Економија
Русија го одложи ултиматумот за гасниот долг на Украина
Рускиот енергетски гигант „Газпром” објави во средата дека до 16-ти јули го одложил ултиматумот за Украина поради ненаплатениот голем долг за испораката на природен гас и продолжувањето на новите испораки, додека во средата во Брисел се одвиваат трилатералните преговори меѓу Русија и Украина со посредство на Европската унија за надминување на овој спор, а Киев во меѓувреме соопшти дека не е само за попустот и продолжува да го ревидира гасниот договор.
„Руската страна направи чекор кон продолжувањето на преговорите кои во последниот период се водени многу интензивно и одлучил преминувањето на системот за плаќање однапред на договорено количество гас, да го одложи до понеделник во 10 часот”, изјави директорот на „Газпром” Алексеј Милер по завршувањето на разговорите со еврокомесарот за енергетика Гитнер Итингер.
Според соопштението на Кремљ кое беше објавено во текот на ноќта, рускиот претседател Владимир Путин во телефонскиот разговор со германската канцеларка Ангела Меркел, побарал од руската делегација продолжување на преговорите со „конструктивни ставови” за изнаоѓање „заемно прифатлив договор” за Русија и за Украина.
Еврокомесарот Итингер во вторникот навечер изјави дека следните денови се очекува постигнување договор за гасот меѓу Европската унија и министрите за енергетика на Русија и на Украина, Александар Новак и Јуриј Продан, појаснувајќи дека „тоа ќе трае неколку дена, а договорот го очекуваме следните денови”.
Во средата претпладне се одржуваат тричасовните преговори кои беа одложени поради доцнењето во вторникот на руската делегација. На оваа средба и’ претходат билатерални средби меѓу Европската комисија и делегациите на двете земји на кои ќе се договара цената на гасот кој Киев го купува од Русија и враќање на украинскиот долго од неколку милијарди долари за веќе испорачаните цени.
Во понеделникот осумчасовните преговори завршија без договор, бидејќи Киев бара цена од 286,5 долари за илјада кубни метри природен гас, колку што плаќаше според договорот постигнат со владата на поранешниот претседател Виктор Јанукович, по чиешто соборување и присоединувањето на Крим кон Русија, Москва ги укина сите попусти за Украина и сега цената за тамошните потрошувачи изнесува 480 долари, додека ЕК смета дека Киев би требало да го врати долгото и да плаќа по цена како и за другите европски потрошувачи, околу 380 долари за илјада кубни метри гас.
Украина инсистира на промените договорот со Русија за цената на увезениот гас, изјави во средата привремениот премиер Арсениј Јаценјук.
„Русија нуди попуст од 100 долари за илјада кубни метри природен гас, но ние ја знаеме оваа стапица. Нам ние е неопходна промена во договорот”, изјави Јаценјук.
Според него, тој разговарал со шефот на министерството за енергетика Јуриј Продан кој се наоѓа во Брисел, и според него, ги завршил преговорите за гасот.
„Русија повторно го одложи плаќањето однапред, а тоа значи и одложување на прекин на испораките. Русија ни предложи намалување на цената на гасот. Но нашата позиција беше и остануваме на тоа дека треба да се измени договорот, а не да се согласиме со решението, коишто е го носи владата на Русија за намалување на цената на гасот”, изјави Јаценјук во Киев појаснувајќи дека потоа руската влада може да донесе одлука за зголемување на цената.
„Остануваме на претходните позиции: да се преработи договорот, воспоставување пазарна цена. Ние плаќаме по пазарна цена од 286 долари. Подготвени сме да ги покриеме сите долгови по таа цена, други предлози не прифаќаме”, изјави привремениот украински премиер.
Јаценјук уште еднаш ја повика Русија „да го потпише договорот за да не дозволи случајот да дојде пред суд”.
Според него, Украина има акумулирано 13,4 милијарди кубни метри газ во своите подземни објекти за резерви. Јаценјук на седница на неговиот кабинет изјави дека за зимскиот период на земјата и’ се неопходни 18,5 милијарди кубни метри гас./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Пуштена во употреба новата микробиолошка лабораторија за квалитет на „Алкалоид“ при официјалната посета на владина делегација на компанијата
ГЛАВНАТА ЦЕЛ НА МИКРОБИОЛОШКАТА ЛАБОРАТОРИЈА ЗА КОНТРОЛА НА КВАЛИТЕТ, НАЈНОВАТА ИНВЕСТИЦИЈА НА „АЛКАЛОИД“ АД ВРЕДНА 3,1 МИЛИОНИ ЕВРА, Е ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НАЈВИСОКО НИВО НА КОНТРОЛА НА МИКРОБИОЛОШКИОТ КВАЛИТЕТ НА СУРОВИНИТЕ, ПРИМАРНАТА АМБАЛАЖА, ПОЛУПРОИЗВОДИТЕ И НА ГОТОВИТЕ ПРОИЗВОДИ.
