Македонија
Охридското Езеро и „Галичица“ се загрозени од штетната урбанизација
Месните заедници на охридското крајбрежје потпишаа Декларација за зачувување на светското природно и културно наследство на Охрид.
Според нив, Охридското Езеро и националниот парк „Галичица“ кои се дел од светското природно и културно наследство признаени од УНЕСКО се загрозени од проекти со кои се предвидува изградба на експресен пат, голем туристички ски-комплекс и несоодветна и штетна урбанизација на голем дел од крајбрежјето и градот Охрид.„Предложените измени во планот за управување со националниот парк „Галичица“, измените на Урбанистичките планови на Охрид, како и поедини одлуки за урбанизација со цел овозможување на реализацијата на овие проекти, претставуваат сериозна закана за одржување на биодиверзитетот и природната изворност на Охридското Езеро и националниот парк „Галичица“ и го доведуваат во прашање нивниот статус на светско наследство. Заканата е потврдена дури и со извештаите за стратегиска оцена на влијанието врз животната средина за овие планови, каде што во дури 80 отсто од заклучоците се вели дека негативното влијание врз биодиверзитетот, почвата и водите ќе биде неповратно, т.е. нема да може да се преземат никакви корективни мерки“, тврдат претставниците на месните заедници на Охрид.Во потпишаната Декларација се вели дека зачувувањето на областите со висока еколошка вредност од меѓународен карактер признаен од УНЕСКО е од суштинско значење и приоритет на Република Македонија загарантиран со Устав. „Цврсто веруваме дека како надлежни институции не сакате да учествувате во деградирање на ова исклучително значајно богатство кое е под заштита на УНЕСКО. Апелираме до Вас да ги стопирате предложените измени на Планот за управување со Националниот парк Галичица и Урбанистичките планови на Охрид, како и поедини одлуки за урбанизација и да се повлечете од спроведувањето на овие проекти“ се вели во Декларацијата потпишана од страна на месните заедници.Декларацијата беше иницирана од страна на Месната заедница „Лагадин“, Еколошкото друштво „Лагадин“ и Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ а на неа се потпишаа Месните заедници на Љубаништа, Пештани, Лагадин, Рача, Коњско, Далјан/Воска и Манастирот Св. Наум Охридски од Дебарско-кичевската епархија на МПЦ. Декларацијата денес е испратена до сите носители на одлуки поврзани со заштитата на светското културно и природно наследство на Охрид./крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со магла и малку сонце
Времето денеска ќе биде променливо облачно и тивко со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 7 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла претпладне. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Во понеделник ќе се задржи стабилно и тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Поради спуштање на постуден воздух од север на планините и на некои од повисоките места врнежите ќе преминуваат во снег.
Македонија
Возете внимателно, маглата ја намали видливоста на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Намалена видливост поради магла од 100 до 200 метри има од Тетово – Скопје – Куманово – Кочани – Сарамзалино – Велес – Неготино – Д.Капија и магла со видливост до 50 метри има Битола – Прилеп – Ѓавато – Ресен – М.Брод – Кичево и Дебар, информираат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.

