.
Индексот кој го мери производството, кој претставува компонента на збирниот индекс PMI за еврозоната и добриот показател на состојбата на економиите, благо е зголемен во март, достигнувајќи 55,6 поени, од 55,3 поени колку што изнесуваше во февруари. Од Markit, меѓутоа, сепак предупредуваат дека забавениот доток на порачки и забавениот раст на производството би можеле да ги придушат бројките во април, како и дека дефлаторните сигнали би можеле да ја зголемат веројатноста од натамошни поттикнувања од страна на ECB./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Минималната плата ќе се зголеми во март за 1.500-2.000 денари, зголемување пред март ќе значи отпуштање работници, вели Дурмиши
Економско – социјалниот совет на денешната седница не се договори за зголемување на минималната плата барем на 500 евра, според барањето на Сојузот на синдикати на Македонија од мај 2024 година, пред изборите. Министерот за економија Бесар Дурмиши по седницата кажа дека минималната плата во март, со редовното усогласување ќе се зголеми за 1500 до 2000 денари, точно ќе се знае по Нова година, а интервентно зголемување на минималната плата рече дека ќе значи отпуштање работници од малите и средни претпријатија кои нема да го издржат ударот.
„Проекциите се дека следната година инфлацијата ќе падне под 3%. Ние како Влада никогаш не сме биле против зголемување на минималната плата туку преку дијалог оставаме таа да биде договор помеѓу работодавачите и работниците. Сепак, според нашите индикатори во вакви економски услови нема оправданост за интервентно зголемување на минималната плата пред редовното усогласување во март кое е јасно утврдено со закон и кое би било меѓу 1500 до 2.000 денари. Со интервентно покачување малите и средни претпријатија со економски и финансиски проблеми ќе ги отпуштаат вработените. Мене ако ме прашате 1000 евра треба да биде минималната плата, може така да кажеме и да бидеме херои пред народот, но тоа ќе предизвика проблеми кои ќе се видат за два – три месеца“, рече министерот Дурмиши и нагласи дека во регионот добро стоиме оти пониска минимална плата отколку кај нас има во Бугарија, Албанија и Турција.
Го демантираше претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), пак, Слободан Трендафилов кој кажа дека од први јануари 500 евра е минималната плата во Албанија, 430 па од јуни 500 евра во Косово, 550 евра во Србија, а Босна и Херцеговина, се веќе далеку, минималната плата таму ќе биде колку просечната плата во Македонија.

Како и во 2022 година во јануари и февруари и оваа 2026 година Трендафилов вели дека ќе преземат конкретни мерки и активности за зголемување на минималната плата и на сите останати плати
Трендафилов вели дека на седницата се зборувало за различен износ на минималната плата кој се движел од 500 до 1000 евра, па остава простор Владата во следните денови да се изјасни за зголемување на минималната плата. Побара да се договорат што е можно побрзо оти во спротивно тие ќе се организираат и ќе постапат како пред три години.
„Ако ја чекавме претходната Влада во 2022 година да го почитува само законот за минималната плата, да не протестиравме, да не штрајкувавме за негова измена и промена на критериумите, денеска работниците ќе имаа 19.000 денари минимална плата“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Како и во 2022 година во јануари и февруари и оваа 2026 година Трендафилов вели дека ќе преземат конкретни мерки и активности за зголемување на минималната плата и на сите останати плати.
Минималната плата изнесува 24.397 денари.
Економија
Усвоен буџетот на Општина Илинден за 2026 година
Советот на Општина Илинден го усвои Буџетот за 2026 година, кој изнесува 742.557.000 денари, односно над 12,5 милиони евра.
„Споредбено со минатата година, може да се забележи значителен пораст во средствата со коишто ќе располага Општината. При неговото креирање беа земени предвид остварените приходи и расходи од претходните години, како и реалните проекции за приходите во 2026 година. Буџетот има изразена развојна насока и е подготвен согласно принципот на партиципативно буџетирање, со фокус на реалните потреби и барања на граѓаните и локалната заедница“, соопшти Општина Илинден.
Голем дел од планираните капитални инвестиции се насочени кон изградба, реконструкција и санација на локалните улици и патишта, со цел унапредување на патната инфраструктура во општината. Дополнително, се предвидуваат средства за подобрување на инфраструктурата во стопанските комплекси и локалните економски зони, како и за редовно одржување на постојната патна мрежа.