На простор од близу 700 м2 се спроведуваат активности како што се мониторинг на просториите и површините, мониторинг на системите за производство и дистрибуција на прочистена фармацевтска вода, мониторинг на компримираниот воздух, верификација на чистењето на процесната опрема, тестови за стерилност, идентификација на микроорганизми, тестирање на антимикробната ефикасност, потврда за ефикасноста на дезинфициенсите, како и други анализи, во согласност со регулаторните барања.


Оваа најнова инвестиција на „Алкалоид“ беше пуштена во употреба при официјалната посета на владина делегација на компанијата, предводена од Претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски, придружуван од д-р Азир Алиу, Министер за здравство, и од г. Сашо Клековски, Директор на Фондот за здравствено осигурување.
„Со Микробиолошката лабораторија за контрола на квалитет Македонија се позиционира како регионален лидер не само во фармацевтската микробиологија, туку и во целокупната контрола на лекови. Проектот е целосно финансиран и реализиран од ’Алкалоид’ АД, со сопствени ресурси, интерна експертиза и со инвестиција од околу 3,1 милиони евра реализирана во период од речиси две години, што е јасна потврда за визијата, знаењето и за долгорочната посветеност на компанијата на врвниот квалитет“, изјави Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје.

„За мене претставува огромна чест и задоволство што денеска во ’Алкалоид’ видовме работи кои ги гледаме во најсовремените светски фармацевтски индустрии. Горди сме што се македонски. Благодарност до Генералниот директор и до сите вработени кои денеска стручно ни објаснија со што сè се занимава оваа компанија и можам со задоволство да констатирам дека над 3000 вработени ја градат својата иднина во ’Алкалоид’. Извозното портфолио на компанијата, кое е повеќе од две третини од производството, позитивно влијае во насока на економската состојба на државата и зголемувањето на БДП и на индустриското производство, па затоа ние како Влада секогаш ќе поддржуваме успешни македонски приказни бидејќи нема подобра промоција за државата од ваква успешна приказна надвор од границите“, изјави Претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски.

Новата Микробиолошка лабораторија за контрола на квалитет на „Алкалоид“ АД Скопје има капацитет да изведува околу 20.000 различни микробиолошки анализи годишно, a во неа работи 21 високостручно лице. Одделот за контрола на квалитет носи стратешка одговорност за усогласеност со меѓународните регулаторни стандарди во фармацијата, а со него раководи д-р Ѓорѓи Петрушевски, доктор по хемиски науки со значаен научен придонес (33 објавени научни трудови во меѓународни списанија со фактор на влијание и повеќе од 500 цитати) и со експертиза на полето на фармацевтската хемија и фармацевтските системи за квалитет.


Економија
Народната банка и Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (SECO) потпишаа меморандум за соработка и јакнење на институционалните капацитети
Народната банка и Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија – СЕKО (SECO) потпишаа Меморандум со кој се воспоставува рамка за соработка во периодот 2025 ‒ 2028 година. Меморандумот го потпишаа гувернерот на Народната банка, Трајко Славески и амбасадорот на Швајцарија во земјава, Кристоф Зомер.
Соработката опфаќа обезбедување техничка помош и размена на знаење заради унапредување на истражувачката активност, модернизација на алатките неопходни за водење монетарна политика, зајакнување на стабилноста на финансискиот сектор, како и за понатамошно јакнење на институционалните капацитети на Народната банка.
„Воспоставената соработка претставува значаен поттик за натамошно зајакнување на капацитетите на Народната банка во повеќе важни области на работењето и потврда на долгогодишното партнерство меѓу нашата земја и Швајцарија“, истакна гувернерот Славески нагласувајќи ја улогата на централната банка во обезбедувањето макроекономска стабилност и поддршката на одржливиот економски развој.
