Македонија
Две години од смртта на Никола Младенов- случајот сè уште се води како несреќа
Сообраќајна несреќа, за којашто не постојат индиции дека е кривично дело. Вака истражните органи го затворија случајот, односно сообраќајната несреќа во којашто пред две години загина сопственикот и новинарот во весникот „Фокус“, Никола Младенов.
Досега сè уште не е пронајден неговиот мобилен телефон и јавноста сè уште нема одговор на прашањата каде бил вечерта Младенов, со кого разговарал на телефон и дали се сретнал со некого. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев неколку пати најави дека јавноста ќе дознае сè за сообраќајката на македонскиот новинар, но досега нема објавено никакви информации кои би дале друга димензија на овој случај. Единствено што објави е дека токму Никола Младенов бил најприслушуваниот новинар во Македонија.Официјално според обвинителството причина за сообраќајната незгода било неадекватното однесување и постапување на возачот кога навлегол кај критичното место, односно кај клучката кај Хиподром, неприспособената брзина и неадекватната траекторија на движење.Телефонот на Младенов не е пронајден, а како што објавија истражните органи на прес-конференцијата во јули 2013 година, на разговор во обвинителството била повикана и неговата сопруга, но изјавила дека не знаела каде бил вечерта нејзиниот сопруг.Извадена е листа на појдовни и дојдовни повици кон неговиот телефон, но според базните станици не можело да се утврди каде бил Младенов, бидејќи последната комуникација на неговиот број била околу 16 часот.Камерите на патарините Скопје-Велес не работеле, а на разговор не се повикани вработените на наплатните рампи, како ни други соработници на Никола Младенов, бидејќи според обвинителката Гордана Гешковска, единствено очевидец на местото на настанот би им дал повеќе податоци за случајот.Сообраќајката била пријавена во полициска станица во Петровец на 27-ти март во 12.30 часот кога две лица забележале дека недостига голем дел од металната ограда на местото каде се случи сообраќајката, иако првичните информации беа дека Младенов бил лоциран според неговиот телефон.Телото на Младенов било најдено надвор од возилото на оддалеченост од седум метри и според вештачењето и трагите најдени на неговата облека излетал од предниот дел на шофершајбната. Вештите лица утврдиле дека Младенов удрил во металната банкина покрај патот со брзина од 142 км/ч и излетал надвор од коловозот на земјениот пат. Претходно, Основниот суд 1 соопшти дека Младенов се движел со брзина од 160 км/ч, а смртта настапила подари пукање на аортата, иако се отвориле сите воздушни перничиња освен едно кое било кај совозачкото седиште. Обвинителството засега не нашло траги на други лица во автомобилот, како и надвор од него.На местото на несреќата беше направен уште еден, дополнителен увид по најдените траги од страна на новинари кои на местото најдоа ливчиња од патарини.Нови детали за сообраќајката не се објавени ниту во текстот „Нема бегање од нова истрага“ што е објавен на денешната насловна страница на „Фокус“, но во неделникот пишува дека истрагата ги зголемила сомнежите и не одговорила на многу прашања за загинувањето на МладеновМладенов е роден во 1964 година, а во 1980 година започнува да работи како новинар во „Млад борец“. Неделникот „Фокус“ започнува да го издава во 1995 година како прв слободен и независен неделник во Македонија под логото „Неделник на внатрешниот, а, богами, и на надворешниот непријател“.„Младенов не трпеше да работи нарачани текстови од центрите на моќ, залагајќи се за вистината како клучен елемент на новинарската работа. Во сиве овие 20 години Младенов опстојуваше на своите ставови, наметнувајќи го неделниот весник како медиум кој врз пазарни принципи се бори за својот углед и опстанок. Тој беше човек со идеја, проекција, визија“, велат колегите на Младенов со кој работел.Една од неговите најпознати изјави е „Ние сакаме општество на слободни луѓе, тие сакаат збирштина на безрбетници. И тука-нема компромис“. Неделникот „Фокус“ по тримесечна пауза по неговата смрт, продолжи да излегува во продажба. /крај/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Други ја гледаат Македонија како плен
Други ја гледаат Македонија како плен, како територија за владеење. Ние ја гледаме како дом, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во неговото обраќање на почетокот од 31. Конгрес што денеска се одржува во Скопје.
– Ние нудиме нешто друго, ниво, поинаку. Мора да понудиме засолништето од ова лудило. Нашата платформа и програма е договор со секој граѓанин. Ние нудиме економија на достоинство, економски патриотизам, економски модел во кој централна фигура е човекот и неговите потреби. Економска стратегија која се фокусира на тоа како парите кои вие ги плаќате во буџетот да се вратат повторно кај вас, преку повисоки плати, подобро образование, подобро здравство, повисоки пензии, додаде претседателот на СДСМ.
Пред присутните, Филипче подвлече дека СДСМ се залага, не само за едноставна мала плата, туку за достоинствена плата за живот.
