Економија
Ставрески: Конзистентни реформи за подобра бизнис клима и привлекување на инвестиции
Eдинствениот начин за привлекување на инвестиции се цврстите и конзистентни реформи за олеснување на бизнис климата, посочил министерот за финансии Зоран Ставрески во интервју за лондонски The Banker, анализирајќи го привлекувањето инвеститори и рангирањето на Македонија на 25. место во извештајот на Светска банка за условите за водење бизнис.
„Прво треба да ги средите работите, треба значително да го подобрите деловното окружување, постојната инфраструктура, и, исто така треба да имате квалификувана работна сила, а не само конкурентна работна сила во смисла на трошоците, туку и со добар квалитет. Така што, ова е она што го направивме во последните неколку години. Инвестиравме многу во инфраструктурата, исто така инвестиравме и во образованието, околу 6 проценти од БДП е инвестирано во образованието, но спроведовме и бројни реформи за поедноставување на постапките, намалување на бирократијата, со цел да го направиме деловното окружување што е можно полесно и поедноставно”, потенцира Ставрески.
Според него, воведувањето на рамниот данок била една од најважните реформи во 2006 година, по што следеа реформи во регулаторното окружување, катастарот и имотните права, судството и сите други области кои се важни за инвеститорите.
За Ставрески, предизвикот за Владата е да остане конзистентна и постојано да го приспособува и да го подобри деловното окружување, бидејќи на тој начин се одговара на потребите на приватниот сектор.
„На тој начин ние се справуваме со постојните предизвици и со потребите на приватниот сектор. Ова ни помогна да привлечеме некои глобални компании, како што се „Џонсон Мети”, „Џонсон Контролс”, како и други компании, кои не само што инвестираа за првпат во Македонија, туку повторно инвестираат по неколку години, што покажува дека се задоволни со деловното окружување”, истакнал министерот.
Ставрески додава Македонија има динамична економија, а растот од 3,3 проценти беше највисок пораст во Европа. Невработеноста е намалена, а Буџетот и јавните финансии се стабилни и вкупниот долг е на одржливо ниво, под Мастришките критериуми и значително под просекот во регионот.
Вицепремиерот исто така навел дека банкарскиот сектор бил еден од столбовите за порастот, во смисла на тоа да се одржи сигурен и стабилен во услови на криза, обезбедувајќи ја потребната кредитна поддршка за приватниот сектор.
Во однос на кредитната активност, Ставрески посочува дека таа не била толку силна како во некои други земји, така што соодносот помеѓу кредитите и БДП во Македонија е сè уште понизок во споредба со други земји.
„Тоа покажува дека има простор за зголемување, меѓутоа, секако, само за профитабилни проекти кои нема да ги зголемат нефункционалните заеми на банкарскиот сектор. Она што го гледаме како перспектива за банкарскиот сектор најверојатно е консолидација на банкарскиот сектор, што не значи многу банки туку повеќе здрави банки. Во овој контекст, отворени сме за нови инвеститори кои се подготвени да ги купат постојните банки или да бидат присутни во банкарскиот сектор во Македонија”, објаснува Ставрески./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

