Култура
„Продолжи да гледаш“ како мото на 32-от ИФФК „Браќа Манаки“
Со мотото „Продолжи да гледаш“ ИФФК „Браќа Манаки“ и Вип-оператор го најавија 32-то издание на Фестивалот на филмската камера во Битола.
Со мотото „Продолжи да гледаш“ ИФФК „Браќа Манаки“ и Вип-оператор го најавија 32-то издание на Фестивалот на филмската камера во Битола.На првата прес-конференција за Фестивалот, која се одржа денес во Скопје, пред присутните се обратија Лабина Митевска, директор на ИФФК „Браќа Манаки“ и Никола Љушев, главен извршен директор на Вип-оператор, официјален партнер на фестивалот.Покрај мотото беа претставени и официјалните креативни решенија за годинашното издание на фестивалот.„Чест ми е што можеме да ги претставиме официјалните комуникациски материјали на Интернационалниот фестивал на филмска камера, со што најавуваме уште едно издание на фестивалот „Браќа Манаки“ и навистина ја внесуваме Македонија во светската мапа на културни случувања. Одекот на Фестивалот од година во година е сè поголем надвор од нашите граници и во филмските кругови угледот и интересот за фестивалот постојано растат. Од денес веќе е поставена и новата веб-страница (www.manaki.com.mk) каде се отворени апликациите за пријавување на учество на разните програмски активности на годинешното издание на Фестивалот“ – изјави Лабина Митевска, директор на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.„Подготовките за 32-то издание почнаа на почетокот на годината и истите секојдневно се интензивираат, така што во оваа насока би сакала да упатам благодарност до Вип кој се покажува вистински сериозен партнер во целокупната организација на фестивалот и со чија помош успеавме заеднички да го издигнеме нивото и да се здобиваме со висока репутација“ – констатираше Лабина Митевска.Традиционално, 32-то издание на Фестивалот се одржува од 15 до 21 октомври 2011 година во Битола. Она што почна како програма за најмладите генерации – продолжува и оваа година – посебната Вип детска програма.„Угледот и сериозноста на уметничкиот Фестивал, реакциите и искажаното задоволство на учесниците, медиумите и публиката во текот на минатогодишното издание на фестивалот ни дава за право да заклучиме дека вложуваме во вистинската насока и вистинските вредности. Квалитетот на севкупната програма и реализацијата на минатогодишното издание, одличната атмосфера во Битола, прифатеноста на детската програма на Фестивалот, се во целосна согласност со заложбите на Вип за доближување на вистинските вредности до сите, а особено до најмладите. И оваа година планот за октомври е јасен – да уживаме во уметноста и да продолжиме да гледаме“ – истакна Никола Љушев, главен извршен директор на Вип оператор.Официјалната програма на 32-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки” ќе биде објавена во септември оваа година.Интернационалниот Фестивал на Филмска Камера „Браќа Манаки“ се одржува секоја година во Битола. Организиран е од Друштвото на филмски работници на Република Македонија, под покровителство на Претседателот на Република Македонија и е поддржан од Министерството за култура. Фестивалот е атрактивен како за филмските професионалци, така и за вљубениците во филмот од целиот свет.Стожер на фестивалската програма е „Камера 300“, официјалната компетиција на долгометражни филмови од најновата европска и светска продукција. Директорите на фотографија на филмовите кои учествуваат во оваа програма се натпреваруваат за Златна, Сребрена и Бронзена камера 300. Покрај официјалната конкуренција, дел од Фестивалот и припаѓа на Програмата на краток филм, Документарна програма, „Студентска програма Браќа Манаки“, се организираат работилници, семинари, дебатни сесии, изложби. Фестивалот доделува Награда за животно дело – Златна Камера 300./крај/макфакс/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

