Македонија
Продолжуваат тензиите на македонско-грчката граница
Македонската полиција во неделата доцна попладнето го зголеми присуството на припадниците на интервентните сили, во очекување да продолжат тензиите што ги предизвикаа претходно мигрантите кои сакаа да ја пробијат оградата на македонско-грчката граница кога македонските безбедносни сили одговорија со солзавец, а по продолжените судири се известува за повеќе повредени лица.
Според медицински извори од Гевгелија, во тамошната болница имало 13 интервенции врз повредени. Меѓународната невладина организација Médecins Sans Frontières (MSF – Лекари без граници) извести за 15 повредени македонски полицајци и за наводно 260 повредени мигранти, пренесуваат грчките медиуми и агенциите, но овие наводи не може да се проверат од независни извори.
Претставник на организацијата за грчките медиуми изјави дека „десетици лица“ се повредени, од кои најмногу имале проблеми со дишењето поради употребата на солзавец, а тројца биле хоспитализирани.
Македонската полиција претходно во неделата, откако група од најмалку 500 мигранти не успеала да ја прескокне жичената ограда по шпекулациите дека македонската граница ќе биде отворена, на нападите со камења од страна на гневните мигранти одговори со солзавец и шок и чадни бомби. Министерството за внатрешни работи потврди во меѓувреме дека 15 негови службеници се повредени, од кои петмина посериозно.
„Мигрантите фрлаа камења кон полицијата. Полицијата возврати со солзавец. Мигрантите ја туркаа оградата, но од грчката страна на границата. Оградата сè уште е таму, тие не се пробија“, пренесе претходно агенцијата Reuters повикувајќи се на анонимен извор од македонската полиција.
Безредијата, според медиумските извештаи во Грција, започнале откако меѓу илјадниците мигранти во импровизираниот камп во областа на Идомени биле растурани летоци на арапски јазик во кои се повикувало сите да се собера на границата и да се обидат насилно да ја преминат.
Агенцијата AFP, за која неименуван македонски полициски извор рекол дека претходно грчката полиција употребила солзавец за да ја смири тензичната ситуација од грчката страна на границата, пренесе дека бегалците истакнале транспаренти со натписи „Отворете ги границите“, „Потребна ни е ЕУ“, „Не се враќаме“ и скандирале „Меркел, Меркел“ и „Денеска или ќе ја пробиеме оградата или ќе умреме“.Во македонското министерство за внатрешни работи забележуваат дека постојат индиции дека безредијата и обидот за упад на македонска територија биле организирани, бидејќи било регистрирано дека најмалку три групи од по неколку стотици мигранти истовремено на три места се обиделе насилно да ја пробијат оградата.
Reuters констатирајќи го пасивниот однос на грчката полиција во смирувањето на ситуацијата, ја обвиниле македонската полиција за „неселективна“ примена на сила.
„Неселективното користење на хемиски супстанции, гумени куршуми и шок гранати врз ранливите групи, а особено без причини за таква сила, е опасен и непристоен чин“ изјавил за Reuters Јоргос Курицис, портпарол во грчката влада за координирање на миграцијата.
Од грчката страна на гранциата во областа Идомени, се проценува дека во моментов има повеќе од 10.000 бегалци и мигранти кои останаа тами, откако кон средината на февраури земјите од ткн балканска бегалска рута, вклучително и Македонија, го следеа примерот на земји од Европската унија и ги затворија границите./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски на средби со технолошки лидери во САД: разговарано за теми од клучно значење за развојот на безбедна дигитална инфраструктура
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посетата на Соединетите Американски Држави ја започна со работна средба со MITRE Corporation, една од највлијателните и најдоверливи институции што со децении работат директно за Владата на САД во областа на сајбер безбедноста и управуваат со повеќе FFRDC центри (Federally Funded Research and Development Centers).
На средбата се разговараше за теми од клучно значење за современата држава и развојот на безбедна дигитална инфраструктура, меѓу кои: вештачка интелигенција и нови технологии со фокус на доверливост и валидација, сајбер безбедност и национална сајбер-отпорност за заштита на критична инфраструктура и државни платформи, дигитално управување и менаџмент на податоци за институционална дигитална зрелост и интероперабилност, како и области со високи безбедносни стандарди – авијација, безбедност и здравствен систем.
Средбата вклучи разговори со Beth Meinert (виш потпретседател и генерален директор), како и со Yosry Barsoum и Shamik Das од MITRE Corporation. Разговорот беше насочен кон тоа како се гради доверба во дигиталната држава, како се поставуваат јасни правила за одговорност и безбедност, и како институциите можат да носат подобри одлуки базирани на податоци, стандарди и мерливи резултати. Министерот Андоновски имаше можност да го посети и иновацискиот центар за истражување на MITRE, известува Министерството за дигитална трансформација.

Во рамки на посетата, министерот Андоновски заедно со владината делегација, која ја сочинуваат Игор Јанушев, Генерален секретар на Владата, и Златко Перински, Министер за локална самоуправа, остварија средба и со претставници на Microsoft, при што разговараа со Коззета Гарет, General Manager for Cyber Security Services во Microsoft, за актуелни предизвици и можности за унапредување на сајбер безбедноста, зајакнување на отпорноста на јавните системи и поддршка на дигиталната трансформација.
Делегацијата во САД ќе присуствува и на Молитвениот појадок, како дел од официјалната агенда на посетата.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 09:00 до 12:00 часот дел од корисниците, на село Горно Соње, општина Сопиште.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

