Економија
Сараќини: Расте бројот на вработени во ТИР зоните
Зајакнување на соработката помеѓу домашните стопанственици и странските инвеститори позиционирани во Република Македонија, беше тема на денешната дебата, која се реализираше од страна на Министерството за економија.
„Денешниот настан е еден вид на дебата помеѓу Владата, стопанските комори, домашните и странските инвеститори, при што очекуваме од неа да произлезат заклучоци, нови идеи и предлози, кои што ќе бидат дистрибуирани до Владата на Република Македонија и во наредниот период да бидат преточени во конкретни законски решенија. Последниот период во јавноста се остава впечаток дека домашните инвеститори ги немаат истите услови како и странските инвеститори, па тоа и нѐ поттикна да ја организираме дебатата, поради тоа што во ниту еден закон не постои разграничување или, пак, некакво ограничување на домашните инвеститори. Односно, тие услови што важат за странските инвеститори, важат и за домашните”, истакна Сараќини, додавајќи дека главна цел е привлекување на инвестиции, како странски, така и домашни, отворање на нови работни места, зголемување на извозот и зголемување на севкупниот економски раст во земјата.
Сараќини информираше дека во Технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ), секој ден сѐ повеќе расте бројот на вработени, па во моментов, во ТИР – зоните работат околу 2.600 работници, а во блиска иднина се очекуваат 1.600 нови вработувања.
Што се однесува до растот на извозот од зоните, тој истакна дека во првиот квартал во 2014 година само зоните реализирале извоз од 250 милиони евра, и доколку се спореди со минатогодишните 126 милиони за првиот квартал, може да се констатира дека има раст од дури 95%. Очекувањата се дека до крајот на годината дури 30 до 35% од вкупниот извоз ќе биде реализиран од страна на зоните.
„Вториот момент е диверзификација на производите. За првпат во Република Македонија во последните неколку години почнавме да извезуваме готови производи со додадена вредност. Доколку досега нашиот извоз беше насочен главно на три или четири производи од текстилната индустрија, металната или челичната индустрија, сега од РМ се извезуваат готови производи со додадена вредност, почнувајќи од катализатори, автомобилски делови, автобуси и итн.”, истакна Сараќини.
Министерот за странски инвестиции Веле Самак рече дека последните две – три години се зголемува бројот на странски инвестиции кои се распределени на цела територија на РМ.
„Овие инвестиции имаат отворено околу 20.000 нови работни места. Тоа значи дека сѐ поголем број на домашни фирми имаат можност директно да партиципираат, не само во почетните фази, како што е изградбата и поставувањето на капацитетите, туку и долгорочно во производниот циклус на овие странски инвестиции. Наша желба и цел е да овозможиме што повеќе домашни фирми да се интегрираат, да ги искористат можностите, да видат каде се тие потенцијали, да инвестираат во нови машини и капацитети и да го започнеме тој дијалог на едно подетално ниво, како домашните фирми да се интегрираат во овие долгорочни производни процеси на странските фирми”, истакна Самак.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, истакна дека дебатата е вистинскиот начин преку која можеме да ги зајакнеме веќе постоечките релации на домашните со странските инвеститори, па оттаму и очекувањата такви резултати и заклучоци да произлезат од неа. Стопанската комора е на ставот да се креираат и други механизми за поддршка на домашните компании и на тој начин да се влијае на нивна рамноправна позиција на пазарот.
Според Азески, комбинација од добри услови за привлекување на странски инвестиции и голема поддршка на домашните компании ќе создаде можност за задржување на постојната стапка на раст и нејзино зголемување во блиска иднина. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.

