Култура
Изложба на Фљака Халити во „Прес Ту Егзит“

Проектниот простор Прес Ту Егзит во соработката со Центарот за современа уметност „Стацион“ од Приштина ја организира изложбата на младата уметница Фљака Халити, од Приштина
Отворањето на изложбата на Фљака Халити, кураторски проект на Алберт Хета со наслов „Als ich ein Kind war, wollte ich Künstlerin werden“ („Уште кога бев дете, сакав да бидам уметник“), ќе се случи во четврток, 30 септември, во Културниот центар „ЦК“ и ќе трае до 12 октомври.„Уште кога бев дете, сакав да бидам уметник“ на Фљака Халити отворено зборува за позицијата на уметниците во различни системи на вредување. Поточно, таа истражува теми кои претставуваат предизвик за општеството и за уметничката сцена и ги поставува прашањата за тоа каква е улогата на жената – уметник во една средина во која доминираат сексистички, машки структури кои имаат само еден конструиран профил за жената – уметник и одредени, еднообразни правила во создавањето на полово базирани наративи.Инсталацијата „Уште кога бев дете, сакав да бидам уметник“ се состои од делата „Me, You and Everyone we Know“ (2010) кое е рефлексија на позицијата на жените и мажите уметници во историјата на уметноста и институционалниот систем на моќ, делото „Now you are so well“ (2009) – фотографии кои го документираат истражувањето во личните искуства кои се случиле за време на студиите на Институтот „Staedelschule“ во Франкфурт на Мајна и „My Balls“ (2008) – документација на нелегалната интервенција изведена за време на отворањето на годишната изложба „Muslim Mulliqi Award“, организирана од Уметничката галерија во Косово.Фљака Халити, родена 1982 , е новина на косовската уметничка сцена. Таа живее и работи на релација Приштина – Франкфурт на Mајна. Дипломирала на Академијата за ликовна уметност на Универзитетот во Приштина во 2005 г. Во моментов таа е на студии на Институтот „Staedelschule“ во Франкфурт на Мајна во класата на професорката Џудит Хоф.Халити е концептуална уметница која работи со видео, звук, инсталација, фотографија и перформанс. Нејзини дела биле прикажани на самостојни и групни изложби, презентации, симпозиуми и работилници во Копенхаген, Берлин, Виена, Брисел, Франфурт и Приштина.Таа е добитник на Првата награда „Агрикултура и банкарство“, организирана од „Staedelschule“и Rentenbank во Франкфурт на Мајна во 2009 г. за делото „Now you are so well“. Исто така и е добитник на стипендијата DAAD во 2009 – 10 година.„Проектниот простор Прес Ту Егзит“ е основан во 2004 г. од уметниците Јане Чаловски и Христина Иваноска како специјална програмски базирана уметничка иницијатива за истражување и продукција во областа на ликовните уметности и кураторски практики. Трите главни програми се: Иницијатива за кураторски гостувања, Нови проектни продукции и Предавања, изложби и публикации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Објавен првиот том на Правописно-нормативниот речник на македонскиот стандарден јазик

Во издание на „Бата прес“ објавен е првиот том на Правописно-нормативниот речник на македонскиот стандарден јазик, на кој автори и редактори се осум универзитетски професори. Објавувањето на речникот е поддржано од Министерството за култура како проект од национален интерес за 2024 година.
Својата прва промоција речникот ќе ја има на годинешниот Саем на книгата во арената „Борис Трајковски“, на штандот на издавачот, во вторник, во 11.30 часот. Речникот ќе го претстават рецензентката проф. д-р Весна Костовска и авторката редактор проф. д-р Елизабета Бандиловска.
Во првиот том се поместени зборовите од буквата А до буквата Ж, а авторите (универзитетските професори) и соработниците постојано работаат, така што во наредните изданија ќе бидат обработени зборовите до буквата Ш, и правописно-нормативниот речник како плод на повеќегодишен труд ќе биде комплетиран.
Овој капитален лексикографски зафат се надоврзува на повеќето изданија од овој вид, почнувајќи првиот македонски правописен прирачник Македонски правопис со правописен речник од Блаже Конески и Крум Тошев (1950) до Правопис на македонскиот јазик во издание на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и издавачката куќа „Култура“ (2015 и 2017 година).
Автори и редактори на изданието се: Лидија Аризанковска, Елизабета Бандиловска, Снежана Велковска, Виолета Јанушева, Елена Јованова-Грујовска, Искра Пановска-Димкова, Симон Саздов, Људмил Спасов.
Соработници на проектот се Марија Антевска, Филип Белчев и Македонка Додевска.
Култура
Изложба ,,Менче Спировска – Визуелна фасцинација со Загреб“ во Загреб

