Македонија
Непотребно пропишан антибиотик во 56 отсто од случаите со респираторни проблеми

Непрописно пропишување на антибиотици без претходни дополнителни анализи во 56 отсто од сите случаи со респираторни проблеми, покажува истражувањето на Здружението на специјалисти по семејна медицина – респираторна група и Центарот за семејна медицина при Медицинскиот факултет во Скопје.
Истражувањето беше спроведено минатата година во месец ноември и опфаќа 107 доктори од примарната заштита. На Симпозиумот одржан 1 и 2 мај во Охрид, беа презентирани дел од резултатите за 37 доктори со обработка на 4569 пациенти со епизоди на акутна респираторна инфекција кои побарале консултација со својот избран доктор.
„Ова истражување ни покажува дека треба да се направи уште многу во поглед на едукација на населението и докторите, но одредени активности да се преземат и од клучните институции како што е Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство. Кај 15% од случаите се направени дополнителни испитувања, но за жал анализите кои би можеле да помогнат во донесувањето на одлуката не се на листата на услуги што ги нуди Фондот, што значи дека пациентите ги сносат трошоците. Пациентите бараат рано помош бидејќи се плашат од компликации, a само во 5.1% од случаите од докторите пропишале антибиотик на инсистирање на пациентите”, смета Радмила Ристовска претседател на Здружението на специјалисти по семејна медицина – респираторна група.
Респираторните инфекции се една од најчестите причини за посета на докторот. Речиси 90 отсто од сите случаи се предизвикани од вирус каде не е потребна антибиотска терапија. Истражувањето покажува дека најчести симптоми за кои пациентите сакаат да се консултираат со својот доктор се, кашлица, покачена температура, проблеми со носот и грлото. Просечното траење на симптомите е речиси 4 дена. Потребна е едукација на пациентите за овие најчести симптоми и како да се справат сами со нив. Најмногу антибиотици се пропишани за болка при голтање и покачена температура.
Во светот има зголемен тренд на намалено пропишување на антибиотици. Со организирани кампањи намален е процентот за користење на антибиотици во Данска 32 отсто, Шведска 37 отсто, Холандија 34 отсто, Норвешка 27 отсто, Шпанија 20 отсто. Трендот во овие земји продолжува со наметнување на построги критериуми за пропишување на антибиотици што налагаат и извршување на дополнителни анализи. Земјите со висок степен на употреба на антибиотици, како што е Македонија, имаат повисок степен на резистенција. Тоа пак доведува до зголемена смртност предизвикана од резистентни соеви, продолжено болничко лекување, потенцирање на штетноста на лековите кое се должи на несакани ефекти, како и пораст на трошоците за лекување.
Препораките од истражувањето се дека треба да се прошири листата на услуги за Фондот за изведување на дополнителни анализи кои во моментов се на трошок на пациентот. Во исто време да се продолжи со едукација на населението и на медицинските лица за рационално користење на антибиотици. Да се зголеми комуникацијата на оваа тема и меѓу стручната јавност, но и кај населението./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја делови од Кисела Вода

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1523, објектите на фирмите Пастор, Орнамакс и други во нивна близина, корисниците од бул. Борис Трајковски од бр. 77 до бр. 85, како и корисниците лоцирани помеѓу објектите на фирмите Циле Инжињеринг и Интеграф. (општина Кисела Вода)
Македонија
Шукова: Време е за резултати, уреден Бутел, нови паркови, подобар превоз и вода за сите

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, вчера одржа митинг во Бутел, каде пред жителите порача дека Скопје мора да се гради со дела, а не со празни зборови.
„Вечерва не сум тука само како кандидатка за градоначалничка на Скопје. Тука сум, пред сè, како човек што верува во овој град и во луѓето што го прават Бутел дом,“ изјави Шукова.
Таа се осврна на реалните проблеми со кои се соочува општината запуштеното корито на Серава, недоволната инфраструктура, недостигот на јавен превоз и дотраената водоводна мрежа и истакна дека решенијата веќе се подготвени.
„Серава ќе стане место на кое ќе се гордееме уредено корито, пешачки и велосипедски патеки, зелена зона за сите. Новите паркови и 10.000 засадени дрвја ќе го вратат сјајот што Скопје го имаше пред децении,“ нагласи таа.
Посебен акцент стави и на водоснабдувањето и инфраструктурата:
„Денес, 60 проценти од питката вода се губи во системот. Време е за модернизација и стабилно снабдување со вода за секој дом. Новите мостови, клучки и булевари ќе го поврзат Бутел со целиот град и ќе овозможат безбедно и побрзо движење,“ рече Шукова.
Таа потсети дека во изминатите години градот беше заложник на неработење и популизам:
„Четири години ВМРО-ДПМНЕ ги запоставуваше општините. Време е за резултати, а не за слики и празни зборови. Половина од нашите проекти може веднаш да се реализираат,“ додаде таа.
Во својот говор, Шукова повика на единство и одговорност:
„Бутел не смее да биде изолиран. Бутел е почетна точка на модерното Скопје место каде што се инвестира, се гради и се слуша секој граѓанин.“
Македонија
Претежно облачно со врнежи од дожд, повремено пообилни

Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат пообилни во западните делови, каде се очекува локално да наврнат и над 25 l/m²дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 11 до 15 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд, повремено пообилни. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд со послаб интензитет. Потоа следува претежно стабилно време со потпросечни температури за овој период од годината.