Култура
Отворена изложбата со дела од Личеноски

По повод јубилејот 110 години од раѓањето на Лазар Личеноски, синоќа во Даутпашиниот амам при Националната галерија на Македонија беше отворена изложба со негови дела
Изложените дела се дел од донацијата од 160 слики кои семејството на основоположникот на македонската ликовна уметност ги отстапи на Република Македонија.„Донацијата која по својот импозантен број и издржан квалитет е реткост во национални рамки и пошироко, семејството на авторот ја подари во трајно владеење на Република Македонија и конкретно по лична желба на авторот во трајно наследство на Националната галерија на Македонија“ – истакна Маја Крстевска, директорка на Националната галерија на Македонија.„За нас во Националната галерија на Македонија беше вистински предизвик достојно да го одбележиме јубилејот 110 години од раѓањето на Лазар Личеноски, творецот кој во сите пори на своето битие го чувствуваше родното македонско поднебје и во сите потези на неговата четка го славеше секој миг од животот“.„Ликовниот и естетскиот квалитет во неговото творештво е неспорен и многупати е оценет од стручната критика како најавтентичен ликовен автор од основоположничката генерација македонски уметници со највисоки оценки за неговото потенцирано чувство за боја, експресивен гест и генијална поставеност на сликата“ – нагласи Крстевска.Исклучителната донација е редок настан по големина и квалитет во Република Македонија. Таа е несебичен акт на наследниците на Личеноски кон Република Македонија, а по желба на авторот. Лазар Личеноски заедно со Никола Мартиноски, Димитар Пандилов Аврамовски и скулпторот Димо Тодоровски се основоположници на македонската модерна ликовна уметност.За личноста и творештвото на Лазар Личеноски беседа одржа Владимир Георгиевски, сликар, универзитетски професор и член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија.„Делата што се пред нас се неодминлив дел од темелните вредности на македонската современа ликовна уметност. Под нивниот знак се слави слободата на човечката личност. Таа го покажува духовното ослободување од светот и од неговите нужности. Мојот учител Лазар Личеноски ме учеше дека секој ученик, па со тоа и секој човек, има пиле вгнездено на левата страна во неговите гради. И тоа мора постојано да пее. И само низ таа песна, не учеше тој, се создава сликата за ослободувањето на духот од прангите на земното вистинито“.„Од другата негова страна, на ова земно вистинито, е убавината во долината на солзите. Ете зошто вистинскиот пат на творецот води кон космосот, а не кон површината на светот“.„Откривајќи ја својата духовна вертикала, со сите нејзини етички и естетски функции, Лазар Личеноски го вгради своето сликарско дело во македонската култура како белег на нејзината самобитност и на нејзината неповторливост. Таквиот творечки чин е доживување на внатрешна сила низ која привидот што не опкружува е пресоздаден во вистина за непобитното постоење на убавината“.„Кај мојот учител Лазар Личеноски учев дека во тоа што се учи и во тоа што се живее и што се слика, ако нема вистина, тогаш е залуден сиот труд. Во делата изложени во Националната галерија, сликарските елементи, меѓу кои особено значење има бојата, не се внатрешна декорација на делото, туку тие се неговата вистина. Тоа е победа врз минливоста. Така се создава стилот. Дарбата, зборуваше тој, е само еден отсто, а останатото е жестока работа“.„Која уметност не почива на силното внатрешно преиспитување на сите вредности. На тој пат за Лазар Личеноски традицијата ќе биде постојано осознавање. Низ неа тој ја дефинира сопствената слобода, сопствената мерка, сопствената разумност и независност“.„Творецот сам ги воспоставува законите на кои им служи и тогаш кога на нив ништо не го обврзува. Тогаш облиците во сликата сами се сложуваат, како според некаква нужност, подеднакво неприкосновена како онаа според која се движат ѕвездите, или растат дрвјата. Мојот учител ме учеше дека сè што постои на овој свет е поврзано меѓусебе. Кога ја насетив таа вистина разбрав дека токму од таа поврзаност живописецот создава совршенство и жива убавина“.