Економија
Прв преглед на трговската политика на Македонија од членството во СТО

Економската политика на Македонија е во фокусот на вниманието на првиот преглед на трговската политика од членството во Светската трговска организација во април 2003 година.
Основа за овој преглед се извештајот на Секретаријатот на СТО и извештајот од Владата на Република Македонија, а со него се испитува и оценува трговијата и сродните политики на секоја земја-членка во редовни интервали, во зависност од големината на земјата.
Во извештајот на Секретаријатот на СТО се вели дека трговските и инвестиционите политики се насочени кон пристапување на Република Македонија кон ЕУ.
„Земјата оствари напредок во усогласувањето со acquis, во согласност со својот кандидатски статус и иницираше измени во законодавството во неколку домени, меѓу кои регистрација на фирми, царинска политика, јавни набавки, стандарди, политики на конкурентност и интелектуална сопственост. Севкупната трговска регулаторна рамка е значително подобрена во последниве години, а Владата е фокусирана на консолидирање и ефикасно имплементирање на последните усвоени и изменети закони и прописи“, пишува во извештајот.
Македонската делегација, предводена од заменик министерот за економија Христијан Делев, во седиштето на СТО во Женева реферира пред членовите на СТО за актуелните економски состојби и достигнувања во државата, најзначајните спроведени реформи и интеграцијата на националната во регионалната и светската економија. Улогата на главен дискутант за Република Македонија е Амбасадорот на Исланд, Н.Е. М.Еујолофсон, претседавач на Телото за преглед на трговската политика е шведскиот Амбасадор Ј.Рајтер, а во рамки на сесијата земјите членки на СТО упатуваат прашања до македонската делегација во однос на детали од различни домени во креираните политики во државата.
Во своето обраќање пред присутните шефот на делегацијата Делев, презентирајќи ги економските остварувања на Република Македонија, се осврна на политиката за макроекономска стабилност и зајакнување на конкурентноста на економијата, како и континуираните реформи во насока на подобрување на бизнис климата, привлекување на инвестиции и економски раст. Меѓу поважните спроведени реформи беа споменати Регулаторната Гилотина и РИА, Едношалтерскиот и ЕКСИМ системот, електронскиот систем на дозволи и лиценци, активностите на економските промотори, континуираниот дијалог со бизнис заедницата, регистарот на слободни индисутриски објекти.
„Од моментот на пристапувањето кон СТО, Република Македонија континуирано се стреми да биде земја со отворен и транспарентен трговски режим потполно компатибилен со правилата и барањата на СТО. Покрај сите предизвици и економски неизвесности, Македонија во процесот на реструктуирање на економијата ги следеше обврските кон СТО, почитувајќи ја важноста од слободна и фер трговија и интеграција во светската економија“, истакна Делев пред земјите членки на СТО./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Ѓорѓиевски: Регионалниот пристап за земјите од Западен Балкан е можност за раст на економиите и подобро позиционирање на европскиот пазар

Делегација на Сојузот на стопански комори на Македонија учествуваше на дводневната престижна конференција во Будва, Република Црна Гора организирана по 14 пат од страна на Стопанската комора на Црна Гора. Во рамките на конференциите ЕЕN – IFNNO на која покрај презентациите за европските проекти се остварија значајни контакти на групацијата за проекти при ССКМ со потенцијалните партнери и донатори од Европската Унија за идна соработка.
На маргините од првиот ден претседателот на ССКМ , Горан Ѓорѓиевски со делегацијата оствари средба со министерот за земјоделство, шумарство и води на Црна Гора, Владимир Јоковиќ. На средбата се потврди подготвеноста за соработка во aгро сегментот, заедничка соработка и споделување на искуства во развојот на руралниот туризам како неискористен потенцијал на двете земји. Се искажа подготвеност за заедничка соработка во аплицирањето на европските проекти како и соработката во споделување на искуства од страна на ССКМ со министерството за земјоделиe, шумарство и водостопанство на Република Црна Гора.
Претседателот на ССКМ Ѓорѓиевски истакна дека идниот период потребно е двете земји да се фокусираат за зголемување на меѓусебната економска размена, развој на aгро сегментот, фокус на aгро и екотуризмот кој ќе доведе до успорување на миграцијата и намалување на притисокот во делот на човечките ресурси.
Покрај излагањето на врвни експерти за економија на конференцијата кои ги трасира идните чекори кон раст на регионот, на маргините од вториот ден Ѓорѓиевски оствари средба со претседателката на стопанската комора на Црна Гора, Нина Дракиќ, на која се предложија поголем број од иницијативи за развој на човечките ресурси како клучен елемент на идниот развој на бизнисите на двете земји, организирање на В2В состаноци во најзначајните економски сектори на двете земји, заеднички настап на европски проекти како и зајакнување на регионалниот пристап како клуч на успехот за економии на двете земји.
Ѓорѓиевски на средбата истакна дека во периодот пред нас потребно е да се изградат уште поцврсти мостови на соработка помеѓу двете бизнис комори во повеќе економски гранки од кои во следните години се очекува најзначаен удел во Бруто домашниот производ на Република Македонија и Република Црна Гора.
Економија
Електродистрибуција ја зајакнува нисконапонската мрежа со инвестиции над 10 милиони евра

