Култура
Симпозиум: Хрватско – македонски културни врски

Во Риека почна со работа тридневниот меѓународен симпозиум за хрватско-македонските културни, книжевни и јазични врски на кој учествуваат македонски и хрватски лингвисти и поети.
Во Риека почна со работа тридневниот меѓународен симпозиум за хрватско-македонските културни, книжевни и јазични врски на кој учествуваат македонски и хрватски лингвисти и поети.„Не се собравме тука, по кој знае кој пат да ги цитираме нашите учители и професори, и покрај тоа што и јас сега сум во таа генерација, туку да ги изнесеме сопствените гледишта и да ги споделиме едни со други“, изјави Горан Калоѓера, еден од организаторите и почесен македонски конзул во Хрватска.Најголемиот хрватско-македонски славистички собир го поздравија хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ, кој е и покровител на настанот, македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов и првиот македонски претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, кои до учесниците на собирот упатија поздравни пораки. Според Јосиповиќ, секогаш низ културата, науката и уметноста, како и низ соработката на универзитетите и останатите културни институции можат да се зацврстуваат и развиваат пријателските односи меѓу земјите, особено оние во регионот. Македонскиот претседател Ѓоре Иванов верува дека со оглед на тоа дека се работи за најголем симпозиум од ваков вид, собирот ќе донесе извонредни трудови, дискусии и секако ќе ги зајакне традиционално блиските врски меѓу Република Македонија и Република Хрватска.крај/макфакс/мг
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Концерт на музичари од поранешна Југославија во Филхармонијата

Во петок, 5 септември, во Камерната сала на Македонската филхармонија, публиката ќе има можност за прв пат во Скопје да го слушне No Borders Orchestra, ансамбл во кој свират најдобрите професионални музичари од поранешна Југославија.
Програмата ќе вклучува некои од најубавите дела некогаш напишани за гудачки оркестар: Adagietto од Малер, Verklärte Nacht од Шенберг и Metamorphosis од Штраус. Ова се дела кои, според уметничкиот директор Премил Петровиќ, претставуваат експлозија на страст собрана околу темите Љубов и Смрт.
Делата на овие тројца композитори се среќаваат и се одразуваат во делата на најважните помлади регионални композитори, меѓу кои е и една композиторка од Северна Македонија, кои го тематизираат нашето време на криза и неопходната потреба за трансформација на сите нас и на сите нивоа. Композиции од Нина Перовиќ (Црна Гора), Давор Бранимир Винце (Хрватска), Дарија Андовска (Северна Македонија) и Марко Никодијевиќ (Србија) беа напишани специјално за овој проект.
Социјалната мисија на овој ансамбл, во кој свират музичари од Западен Балкан, секогаш укажува и охрабрува позитивни општествени промени, соработка и толеранција, но исто така допира до луѓето и комуницира со публиката на иновативен и емотивен начин.
Култура
Кинотеката на Македонија ја почнува новата Филмска училница

Кинотеката на Македонија од 13 септември 2025 ја почнува новата Филмска училница, едукативна програма наменета за ученици од основното образование (11 до 14 години), кои сакаат да ја откријат магијата на филмот и да ги совладаат првите чекори во создавањето сопствени кратки филмови.
Филмската училница ќе се одвива секоја сабота, во текот на десетина последователни викенди, до почетокот на декември. Учесниците ќе имаат можност да се запознаат со процесот на создавање филм – од идеја и сценарио, преку снимање и монтажа, до финална проекција пред публика.
Сите училници ќе ги предводи режисерот Саша Станишиќ, долгогодишен едукатор и филмски професионалец, а во улога на гости предавачи ќе се вклучат и монтажери, кинематографери, сценаристи и продуценти, кои ќе им ги откријат на младите филмаџии тајните на професијата.
Филмската училница 2025 се реализира во рамките на меѓународниот проект FilmED, финансиран од Европската Унија преку програмата Creative Europe – MEDIA, со цел развој на филмска писменост, промоција на европската кинематографија и збогатување на едукативните ресурси за млади. Проектот ги обединува институциите и организациите од Македонија (Кинотека на РС Македонија), Полска (Центар за филмска култура „Анджеј Вајда“), Унгарија (Национален филмски центар на Унгарија), Чешка („Крутон“) и Словачка (кино „Усмев“), со координација на Гете-институтот од Прага.
Со оваа иницијатива Кинотеката продолжува со својата посветеност на младата публика и развивање нови генерации што критички ќе го разбираат и креираат филмот како медиум што ги поврзува креативноста, културата и современото образование.
Повеќе информации за проектот можете да пронајдете на веб-страницата https://film-ed.eu/.
Сите дополнителни информации можете да ги добиете на веб-страницата https://kinoteka.mk/, https://filmskauchilnica.mk/, како и на телефонскиот број +389 78 398 085 и на е-поштата [email protected]
Култура
Продолжува кампањата „Читаме современи македонски автори“ во Градската библиотека

ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје го започнува четвртиот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“ со романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска како книга на месецот, а разговорот со авторката ќе се одржи в среда (3 септември) во 19 часот во спомен-собата „Т’га за југ“.
Кампањата започна во септември 2022 година и досега беа претставени вкупно 24 современи македонски автори и исто толку дела.
Проектот, низ трите препознатливи фази (книга на месецот, разговор со авторот и клуб на читатели) значително го зголеми интересот за современата македонската книжевност низ сите библиотеки од мрежата на ГБСК, па и пошироко. „Читаме современи македонски автори“ во 2024 година беше проласена за Промотор на читачката култура од страна на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).
Во четвртиот циклус од „Читаме современи македонски автори, исто така, предвидени се осум автори и дела. Книгата за месец септември е „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска (издание на Арс Ламина), добитник на Рациновото признание за 2025 година.
Ова е трет роман за возрасни на Ќорвезироска по „Заклученото тело на Лу“ и „Аб’т“. Тој е внимателно осмислен омаж на Славко Јаневски, којшто не е класична посвета, ниту римејк на конкретно дело. „Три Марии“ содржи три самостојни приказни за три различни жени кои носат исто име – Марија и кои сакаат да ги напуштат моментните животи поради грешна љубов. Своја или туѓа. Она што ги обединува во романескна структура е токму станот што се издава и што сите три сакаат да го изнајмат, барајќи спас во него.
Разговорот со Ќорвезироска ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти ќе чита актерот Андреј Серафимовски.