Култура
Наградата „Денес 2011“ за Илија Прокопиев

Годишната награда за млад ликовен уметник „Денес 2011“ синоќа во Музејот на град Скопје му беше доделена на Илија Прокопиев.
Годишната награда за млад ликовен уметник „Денес 2011“ синоќа во Музејот на град Скопје му беше доделена на Илија Прокопиев.Центарот за современи уметности – Скопје, во соработка со Фондацијата за граѓанско општество од Њујорк веќе традиционално ја реализира Годишната награда за најдобар млад ликовен уметник во Република Македонија до 35 години. Наградата е насловена „Денес“, по еминентната македонска ликовна група од шеесеттите години.Право на аплицирање за учество на конкурсот имаа сите уметници на возраст до 35 години коишто оствариле самостојна изложба во 2010 година во Република Македонија.По доставување на апликациите од страна на уметниците и разгледување на истите, жирито во состав: Исмет Рамиќевиќ, уметник, Кристина Божурска, уметник, и Лазо Плавевски, историчар на уметност, како финалисти кои рамноправно учествуваа на годинашната изложба ги селектираше уметниците Ели Аиноска – Христовска, Илија Прокопиев, Благојче Наумоски – Бане и Филип Јовановски.Со одлука на жирито, наградата „Денес 2011“ ја доби Илија Прокопиев со делото „Студии за многу големи цртежи“.„Мојот мотив да се пријавам на конкурсот беше тоа што откако ја направив изложбата почувствував дека истата можеби треба да продолжи некако поинаку да живее и конкурсот за наградата „Денес“ беше вистинска шанса за тоа. На конкурсот учествував со дела кои беа изложени на мојата самостојна изложба, додека неколку дела се изработени по изложбата“, изјави Илија Прокопиев, откако дозна дека е добитник на наградата.„Секој потајно се надеваше дека ќе ја добие наградата. Се надевав и јас. Наградата „Денес“ и престојот во Њујорк што го обезбедува, пред сѐ, е голема мотивација, а Њујорк за секој млад уметник е големо искуство. Мојот престој таму ќе се обидам да го искористам на најдобар можен начин, со учење, средби и стекнување контакти и со посета на најзначајните светски музеи“, изјави Илија Прокопиев, за Макфакс.Уметникот Илија Прокопиев е роден во Скопје. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на сликарскиот оддел во класата на Антони Мазневски, 2008 година. Досега, на публиката и се претставил со три самостојни изложби, во Културниот центар Е-Werk, Фрајбург, Германија, Културниот центар ЦК и во Отворено графичко студио, Скопје. Има учествувано и на повеќе групни изложби и проекти во земјата и во странство. Се појавува и како илустратор на книги, а како постдипломец на Интердисциплинарните културолошки студии во Скопје при Институтот за македонска литература пишува и објавува текстови од областа на културата и ликовната уметност.Почнувајќи од 2003 година Центарот за современи уметности – Скопје ја организира изложбата на финалните кандидати од кои на еден автор му се доделува наградата која се состои од стипендија која ги покрива трошоците за пат и шестнеделен престој во Меѓународната куќа, асоцирана со Универзитетот во Колумбија, Њујорк. Стипендијата во целост ја покрива Фондацијата за граѓанско општество од Њујорк.Досегашни добитници на оваа престижна награда во Р. Македонија се Славица Јанешлиева (2003), Група ОПА (2004), Далибор Тренчевски (2005), Атанас Ботев (2006), Борис Петровски (2007), Ана Ивановска (2008) и Ѓорѓе Јовановиќ (2009), Кристина Божурска (2010) и Илија Прокопиев (2011).Партнери на проектот за реализирање на изложбата се Фондацијата за граѓанско општество од Њујорк, Фондација Институт отворено општество – Македонија и Музеј на град Скопје. Изложбата е финансиски поддржана од Град Скопје и Министерство за култура на Р. Македонија./крај/макфакс/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Пеколот е мало место“ – нова стихозбирка од Тихомир Јанчовски