Во македонскиот КИЦ во Загреб во рамките на програмата по повод 145-годишнината од постоењето на Музејот на уметности и занаети – Загреб, на 13-ти мај ќе биде отворена изложбата ,,Менче Спировска – Визуелна фасцинација со Загреб“ на една од најзначајните македонски графичарки, Менча Спировска. На изложбата ќе бидат претставени речиси непознати дела за хрватската јавност создадени во 1950-тите години во Загреб.
Изложбата се реализира како заеднички проект на загребскиот Музеј на уметностите и занаетите и македонскиот Културно-информативен центар во Загреб по повод 145-годишнината од основањето на загребскиот Музеј за уметности и занаети. Директорката на македонскиот Културно-информативен во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, ги потврди заложбите на директорот на Музејот за уметности и занаети, Сањин Михелиќ дека со оваа изложба се промовираат вредностите на меѓународната соработка и културните врски меѓу Хрватска и Македонија, кој потенцираше дека во годината кога ја одбележуваат 145-годишнината од постоењето на Музејот ќе следи уште една исклучителна изложба на фотографии од студиото на семејството Арсовски во соработка со македонскиот Културно-информативен центар во Загреб и Музејот на Град Скопје.
Изложбата насловена ,,Менче Спировска – Визуелна фасцинација со Загреб“ за првпат го претставува комплетниот уметнички опус на Менче Спировска создаден за време на нејзиното студирање во Загреб, кој што се чува во фондовите на Музејот на уметности и занаети. Централно место на изложбата е нејзиното до сега неизложено дело од областа на графичкиот дизајн, „Концептуален дизајн за рекламна туристичка брошура на Загреб“, кое сега за првпат ќе биде изложено во целост, создадено за време на нејзините студии на поранешната истакната Академија за применети уметности во Загреб, којашто оставила значаен траг во развојот на уметноста, дизајнот и визуелната култура во Хрватска.
Изложбата го прикажува и придонесот на македонските студенти на загрепската уметничка сцена во 1950-тите, а Менче Спировска зазема посебно место како посредник на културните и естетските вредности на двете земји.
Култура
Ретроспективна изложба на Анета Светиева во Даутпашиниот амам

Националната галерија го најавува претставувањето на творештвото на Анета Светиева. Изложбата ќе биде поставена во Даут пашиниот амам до крајот на месец август, а официјалното отворање ќе биде на 21 мај 2025 (среда), во 20 часот.
Ретроспективната изложба на Анета Светиева е дел од програмата на Националната галерија за сеопфатно презентирање на македонските современи уметници кои ја креираа нашата ликовна сцена. Проектот ја следи монографијата за Светиева издадена 2023 година, со што се заокружува долгогодишното следење и истражување на богатиот творечки опус на еден од најзначајните македонски скулптори.
Сложеното, комплексно, иновативно и креативното творештво на Анета Светиева, го поставува нејзиното дело на самиот врв не само на македонската ликовна сцена, туку и на една пиширока платформа која ги преминува границите на регионот.
Во почетокот на седумдесеттите , поинаквите видувања не само на формата, на појавниот облик, туку и на некои суштински прашања во однос кон делото, беа причина критиката да ги дефинира скулптурите на Анета Светиева (веќе во нејзините првични настапи) како дела со јасен концептуален и изведувачки проседе, вон од тогашните вообичаени јазички модели. Тие блескави мигови вон од општите стилски движења и веќе контурирани шеми, создаде еден индивидуален пробив во скулпторската материја. Нејзиниот самостоен пластички исказ кој се наметна со силината на автентичноста надвор од главните актуелни текови, го иницира внатрешното битие на делото, неговата вибрација што реагира на живиот дух на времето како знак на современоста. Внатрешните диктати се генерирани од изворите на нејзиниот интерес за етносот, фолклорот и печената земја како исконските артефаки, како прилози на делување на еманципираниот човечки дух. Нејзиното творештво е во темелен дијалог со етнолошката ризница и обичаите на Балканот и пошироко, врз кои што ги гради сопствените митолошки пејзажи и ги воскрснува колективните митови до степен на универзалното. Во нејзините форми, материјализираната идеја се наметнува со убедливо сведоштво за густо, слоевито преплетување на уметноста на сегашниот миг и оние слоеви кои можат да се разбудат во секој творец. Тој спој е кај Анета реализиран и нагласен и во него е содржан и одговорот на круцијалното прашање за потеклото и слоевитото значење на нејзиното дело. Во каталогот за изложбата во Белград, 1984, Анета кажува : “Моите размислувања, некој флуид …и порано, веке во првите чекори, беа насочени кон овој свет на митот како автохтоност, автентичност, како мој идентитет искажан со синтагми, со секвенци од разновидните области и начини на сфаќањето на животот на мојот народ, на мојата почва и поднебје. Се е поврзано на некој начин.”