Во рамки на програмата за заштита и унапредување на животната средина, планирани се средства за изградба на фекална канализација, чистење на одводни канали и речни корита, одржување на јавната чистота, уредување и проширување на зелените површини, пошумување, како и доделување субвенции од најразличен вид со цел подигнување на еколошката свест кај граѓаните.
Буџетот предвидува и значајни вложувања во образованието и предучилишното воспитание, преку набавка на нова опрема, реконструкција и доградба на училишните објекти и детската градинка, како и инвестиции во развој на спортската инфраструктура.
Економија
ЕСМ: Потпишани договори за 97 милиони евра, започнува историски инвестициски циклус во обновливи извори
Денеска беа потпишани договорите за државна гаранција и договорите за заем во вкупна вредност од 97 милиони евра, наменети за два капитални енергетски проекти кои ќе ја трансформираат енергетската слика на државата, соопшти АД ЕСМ.
Од овие средства, вкупно, 87 милиони евра кон АД ЕСМ се наменети за најголемата фотонапонска електрана „Битола 3“, 50 милиони евра од КфВ и 37 милиони евра од Европската банка за обнова и развој(ЕБОР). Уште дополнителни 10 милиони евра од КфВ ќе бидат насочени за реализација на третата фаза од ревитализацијата на државните хидроелектрани.
На настанот на кој присуствуваше претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, договорите за државна гаранција ги потпишаа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, претставникот на ЕБОР во земјава, Фатих Туркменоглу и директорот на регионалната канцеларија на КфВ, Мориц Реме. Истовремено, генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, ги потпиша посебните договори за заем со претставниците на меѓународните финансиски институции.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска -Кочоска се заблагодари на Европската банка за обнова и развој и германската КфВ банка кои континуирано стојат зад Република Македонија во реализацијата на значајни проекти во инфраструктурата и особено во енергетскиот сектор и истакна дека Министерството за финансии преку обезбедување државна гаранција овозможи овој проект да добие вкупно 87 милиони евра – 50 милиони од КфВ и 37 милиони од ЕБОР, како и дополнителни 10 милиони евра за ревитализација на хидроелектраните.
„Со овие капитални инвестиции, заедно со АД ЕСМ, ја зајакнуваме домашната енергетска продукција, обезбедуваме стабилно снабдување со електрична енергија и ја поттикнуваме економската стабилност и одржлив развој. Министерството за финансии останува посветено на поддршка на проекти кои ја граделе иднината на нашата држава – зелена, економски силна и енергетски независна“, изјави Димитриеска-Кочоска.
Генералниот директор на АД ЕСМ, Узунчев, истакна дека овој чекор е од суштинско значење за оперативната одржливост на компанијата и за енергетската безбедност на Македонија.
„Нашите стратешки цели веќе се реализираат со голема динамика на терен. Токму денеска ги отвораме понудите за избор на изведувачи за фотонапонските електрани ’Осломеј 2’ и ’Битола 1 и 2’, а истовремено интензивно се работи и на теренска реализација на втората фаза од ветерниот парк ’Богданци’. Преку сите овие проекти, вклучувајќи ја и новата електрана ’Битола 3’, во следните две до три години ќе го зголемиме домашното производство од обновливи извори за повеќе од 200 MW. Тоа не само што значи енергетска стабилност, туку и значаен еколошки придонес со намалување на годишните емисии на јаглерод диоксид за повеќе од 260.000 тони, годишно“, изјави Узунчев.
Како што рече амбасадорката на СР Германија Петра Дрекслер, во текот на изминатите години, Германија и ЕУ обезбедуваа континуирана поддршка за земјава на патот кон одржлива и отпорна енергетска иднина.
„Договорите потпишани од Германската развојна банка KfW, ЕБОР, Владата и ЕСМ се уште еден чекор за овозможување непречена енергетска транзиција преку правилна комбинација на обновливи извори на енергија“, смета Дрекслер.
Посебен фокус во овој инвестициски циклус е ставен и на проектот Ревитализација на хидроелектраните, чија вкупна финансиска конструкција изнесува 47,3 милиони евра, заокружена со денешниот дополнителен договор за заем од КфВ и значаен грант од 10 милиони евра преку ВБИФ механизмот на Европската Унија. Реализацијата на овој капитален проект ќе резултира со зголемување на домашното производство на електрична енергија од нашите хидропотенцијали за дополнителни 50 GWh, годишно.