Екипите на Електродистрибуција, во првите 6 месеци од 2025 година, успешно реализираа повеќе инфраструктурни проекти насочени кон модернизација и подобрување на нисконапонската мрежа.
Главниот фокус на овие активности е зголемување на стабилноста на системот, намалување на загубите и воведување современи решенија во управувањето со дистрибутивната мрежа.
Во рамки на проектите беа поставени 135 километри нова нисконапонска мрежа, заменети старите столбови и проводници, како и инсталирани нови далечински уреди за мерење на нови локации.
Вкупната вредност на инвестициите за овој период изнесува 10,4 милиони евра, додека дополнителни 2 милиони евра се планирани до крајот на 2025 година. Со овие инвестиции, Електродистрибуција ја зајакнува дистрибутивната мрежа и поставува уште постабилна основа за понатамоштен развој на енергетскиот систем, додаваат од таму.
Економија
Мукаетов на конференцијата „Предизвикот на промените“ во Ровињ: „Континуираниот раст е возможен само кога целиме надвор од границите“

„’Алкалоид’ е присутен во ЕУ веќе 18 години, но фактот дека доаѓаме од земја која не е членка на Унијата секогаш носи дополнителни специфичности. Со домашен пазар од само 2 милиони жители, наспроти европскиот пазар со 448 милиони чинители, растот и развојот се возможни само доколку деловните видици се насочени надвор од границите.“
Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, за првпат зеде учество на водечката финансиска конференција во регионот „Предизвикот на промените“, која се одржува во Ровињ, Хрватска, од 15 до 17 октомври годинава, во организација на Загрепската берза и Хрватското здружение на друштва за управување со пензиски фондови и пензиски осигурителни друштва.
Во рамките на конференцискиот панел насловен „Регионални прваци: надвор од границите“, модериран од страна на Ивана Гажиќ, Претседателка на Управниот одбор на Загрепската берза, Мукаетов се осврна на предизвиците на компанијата низ годините и за време на неговото безмалку дведецениско раководење:
„Во изминатите две децении ’Алкалоид’ постојано растеше, и тоа не само низ призмата на приходите и пазарната вредност, туку и во однос на сопствениот капацитет да се справува со предизвиците, да носи храбри стратешки одлуки и трпеливо да гради доверба на меѓународните пазари. Од моето преземање на раководната функција во компанијата на само 32-годишна возраст, што беше предизвик само по себе, до денешната глобализација на ’Алкалоид’ се одвиваа сложени процеси на развој и трансформација. Во изминативе 20 години ’Алкалоид’ остварува импресивен континуиран раст: шесткратно зголемување на приходите (од 53,1 милиони евра во 2005 до очекуваните над 330 милиони евра во 2025 година) и зголемување на просечната цена на акциите речиси за седумпати (од 62 евра на околу 416 евра во истиот временски период). Сиот овој изоден пат е резултат на тимска посветеност, визија и јасна стратегија. И ќе продолжиме со истиот пристап со решителност, дисциплина, квалитет и знаење“, истакна Мукаетов.
Во делот од панелот наменет за предизвиците на регионалните берзи и за изнаоѓањето начини за нивно надминување, што може да поттикне промени во праксата и во регулативата, Мукаетов посочи: „Македонија претставува мал, но специфичен пазар, каде што неколку blue chip компании имаат доминантна улога во тргувањето на Берзата, носејќи со себе високи очекувања од страна на јавноста и инвеститорите. Сепак, ограничениот пристап до финансии и ниската ликвидност во тргувањето кај другите компании на Берзата укажуваат на потребата од поактивна улога на институционалните инвеститори, јасна и транспарентна регулатива. Регионално, консолидацијата на берзите во единствена платформа или ентитет би донела поголема длабочина на пазарот, ликвидност, стабилност и подобра меѓународна видливост на компаниите.“

Покрај Мукаетов, говорници на панелот беа и Гордан Колак, Претседател на Управниот одбор на „Кончар“; Михал Кенѓа, партнер, инвестициски фонд „Ентерпрајз инвесторс“, и Лука Орешковиќ, Претседател на Советодавниот одбор на „Мплус“, партнер во „Просперус инвест“.
Конференцијата „Предизвикот на промените“, која традиционално се организира од 2012 година, претставува централна платформа за средба на повеќе од 550 претставници од домашната, регионалната и од меѓународната финансиска и бизнис-заедница.
Покрај макроекономските трендови, годинава дел од темите беа и вештачката интелигенција во бизнисот и современите инвестициски стратегии за одржлива иднина.
(ПР)