Македонија
Лазански: Наредбата за напад УЧК ја добила од Вашингтон

Воено политичкиот коментатор Мирослав Лазански по нападот на караулата Гошинце оценува дека Албанците од Косово не ја зазеле полициската станица во Липково од хир или од хоби, туку за тоа добиле налог од Вашингтон, кому од политички и економски причини им е потребно постојано да има немири во Македонија.
„Сé зависи од тоа што ќе им каже Вашингтон. Ако на Вашингтон му одговара нестабилна ситуација во Македонија, тогаш ова ќе се повторува“, изјавил Лазански на босанската агенција Срна.Според него, нападот на караулата Гошинце може да биде тесно поврзан со намерата на Вашингтон да спречи реализација на гасоводот „Турски тек“ зад којшто стои Русија.„Тоа значи дека, ако гасоводот ‘Турски тек’ од Русија дојде до Турција, ако помине преку Грција, тогаш Македонија е таа којашто треба да ја одобри трасата за идниот гасовод. Можно е некој на Запад сега намерно да ја бранува ситуацијата во Македонија за оваа траса на гасоводот биде доведена во прашање и да не биде реализирана поради немирите во Македонија“, смета Лазански.Заговарањето ткн Голема Албанија, според него, исто така, потекува од Вашингтон, а тоа е по секоја цена да се спречи Русија да влезе на просторот на југоисточна Европа, и политички и економски.Тој вели дека Албанците никогаш сами нема да преземат ништо спонтано.„Сé прават онака како што им е сервирано од Вашингтон и ситуацијата во Македонија ќе се одвива онака како што сака Вашингтон“, заклучува Лазански.Во вторникот, четириесетина униформирани и вооружени лица, најверојатно од Косово ја нападнаа караулата Гошинце и заробија четворица полицајци. МВР го квалификуваше нападот како терористички чин./крај/мф/
Извор: Срна
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мециновиќ: Oчекуваме влез во втор круг за Град Скопје

Kандидатот за градоначалник на Град Скопје, Амар Мециновиќ од Левица, на последната прес – конференција од првиот круг за локалните избори вели дека очекува влез во вториот круг.
„Очекуваме дека има реални шанси да влеземе во вториот круг и да се натпреваруваме за престолнината за град Скопје. А јас повторно ќе нагласам дека мојата мотивација за влез во оваа трка беше затоа што токму во овој Совет кој беше крајно дисфункционален и деструктивен по своите граѓани, а бев член на тој совет пред да станам пратеник и од таа побуда од побудата за подобрување на условите во Скопје, знаејќи како се однесувал досега Советот и градските власти, сметаме дека, навистина, нешто може да тргне во позитивна насока”, рече Мециновиќ.
Тој ги потенцираше клучните заложби за оваа кампања.
„Број еден и најбитен приоритет за нас во идниот мандат би бил јавниот превоз. Клучно прашање е прашањето на зачување на животната средина, а тука е и борбата со загадувањето на воздухот. Како што сум нагласил повеќепати, досега градските власти само ги третирале симптомите, не изворите на загадувањето. Изворите на загадувањето се од различна природа. Тоа е буквално од прашината која не се чисти од нашите улици, од инспекциските служби кои не можат да ја вршат својата работа на вистински начин и крајно – и преку давање на еден вистински модел на јавен превоз кој ќе им дозволи на скопјани да бараат алтернатива покрај личните возила како што се автомобилите“, додаде кандидатот на Левица за Град Скопје.
Мециновиќ кажа дека нема да дозволи приватизација на ниеден капацитет на град Скопје, на ниедна педа на град Скопје.
„Напротив, ние сметаме дека тие капацитети треба да се окрупнуваат и мислам дека цела оваа порака добро резонира со граѓаните на град Скопје, затоа што ние сме сведоци дека во изминатите неколку децении дел по дел, кришка по кришка, градските капацитети се намалуваат и град Скопје е сè повеќе и повеќе зависен од волјата на централната власт”, рече Амар Мециновиќ во однос на јакнењето на капацитетите на јавните претпријатија.
Македонија
Лабудовиќ: Центарци знаат што сакаат, време е за промени

Кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Мирослав Лабудовиќ, на последниот ден од кампањата им се обрати на своите сограѓани, упатувајќи повик за излезност и избор на промени во недела.
„Ви се обраќам со срце исполнето со благодарност, одговорност и верба дека Центар може повторно да блесне,“ истакна Лабудовиќ.
„Ова не е само повик за избори – ова е повик за промена, надеж и иднина што ќе ја создадеме заедно. Центар не е само општина – тоа е нашето срце. Стојам пред вас со јасна визија за тоа во каква општина сакаме да живееме. Јас сум човек кој сака да направи промена – со знаење, тим и искреност. Не ветувам невозможни работи. Ветувам посветеност, план и резултати. Ветувам дека секој проект, секоја идеја и секоја промена ќе има една цел – подобар живот за сите нас“, нагласи Лабудовиќ.
Тој потсети дека програмата е создадена со една јасна мисла – да се изгради Центар што е почист, поуреден, позелен и похуман. „Да создадеме општина што дише, што се грижи, што инспирира,“ додаде тој.
„Ова не е само моја визија – ова е наша заедничка задача. Верувам во заедништвото. Верувам во секој од вас што верува дека Центар може подобро. Затоа, ве повикувам: Излезете и гласајте за нова енергија, за чесност, за визија што се гледа во дела. На гласачкото ливче заокружете број 2 – за Центар што заслужува луѓе со срце, визија и дело. За Центар што повторно ќе блесне.“ порача Лабудовиќ.
Македонија
Припадниците на Командата за операции го одбележаа 17 Октомври – Денот на единицата

Припадниците на Командата за операции (КО), денес, 17 октомври, во касарната ,,Боро Менков“ во Куманово со воена свеченост го одбележаа Денот на единицата.
На свеченоста, на најголемата команда на оперативно рамниште во Армијата, пред присутните се обратија министерот за одбрана, Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски и командантот на КО, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски.
Во своето обраќање, генералот Лафчиски истакна дека Командата за операции претставува столб на Армијата, потенцирајќи ја нејзината примарна мисија непрекинато да ги подготвува конвенционалните копнени и воздухопловни сили за одбрана и заштита на територијалниот интегритет и независноста на татковината. Навраќајќи се на подготвеноста на КО, генералот истакна „Подготвеноста на вашите потчинети единици се должи на тоа што непрекинато ги обучувате и извежбувате. Вие се грижите постојано да ги држите вашите единици во состојба на највисока психофизичка, морална и ситуациона подготвеност, преку учество на голем број вежби и обуки во земјата и странство“ .
Министерот Мисајловски рече дека „припадниците на Командата секојдневно покажуваат професионалност, мотивираност и посветеност“, додавајќи дека најголем дел од припадниците на Команданта го зајакнуваат источното крило на Алијансата во мултинационалните сили во Романија, Бугарија и Латвија и вклучени се во справувањето со последиците од елементарните непогоди во земјава.
„Оваа одговорност вие ја исполнувате во целост, оправдувајќи ја нашата целосна доверба, а ние постоиме за да ви ги овозможиме најдобрите услови и најмодерната опрема“, рече министерот. Информираше дека одбранбениот буџет ќе продолжи да расте.
“Продолжуваме следната година и наредните години со уште позасилено темпо да обезбедуваме повеќе средства и да обезбедуваме многу проекти за модернизација за сите вас”, заклучи министерот.
Во рамките на свеченоста за најдобра единица беше прогласен Извидувачко-разузнавачкиот баталјон. Дополнително, на припадниците на командата кои покажале особени резултати во работењето им беа доделени стимулативни мерки, а беа врачени и признанија на цивилните институции и организации со кои соработува командата. Соодветни признанија, како благодарност за нивниот придонес кон Армијата во текот на службата, им беа доделени и на припадниците на единицата кои во изминатиот период ги исполниле законските услови за пензионирање.