Македонија
Јолевски: Модернизацијата, едукацијата и подобрувањето на армискиот стандард се клучни приоритети за АРМ
Продолжуваме со реформите и со контрибуциите во меѓународните мировни мисии, а тоа го правиме бидејќи со овие реформи обезбедуваме натамошно јакнење на Армијата. Наша клучна задача во претстојниот период ќе ни биде опремувањето и модернизацијата, истакна министерот за одбрана на Зоран Јолевски во своето обраќање на свеченоста по повод Денот на АРМ – 18 Август.
Јолевски се осврна и на процесот на едукација и образование кој е високо на листата на приоритети, при што укажа на тоа дека припадниците на АРМ оваа година ќе учествуваат на 11 вежби на НАТО. Воената академија, додаде министерот, ќе се трансформира во Универзитет за национална одбрана, а во план е да се отвори и Катедра за воено воздухопловство која ќе работи заедно со Центарот за обука на пилоти во МО.
Во свеченото обраќање министерот Јолевски информираше дека процесот за прием на 160 професионални војници е пред самиот крај, додека оваа година се планира примање на дополнителни 90. „Овие војници поминаа низ ригорозен процес на селекција, што гарантира прием на најквалитетните и најдобро спремните кандидати, физички и интелектуално“, рече министерот.
Министерот воедно ја реафирмираше стратегиската цел на Македонија – полноправно членство во НАТО алијансата, за што, рече ќе продолжиме да ги вложуваме сите напори и активно да учествуваме на реномирани форуми и Самити.
Претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили, Ѓорге Иванов потенцираше дека Армијата стана синоним за дисциплина, одговорност и патриотизам. „Со се што прави, Армијата ја стекна довербата на граѓаните и на партнерите. Се гордеам на оваа армија признавана и одликувана во татковината и надвор од неа“, рече Иванов. Тој истакна дека припадници на Армијата беа дел од 9 ротации во Ирак, 27 ротации во Авганистан, а во едно време во оваа земја имавме повеќе од војници по глава на жител од 90 проценти од земјите-членки на НАТО.
„Македонија е подготвена за членство во НАТО. Иако одамна ги исполнивме критериумите, предолго чекаме да го заземеме местото кое ни припаѓа“, посочи Иванов.
На денешната свеченост, Армијата на Република Македонија доби нова командна структура – на местото началник на Генералштабот поставен е генерал-потполковник Методија Величковски, додека за негов заменик генерал-мајор Мухамет Рацај./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Агресивен карцином кај 10 годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.