„Со одбележувањето на јубилејот на големиот Лазар Личеноски, го одбележуваме и отрајувањето на неговата уметност, а низ неа и отрајувањето на нашата култура“.„Творечкиот пат е подвижнички и страдалнички, но тој секогаш е ослободување од секоја потиштеност, пишуваше Николај Берѓаев. Среќен сум и горд што бев ученик на Лазар Личеноски“ – рече Владимир Георгиевски.Изложбата за отворена ја прогласи министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска.„Кога сликам во живо ги исклучувам ефектите на сонцето и ја нагласувам изразноста и обликовните можности на бојата. Сигурна сум дека многумина го паметат ова славно искажување на големиот поет на македонскиот пејзаж. Најавтохтониот и најавтентичниот ликовен творец од постарата генерација, авторот кој во своите слики, монументални мозаици, фрескоживопис и таписерии оствари основоположничка улога – големиот Лазар Личеноски“.„Првпат пред македонската јавност со изложбата откриваме нови дела на Личеноски и повторно ја осознаваме неговата уметничка големина, неговиот индивидуален стил кој ја збогати македонската културна ризница“.„Збирката која семејството на Личеноски ја донираше на македонската држава е вечно сведоштво за интензивните внатрешни чувства, духовноста и немирот на големиот Македонец, кој нашата земја на целиот свет му ја претстави во безброј фасцинантни бои и впечатливи пејзажи“.„Творештвото на Лазар Личеноски, првиот и ненадминат уметник, што ја откриваше живата и мртвата природа на својот роден крај, претставува врвен репрезент на македонската културна традиција. Со своето дело и со својата исклучителна личност Личеноски ја внесе Македонија во културната и ликовната мапа на Европа, а неговите достигнувања прераснаа во идентификација за вистинските вредности во македонското културно живеење“ – нагласи Елизабета Канческа – Милевска.Изложбата со делата од донацијата на семејството на Лазар Личеноски е поставена во објектот Даут Пашин амам при Националната галерија на Македонија
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Сергеј Андреевски и Никола Пијанманов изложуваат во Грција

Вечерва, со почеток во 20 часот, во главниот град Хора, на островот Андрос, свечено ќе биде отворена изложбата на првата интернационална уметничка работилница со наслов „Поистоветени со хоризонтот“ (“Aligned to the horizon”).
Во текот на јуни, девет меѓународни уметници: Сергеј Андреевски (Скопје), Ан Лизе Бројер (Париз), Стано Бубан (Братислава), Маријана Кацарас (Тунис), Маркос Хаџипатерас (Лондон – Атина), Никола Пијанманов (Струмица), Герлинде Пистнер (Нирнберг), Кристина Рахме (Бејрут) и Карла Салем (Лондон – Бејрут) се нурнаа во пејзажот, архитектурата и приказните врежани во камењата и древните патеки на Андрос – и ги трансформираа овие средби во уметнички дела за време на нивниот престој во резиденцијата „Амалија Гарденс“ во Витали, Андрос.
Сместена во историска зграда во Хора, изложбата ќе биде отворена до 31 август, поканувајќи ги и локалното население и посетителите да се вклучат во уметнички дела создадени во директен дијалог со островот. Поканетите уметници имаа средби со вистинските чувари на наследството на Андрос – локалните производители и жители – и истражуваа пејзажи што носат силни траги од човечко присуство низ вековите: антички камени тераси што ги обликувале полињата, вековни маслинови градини, камени фарми и традиционални пешачки патеки. Преку оваа интеракција со островот и неговите жители, уметниците беа поканети да размислуваат за тоа како овие елементи служат како живи сведоштва за долгогодишна, хармонична врска меѓу луѓето и нивната околина; Како минатите начини на живот можат да се прилагодат на денешната реалност и каква улога може да игра уметноста во усогласувањето на наследството на островот со современите ритми?
Целта на резиденцијата и изложбата е да се истакне безвременската релевантност на традициите на островот Андрос – не како реликвии од минатото, туку како вредни ресурси за сегашноста.
