Економија
Занаетчиска комора: Замираат занаетите за кои има голема побарувачка
Занаетчиската комора на Град Скопје апелира до младите своето образование да го продолжат во стручните училишта поради тоа што сé повеќе занаети, за кои побарувачката е голема, изумираат.
Традиционалната манифестација „Денови на занаетчиството” се одржува и оваа година во Старата скопска чаршија. Од четврток до сабота, учениците од стручните средни училишта во Скопје ќе вршат презентација на занимања и струки, а во рамки на манифестацијата се одржува и Пролетен базар на креативни рачно изработени предмети.
Претседателот на Занаетчиската комора на Град Скопје, Никола Петров, изјави дека целта на манифестацијата е да се доближат учениците до занаетот.
„Сакаме да ги насочиме и слабите и одличните ученици во развој на занаетчиството и обука за занаетчиски дејности за понатака тие за себе да си обезбедат егзистенција”, изјави Петров во четврток на отварањето на манифестацијата.
Тој предупреди дека многу занаети за кои има потреба се во изумирање, а за некои, пак, од година во година има сé поголем интерес.
„Од година во година сé повеќе имаме ученици во атрактивните училишта – козметичари, фризери и слаткари, но ние не ги гледаме само тие струки. Сакаме да ги развиеме сите други. Има недостиг во многу струки, не оние што времето ги прегази и економската ситуација не им дозволува да се развиваат, туку имаме занаети, како што се пластичари и часовничари, кои што веќе ги нема. Полека, полека ги снемува, а побарувачката за нив е голема”, истакна Петров и упати апел до младите да посветат поголемо внимание за своето образование во занаетчиството.
Тој додаде дека проблемот за изумирање на некои занаети можеби лежи во родителите на учениците, затоа што децата на 14 години сé уште не се зрели за да одлучат каде би го продолжиле образованието.
Петров изјави дека Занаетчиската комора реализирала успешен пилот проект со АСУЦ „Боро Петрушевски” од каде што 14 ученици од смерот за автокаросериски механичари посетувале обука кај механичари, кај кои по завршување на образованието биле вработени.
Во рамки на „Денови на занаетчиството” се одржува и Пролетен базар на креативни рачно изработени предмети кои својата шанса за претставување на нивните дела ја гледаат на оваа манифестација. Со свој штанд беше присутна и Даниела Наумовска, која изработува накит и која веќе три години води сопствен бизнис.
„Со изработка на накит се занимавам седум години. Ја открив многу старата техника на плетење и ткаење жица, и тоа со бакарна и месинг жица којашто претставува претходник на филигранот. Веќе три години сум регистриран член на занаетчиската комора и ова ми е професија, а по образовение сум професор по англиски јазик, но се најдов себеси во изработката на накит и продолжив во оваа насока. Ваквите проекти ни помагаат да се усовршиме и да опстанеме на пазарот”, рече Наумовска.
На базарот може да се најдат и тезги на кои се изложени рачно изработени слики од срма, плетена гардероба и накит изработен во различни техники./крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.