Поетот Тихомир Јанчовски, во поетската едиција на Книгоиздателството Макавеј го објави новиот поетски ракопис со наслов „Пеколот е мало место“, којшто на интересен начин се надоврзува на неговиот претходен поетски опус.
Новата стихозбирка на Јанчоски донесува педесетина нови песни и е поделена на циклусите „Обиди се да сфатиш“, „Годините врват“, „Секогаш од љубов“ и „Куќа за птици.
Оваа нова поетска објава на Јанчовски е проследена со поговор на авторот Душко Крстевски, кој, меѓу другото, со своите оценки поентира:
– Збирката поезија „Пеколот е мало место“ од Тихомир Јанчовски претставува општествена критика, егзистенцијална размисла како и нуркање и истражување на човековите емоции. Секоја песна одекнува со чувство на итност и длабока интроспекција од страна на поетот, одразувајќи ја сложеноста на човековата состојба во свет полн со очај и разочарување.
За потсетување, македонскиот поет, професор, преведувач и колумнист Тихомир Јанчовски завршил општа и компаративна книжевност на УКИМ има објавено петнаесет книги поезија, три романи, две книги за деца и една книга колумни.
Култура
Изведбата на моќното ремек-дело „Набуко“ од Џузепе Верди во рамките на 53. издание на Мајските оперски вечери

Моќното ремек-дело од Џузепе Верди, операта „Набуко“ ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 19 мај со почеток во 20.00 часот во рамките на 53. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“. Операта ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Грција, Мирон Михаилидис, режијата е на Ренато Бонајуто (Италија), сценографијата и костимографијата се на Флавио Арбети и Артемио Кабаси од Италија, кореограф е Маја Митровска-Богојевска, концерт-мајстор е Јане Бакевски, хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска, а светло дизајн, Милчо Александров.
Насловната улога (Набуко) ќе ја толкува, Луис Кансино од Шпанија, во улогата на Абигаиле ќе настапи Ханјинг Цо од Кина, Николина Јаневска ќе ја толкува улогата на Фенена, Уго Тарквини (Италија) ќе настапи како Исмаил, а во улогата на Захарие ќе настапи Џовани Пароди (Италија), во останатите улоги ќе настапат Диме Петров, Ана Ројдева, Дејан Стоев, хорот, оркестарот, балетскиот ансамбл на Националната опера и балет и ученици при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.
„Набуко“е лирско-драматична опера во четири чина, едно од најпопуларните дела на Џузепе Верди и е омилено кај публиката. Својата праизведба оваа опера ја имала во 1842 година во Миланска Скала. Тоа е третата опера на Верди за која што се смета дека трајно ја воспоставила неговата репутација како композитор. Темата на операта е тешката историја на еврејскиот народ, нападнати и поразени, протерани од својата татковина, иако историските настани се користат само како позадина на романтичниот и политички заплет. Верди во една ноќ ја напишал надалеку познатата хорска арија која станала драматуршки и музички столб на делото „Va, pensiero, sull’ali dorate“ („Летај на златести крилја”).
Култура
Објавен првиот том на Правописно-нормативниот речник на македонскиот стандарден јазик

Во издание на „Бата прес“ објавен е првиот том на Правописно-нормативниот речник на македонскиот стандарден јазик, на кој автори и редактори се осум универзитетски професори. Објавувањето на речникот е поддржано од Министерството за култура како проект од национален интерес за 2024 година.
Својата прва промоција речникот ќе ја има на годинешниот Саем на книгата во арената „Борис Трајковски“, на штандот на издавачот, во вторник, во 11.30 часот. Речникот ќе го претстават рецензентката проф. д-р Весна Костовска и авторката редактор проф. д-р Елизабета Бандиловска.
Во првиот том се поместени зборовите од буквата А до буквата Ж, а авторите (универзитетските професори) и соработниците постојано работаат, така што во наредните изданија ќе бидат обработени зборовите до буквата Ш, и правописно-нормативниот речник како плод на повеќегодишен труд ќе биде комплетиран.
Овој капитален лексикографски зафат се надоврзува на повеќето изданија од овој вид, почнувајќи првиот македонски правописен прирачник Македонски правопис со правописен речник од Блаже Конески и Крум Тошев (1950) до Правопис на македонскиот јазик во издание на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и издавачката куќа „Култура“ (2015 и 2017 година).
Автори и редактори на изданието се: Лидија Аризанковска, Елизабета Бандиловска, Снежана Велковска, Виолета Јанушева, Елена Јованова-Грујовска, Искра Пановска-Димкова, Симон Саздов, Људмил Спасов.
Соработници на проектот се Марија Антевска, Филип Белчев и Македонка Додевска.