Иницијативата ја спроведува здружението „Амалија Гарденс AMKE“, основано од архитектите и дизајнерите Харис Савидис и Пени Валсамиду. Името на организацијата ѝ оддава почит на Амалија Атанасиу, последната жителка на напуштената населба Калокаирини, со цел да ја оживее како нов центар на уметничка креативност. Резиденцијата „Амалија Гарденс“ има за цел не само да ја промовира современата визуелна уметност, туку и да поттикне значаен дијалог меѓу уметниците и културното наследство на островот. Преку оваа размена, програмата се стреми да создаде жив дијалог што ќе остави траен отпечаток врз сегашноста и иднината на Андрос.
Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ овој викенд на Grossmann Fantastic Film & Wine Festival во Словенија

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ во сценарио и режија на Гоце Цветановски ќе биде прикажан на 21. издание на Фестивалот за Фантастични филмови и вино во Љутомер, Словенија. Проекцијата е закажана за сабота, 5 јули во Домот на културата.
Интересно е што фестивалот, покрај внимателно селектираната програма од жанровски филмови, има и посебен фокус на виното. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат различни вина за време на фестивалските настани, создавајќи уникатно искуство кое ги спојува филмот и винската култура.
„Овој фестивал за мене има посебно значење, затоа што во 2016 година гостував со краток анимиран филм и тогаш ја имав честа да се запознаам со Јан Харлан, продуцентот на Стенли Кјубрик – еден од моите омилени режисери, чие влијание може да се забележи во повеќе сцени од ‘Јон Вардар’“, изјави режисерот Гоце Цветановски.
Култура
Марко Виденовиќ и „Мевлем“ вечерва на „Бит-фест“

Битолското културно лето „Бит фест“, вечерва во Офицерскиот дом во Битола со почеток во 21:00 часот, ќе биде домаќин на прекрасна вечер во која музиката низ Проектот „Мевлем“ ќе зборува за љубовта, болката и надежта…
Проектот „Мевлем“, претставува уникатен спој на авторска музика и поезија од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој наиде на извонреден прием и сериозен одек меѓу публиката и културната јавност, како во земјава така и надвор од неа.
Со секој од досега реализираните концерти, „Мевлем“ не само што ја потврдува својата уметничка автентичност, туку и се етаблира како проект со исклучителен емотивен и социјален капацитет. Неговата досегашна реализација покажа дека публиката, без оглед на културниот контекст, препознава искреност, длабочина и убавина.
Музичкиот состав „Мевлем“ е составен од музичарите: Памела Велкова – виолина, Верица Ајтовска – виола, Енис Аљи – виолончело, и самиот автор Марко Виденовиќ – пијано и глас, кои досега концерти одржале во: Загреб, Белград, Скопје, Битола, Охрид, Гевгелија и Велес.
Во вечерашната програма се вбројуваат композиции кои се специјално создадени за проектот „Мевлем“ и претставуваат иновативен пристап кон камерната музика и современата поезија.
„Мевлем“ е повеќе од концерт – тој е уметничка исповед, место каде поетскиот збор не се чита туку се чувствува, каде што музиката не се слуша туку се доживува. Создаден од композиторот и поет Марко Виденовиќ, овој проект е интимен дијалог помеѓу музиката и зборот, меѓу солистите и тишината, меѓу публиката и нејзините најдлабоки емоции.
Композициите, инспирирани од лична и колективна болка, љубов, надеж и тишина, се изведуваат од музичари кои со секој тон ја раскажуваат таа внатрешна вистина. Влијанието што овој проект го има врз публиката е од оние ретки, длабоки уметнички впечатоци што долго остануваат со човекот.
„Мевлем“ во својата суштина има потреба – да се понуди лековитост преку уметноста, да се овозможи допир со нешто исконско, нешто што ги надминува жанровите и формите.
„Целта никогаш не беше само да се приреди концерт, туку да се отвори простор за уметнички дијалог, за разбирање и заедништво. Резултатите од тоа не се само мерливи преку број на публика, аплаузи или медиумски интерес – туку преку тишината меѓу две композиции, преку солзите по последниот акорд, преку луѓето што приоѓаат по концертот не за да честитаат, туку за да споделат своја приказна. А токму тоа, всушност, беше и крајната цел“, вели Марко Виденовиќ, автор на Проектот „Мевлем“, кој вечерва ќе биде претставен пред публиката во Битола.