Македонија
МФ: Податоците покажуваат успешна економска политика

Министерството за финансии реагира на прес-конференцијата на лидерот на опозицијата Зоран Заев, на која тој обвини за погубни економски политики и недомаќинско работење, изнесувајќи неколку податоци, од реномирани институции кои покажуваат поинаква слика за економијата.
„Невработеноста во Република Македонија е значително намалена последните десет години, односно од 38,7 отсто во 2005 година на 26,8 отсто во 2015 година, или за 11,9 процентни поени е помала согласно податоците на Државната статистика. За овие 9 години во Македонија се отворени 140.000 нови работни места“, стои во реакцијата на Министерството за финансии;Потоа, појаснуваат стапката на сиромаштија од 30 отсто во 2005 е намалена на 24 отсто во 2013 година, согласно податоците на Државниот завод за статистика, а странските директни инвестиции од 2007 до 2015 година изнесуваат 2,3 милијарди евра или се зголемиле за 4 пати во однос на периодот од 2003 до 2006 година, согласно податоците на Народна банка.„Македонија е земја со највисок раст во регионот, согласно проценките на Светска банка и ММФ; Македонија е земја со четврт најнизок државен долг во Европа – согласно податоците на европската статистика Еуростат. Државниот долг е намален од 36,7 отсто во 2005 на 36 отсто од БДП во 2015, Македонија е 12 најдобра дестинација во свет за водење бизнис и 6-та најдобра во Европа согласно реномираниот извештај на Светска банка Дуинг бизнис“, стои во реакцијата на министерството./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Да се лоцираат и отстранат сите диви депонии, им препорача Меџити на општините

На барање на министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити до општините е испратена препорака за спроведување детаљни контроли и идентификација на сите диви депонии и нерегистрирани локации за отпад, како и изготвување планови за нивно систематско отстранување.
Министерството соопшти дека од општините очекува мерки за унапредување на управувањето со отпад и заштита на животната средина, а од Државниот инспекторат за животна средина итни активности за контрола и управување со депониите.
Препораките предвидуваат формирање работни тимови за теренска проверка и геолокациско мапирање, соработка со инспекциските служби, подготовка на извештај за состојбата со дивите депонии, кој во рок од 60 дена ќе биде доставен до Министерството, како и информативни кампањи за подигање на јавната свест кај граѓаните.
Истовремено, Државниот инспекторат за животна средина ќе спроведе вонредни контроли на сите постојни и нерегистрирани депонии. Контролата ќе опфати проверка на усогласеност со дозволите и со еколошките стандарди, откривање незаконско депонирање и преземање мерки за санација и санкционирање при прекршувања.
Македонија
Јас не сум од вчера во политиката, Левицата фрли гума за спасување на ДУИ со кандидатите во Струга, Гостивар и во Тетово, вели Мицкоски

Партијата Левица предложи кандидати за градоначалници во Струга, Гостивар и во Тетово само за да ги раслои анти-ДУИ гласовите во овие општини, во кои е јасно дека нема да победат. Вака премиерот Христијан Мицкоски денес го објасни од каде му е ставот дека има коалиција меѓу партијата Левица и ДУИ.
„Јас не сум од вчера во политиката. Потегот на партијата Левица да извади свои кандидати во општините Гостивар, Тетово и Струга и тоа да го брендира дека не ја заборавиле западна Македонија, а притоа да не извади свои кандидати, на пример, еве овде во Јегуновце, Теарце и во другите општини, бидејќи западна Македонија не е Струга, Тетово и Гостивар, има и други општини, доволно говори дека нивната цел е координирана со ДУИ за да дојде до раслојување на анти-ДУИ гласовите во овие општини затоа што ДУИ сфаќа дека во овие општини не може да победи и разбира дека ќе биде поразена на овие избори, односно ќе има мал незначителен број градоначалници и единствениот сојузник што во моментот се обидува да фрли гума за спасување е токму политичката партија Левица“, вели премиерот Мицкоски.
Неговиот став е дека шансите да победи кандидатот на партијата Левица во Тетово, Гостивар или Струга не се ни теоретски, но шансите за победа на нивниот кандидат во Велес или во Штип се на ниво на теорија.
„Вистинското прашање е еве зошто во родниот град на претседателот на Левицата немаме кандидат, зошто во Штип, кој е роден град на уште еден член на раководството на Левицата, нема кандидат за градоначалник, туку токму во општините Тетово, Гостивар и Струга, каде што е јасно дека кандидатите за градоначалници на ДУИ ќе бидат поразени бидејќи огромното мнозинство и сентиментот и расположението кај жителите во овие општини е анти-ДУИ. Нормално, својот стар коалициски партнер со кој функционираат и во Собранието одвреме-навреме, но и во Град Скопје, го повикаа на помош, а тој е секогаш тука да фрли гума за спасување токму тогаш кога на Али Ахмети и на другарчињата тоа им е потребно“, рече премиерот Мицкоски.
Партијата Левица е единствена од македонскиот блок политички партии што истакна свои кандидати за градоначалници во Струга, Тетово и во Гостивар.
Во Струга нивна кандидатка за градоначалничка е актуелната пратеничка и генерална секретарка на партијата, Јована Мојсоска. Во Тетово ја предлагаат Катка Божиновска, професорка на Државниот универзитет во Тетово, а во Гостивар ИТ-специјалистот Дарко Грујоски.
Македонија
Обвинителството испитува одговорност за големиот пожар во Трубарево, утре увид на терен

Утре, ќе почне увидот на самото место за причините за големиот пожар во Трубарево. Увидните екипи ќе работат под координација на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје.
Од Обвинителството информираат дека по негова наредба, екипи на СВР Скопје и денеска излегоа на терен за да приберат докази во постапката за загрозување на животната средина со отпад.
Во меѓувреме се врши обезбедување и анализа на документацијата, а до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за продолжување на мерката краткотраен притвор за уште 48 часа за четворицата опфатени во постапката. Притворени се 56-годишен управител и сопственик на две фирми, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишен раководител на подружница и 59-годишен вработен во правно лице. Воедно, се испитува потенцијалната одговорност и на други лица.
Пожарот избувна на 13 септември, во саботата, околу 13.30 часот, во складиштен објект за рециклирање електронски отпад во Трубарево. Објектот припаѓа на компанијата „Ф-групација“, која се занимава со електронски и со електричен отпад, вклучувајќи и литиум-јонски батерии. Пожарникарите интервенираа со голем капацитет, користеа хемиска пена, песок и земја за затрупување на деловите на кои имаше горење, особено кај деловите со батерии.
Беше забележан густ црн чад, кој се шири и врз околните објекти. Четири лица беа здравствено згрижени, од кои една жителка на Трубарево задржана во Клиничкиот центар поради вдишување чад.
Првичните резултати од мерењето на гасовите во воздухот од примероци земени на денот на пожарот во компанијата „Ф-групација“ во Трубарево покажале зголемување на сите параметри за два до трипати од дозволеното, а вредноста на јаглеродниот моноксид, која во просек не треба да надминува 10 mg/m3, била 300 mg/m3.
Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, вчера најави дека в петок ќе се знае какви тешки метали има во воздухот во Скопје.
„Поставени се мерни станици за да го следиме дневното ниво на квалитетот на воздухот за да се знае колку се безбедни граѓаните во близина на пожарот“, рече Гиновска.
Според мерењата на Институтот за јавно здравје, не е регистрирана радијација во воздухот, водата и почвата.