Македонија
Заев нема да оди на преговорите во Брисел
Лидерот на oпозициската СДСМ, Зоран Заев во петок објави дека тој нема да присуствува на преговорите во Брисел закажани за 10-ти јуни со посредство на еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан.
Причината за оваа одлука, како што рече Заев, била изјавата на Хан којашто ја даде во петок во Вашингтон, којашто според него, била пристрасна и несоодветна.„Изјавата во Вашингтон на Јоханес Хан, еврокомесарот за проширување на ЕУ, содржи елементи на пристрасност и е несоодветна во подготвителниот период пред одлучувачката средба во Брисел. Зачудува оценката на Хан за генерално позитивни извештаи од набљудувачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР за последните изборни циклуси во Македонија. Ниту ОБСЕ, ниту ЕУ досега не констатираа дека извештајот за изборите во Македонија е позитивен. Дополнително доказите од проектот ‘Вистината за Македонија’ ја разоткрија меѓу другото и криминалната позадина на повеќе изборни циклуси во Македонија организирани и спроведени од Никола Груевски и неговата власт. Ние во целиот овој период се однесуваме максимално демократски и седнавме на заедничка маса и покрај нерамноправната позиција во којашто бевме поставени“, изјави Заев на прес-конференција попладнево.Тој истакна дека и по разговорите во Скопје на 2-ри јуни против него бил покренат уште еден обвинителен акт за поткуп, а продолжиле и нападите врз неистомислениците на власта„По разговорите на 2-ри јуни во Скопје подигнат е уште еден обвинителен акт против мене и тоа за земање поткуп, иако кривичната пријава на МВР беше за обид за поткуп. Направена е диверзија на автомобилот на синот на Зоран Верушевски во којшто се возат негови деца и внуци, направени се нови претреси на домовите на притворените лица, палени се возила, напаѓани се неистомисленици на власта. Дадовме максимум во овој сериозен процес и очекувавме тоа да се почитува од сите страни“, изјави Заев. На средбата што беше закажана на 10-ти јуни во Брисел требаше да се финализираат деталите за тоа како да се излезе од политичката криза, откако беше договорено да се одржат предвремени парламентарни избори во април 2016 година.Хан во Вашингтон во четврток изјави дека доколку нема политички договор за кризата во којашто се најде Македонија, земјава може да ја изгуби препораката за членство во Европската Унија./крај/мф/ст
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утрово најстудено на Попова Шапка
Утрово најстудено на Попова Шапка каде што се измерени -7 степени, -4 било во Берово и Mаврови Анови, -3 во Kрушево, -2 во Крива Паланка, -1 во Тетово, Виница, 0 во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид, Штип, Прилеп, 1 во Охрид, Претор, Битола, Велес, Кавадарци, 2 Демир Капија, Струмица, 3 Гевгелија.
Количина на врнежи за изминатите 24 часа до 07 часот во (l/m2)
26 Гевгелија, 20 Демир Капија, 17 Струмица, Mаврови Анови, 15 Kрушево, 13 Скопје-Петровец, Попова Шапка, 12 Кавадарци, Пожаране, 10 Берово, Велес, Ѓуриште, 9 Тетово, Битола, 6 Скопје-Зајчев Рид, Штип, 5 Виница, 3 Претор, Прилеп, Тополчани, 2 Крива Паланка, Пожар-Радовиш, 1 Охрид.
Висина на снежна покривка до 07 часот во (cm)
50 Попова Шапка, 14 Маврови Анови, 5 Берово, 2 Ѓуриште.
Времето денеска
Променливо облачно со повремен локален дожд и снег со слаб интензитет, претежно во северозападните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Максималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9 степени.
Во Скопје, претежно облачно со слаб променлив ветер. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