„Швајцарија е посветен партнер за развој на Северна Македонија повеќе од 30 години. Преку овој меморандум за соработка, ја потврдуваме нашата поддршка за економските институции и реформите во земјата, како и за силна, независна и кредибилна централна банка којашто ги применува меѓународните и европските стандарди. Швајцарија го почитува ова партнерство и е посветена на унапредување на макроекономската стабилност и на одржливиот економски развој“, истакна амбасадорот Зомер.
Во рамките на Програмата, активностите се насочени кон унапредување на спроведувањето на монетарната политика, промовирање стабилен и сеопфатен финансиски сектор, зајакнување на отпорноста, одржливоста и ефикасноста во работењето. Поддршката опфаќа анализа и спроведување на монетарната политика, макроекономски податоци и статистика, истражувања, финансиска стабилност и вклученост, развивање нови дигитални решенија за модернизација на платежната инфраструктура преку подобрување на пристапот до платежните услуги, еколошката одржливост, управувањето со ризиците, како и управувањето со човечките ресурси и меѓународната соработка.
Соработката се остварува во рамките на Програмата за билатерална помош и градење капацитети за централните банки (Bilateral Assistance and Capacity Development for Central Banks – BCC), финансирана од СЕКО и спроведена од Женевскиот институт за меѓународни и развојни студии. Програмата има за цел да ги зајакне капацитетите на централните банки во земјите во развој преку унапредување на нивната аналитичка и техничка експертиза за водење ефикасна монетарна политика и одржување стабилен финансиски систем. Со потпишувањето на Меморандумот, Народната банка ќе биде дел од оваа мрежа на институции коишто преку оваа програма инвестираат во знаење и напредок.
Економија
Божиновска пред Енергетската заедница: Македонија ја забрзува интеграцијата во европскиот енергетски пазар
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, се обрати на состанок на Енергетската заедница, каде што ја презентираше реалната и мерлива динамика на напредокот на Северна Македонија во усогласувањето со европското енергетско и климатско законодавство и во јакнењето на регионалната енергетска интеграција.
Во своето обраќање, министерката истакна дека изминатата година била обележана со предизвици, но и со конкретни институционални резултати, пред сè во делот на законодавните реформи и стратешките инфраструктурни чекори.
Како клучна пресвртница, Божиновска го нагласи усвојувањето на новиот Закон за енергетика, со кој во голема мера е транспониран Пакетот за интеграција на електричната енергија. Според неа, Законот создава јасна правна основа за активна интеграција на националниот електроенергетски и гасен систем во регионалниот и во внатрешниот пазар на Европската Унија и претставува најзначајниот чекор кон идното спојување на македонскиот пазар со европскиот пазар на електрична енергија.
„Со овој закон се редефинираат улогите, обврските и одговорностите на институциите, операторите на преносните системи и пазарните оператори – не само во имплементацијата, туку и во активното учество во креирањето на заедничките правила за регионалните енергетски пазари“, беше истакнато во обраќањето.
Дополнително, министерката информираше дека во 2025 година е усвоен и Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетска ефикасност, со кој се отстрануваат регулаторните и нерегулаторните бариери за реализација на проекти за енергетска ефикасност, се зајакнува соработката меѓу сите чинители, се поттикнува користењето обновливи извори на енергија кај крајните корисници и се овозможува поефикасно користење на финансиски механизми и стимулации.
Во делот на стратешкото планирање, Божиновска информираше дека Ревидираниот Национален енергетски и климатски план (НЕКП) за периодот 2025–2030 се наоѓа во финална фаза пред усвојување. Јавната консултација со сите релевантни засегнати страни, вклучително и со Енергетската заедница, е завршена, а усвојувањето се очекува во најкраток можен рок.
Посебно беше истакнат и пристапот на МЕПСО кон Заедничката канцеларија за алокација (JAO) – заедничката европска платформа за аукција на прекугранични преносни капацитети, што, како што кажа Божиновска, претставува стратешки исчекор за националниот електроенергетски систем и практична интеграција во најголемата и најтранспарентна европска платформа од овој тип.
Во таа насока, министерката најави дека МЕПСО има намера да номинира еден преносен инфраструктурен проект во рамки на процесот за избор на Проекти од интерес на Енергетската заедница / Проекти од заемен интерес (PECI/PMI) во циклусот за 2026 година, како дел од заложбите за јакнење на регионалната поврзаност и усогласување со европските плански рамки.
На крајот, Божиновска подвлече дека државата паралелно работи на критични инвестиции во регионалните електроенергетски и гасни интерконекции, со цел зголемување на енергетската безбедност, вклучително и проектот за гасен интерконектор со Грција и продолжување на разговорите со Србија.