– Систем каде што профитот не е забранет, но, алчноста е одданочена. Враќањето на парите кај граѓаните – не преку лажни мерки, туку преку системски инвестиции во секој аспект на приходите и услугите кои вие како граѓани ги добивате од државата. За младите – држава дигитален центар, а не извозник на евтина работна сила или на наши креативни млади умови. Ако може да работат за странски компании, нека работат тука. Нека работат од дома, но, во европски услови за кои ние ќе гарантираме. За пензионерите, престанок на милостината пред избори, гарантиран раст на пензиите кој ја следи инфлацијата за да не мора да бираат помеѓу лекови и храна. За работниците ќе бидиме штитот кој ќе ги брани од самоволието на газдите кои оваа сегашна власт ги штити. Нас повеќе од кога било, потребна ни е социјална држава, а таква држава може да обезбеди само СДСМ, дециден беше Филипче.
Отворениот дел од Конгресот на СДСМ заврши, сега е во тек делот што е затворен за јавноста.
Македонија
Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста од Законот за извршување
Уставниот суд на Македонија поведе постапка за оценување на уставноста на член 218 од Законот за извршување, поради сомнеж дека одредбата е нејасна, непрецизна и создава правна непредвидливост во спроведувањето на извршните постапки. Судот оцени дека постои основано прашање дали со оспорените законски решенија се ограничува можноста за ефективно остварување на паричните побарувања кон државните органи, општините и јавните претпријатија, што може да доведе до повреда на уставно загарантираните права.
Оспорениот член предвидува дека врз предмети и права на државата, општините и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност. Дополнително, претседателот на надлежниот суд може да утврди кои предмети се неопходни доколку странките не се согласат.
– Член 218 – (1) Врз предмети и права на Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи. (2) Кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот ќе определи претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство, ако во текот на спроведувањето на извршувањето, странките за тоа прашање не се согласат или инаку се укаже тоа како потреба, гласи членот.
Судот смета дека одредбата е нејасна и непрецизна, бидејќи не утврдува кои предмети и права се сметаат за неопходни.
-Уставниот суд во оваа фаза од постапката изрази сомнеж дека одредбата е нејасна и непрецизна. Имено, Судот смета дека со ова законско решение Законодавецот воведува генерална и нејасна забрана за извршување на предмети и права, без притоа да се воспостават правни стандарди и да се прецизира кои се предметите и правата кои се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи, стои во соопштението од Уставен.
Според судиите, ваквата формулација може да ја направи извршната постапка практично невозможна, со што правосилните пресуди остануваат само на хартија.
Од Уставен велат дека е проблематичен и вториот став од членот 218, кој му дава дискреционо право на претседателот на судот да одлучува што е неопходно за работа на должникот. Уставниот суд оцени дека овој став не може да опстои самостојно ако првиот дел од членот падне.
-Судот смета дека став 2 кој се надоврзува на став 1 сам по себе не може да опстои во правниот поредок без став 1. Покрај тоа, основано се постави прашањето за неговата содржина, според која претседателот на Судот на чие подрачје се спроведува извршувањето, да има дискреционо право да одлучи кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста, дополнуваат оттаму.
Судот изразува сомнеж дека одредбата создава правна непредвидливост и непосредно ја повредува правната сигурност на субјектот, што е во спротивност со уставното начело на владеење на правото уредено со членот 8 од Уставот. Воедно, како што велат оттаму, пред Судот основано се поставило и прашањето дека со ограничување на можноста за ефективно остварување на паричните побарувања, се задира и во уставно загарантираното право на сопственост, уредено со член 30 од Уставот.
Иницијативата за поведување постапка е поднесена од Николче Митевски, кој го оспорува првиот став. Но, врз основа на расправата, Судот одлучил по службена должност да отвори постапка и за вториот став.
Во иницијативата бил посочен и пример на работник во комунално претпријатие кој добил правосилна пресуда за неисплатени пензиски придонеси, но не можел да наплати поради ограничувањата од членот 218.
Уставниот суд најави дека при носењето на конечната одлука ќе ги земе предвид последиците што евентуалното укинување би ги имало врз државните институции и јавните претпријатија кои се предмет на извршни постапки.
-При носењето на оваа одредба Уставниот суд ќе го земе предвид правното дејство на одлуките, од евентуалното укинување или поништување и што тоа би значело за државните органи, јавните претпријатија и општините кои се соочуваат со извршувања и согласно тоа ќе цени каква ќе биде одлуката, велат од Уставен суд.
Постапката била поведена на првата седница на Уставен суд одржана на 21 јануари 2026.
Македонија
МВР утре во Куманово и Тетово ќе ги тестира камерите за проектот Безбеден град
Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека во рамки на проектот Безбеден град, утре-недела (25.01.2026) ќе се спроведуваат активности за тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди (камери) за сообраќаен надзор на подрачјето на градовите Куманово и Тетово.
Како што информираа од Министерството, ективностите ќе се реализираат во временскиот интервал од 08:00 до 20:00 часот, при што на секоја локација со поставена камера постапката ќе се изврши еднократно и ќе трае кратко, приближно од 15 до 30 минути. За време на спроведувањето на активностите на конкретната локација, сообраќајот привремено нема да се пропушта додека трае постапката, по што ќе продолжи да се одвива нормално.
Ги повикуваме граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, како и да покажат разбирање, трпение и соработка, со цел непречено и безбедно реализирање на планираните активности, информираа од МВР.

