Македонија
Судскиот совет избра нов претседател, судиите тврдат дека нема партиски договори со нив
Судскиот совет во петок избра нов претседател кој ќе го води ова тело, откако на досегашната претседателка Александра Зафировска во декември минататa година и истече вториот мандат.
Новоизбраниот претседател, Бранко Ушковски кој беше единствен кандидат и избран со 13 гласа, од вкупно 14 членови на Советот со право на глас во своето прво обраќање во јавноста се соочи со прашањата за снимките кои ги објави опозицијата, во кои се слуша како министри се пазарат и договараат за член на Судскиот совет и со прашања дали ќе успее да ја врати довербата во ова тело. Сепак Ушковски децидно тврди дека не постојат партиски договори за избор на судии, но не одговори конкретно за изборот и работата на судиите од Судскиот совет.„Најискрено ве уверувам дека судиите најчесно, најодговорно и најпрофесионално ја извршуваат својата судска функција, што се однесува за поединечни судии за кои е утврдена одговорноста или ќе биде утврдена одговорноста, во никој случај истите да не се изедначуваат со останатите судии кои навистина чесно и одговорно ја извршуваат работата. Многу минорен број на судии имаат направено пропусти и повреди и за нив е утврдена одговорност. Во никој случај не постојат партиски договори за избор на судии“, изјави Ушковски.Досегашната претседателка на судскиот совет, Александра Зафировска во своето последно обраќање како претседател на ова тело ги негираше, како што рече, пишувањата на медиумите дека ова тело било пасивно по завршувањето на нејзиниот мандат. „Судскиот совет во овие два месеца, како и во претходните години, карактеристични за овој период на годината, значи за првото тромесечие, ги преземаше истите активности кои ги преземал и порано, а кои се однесуваат на надлежноста на судскиот совет“, рече Зафировска. На седницата присуствуваше и министерот за правда, Аднан Јашари кој е член на судскиот совет, но нема право на глас. „Во вакви тешки времиња мислам дека е тешко да се биде на било која позиција, особено на врвот на судското тело одговорно за целата судска власт“, рече Јашари, во обраќањето до членовите на Судскиот совет и им се заблагодари за нивната работа.Иако Јашари во медиумите излезе со интервју во кое тврдеше дека судиите работат под притисок, сепак денеска не сакаше да коментира за овие негови изјави. Тој не ги коментираше ниту снимките кои ги објави опозицијата, а се однесуваат на судиите. Јашари го презентираше својот став за политичката криза, за којашто, според него,треба да се најде решение преку меѓународно посредништво. Како министер за правда, не се изјасни ниту дали институциите имаат капацитет за правна разрешница на политичката криза во Македонија, остави на народот да го процени капацитетот на институциите.„Во една ваква ситуација неопходно е прво политичко разрешување на една ваква ситуација преку посредување со меѓународен посредник кој би бил прифатлив за сите страни. Многу е битно решението кое ќе произлезе од посредувањето да биде прифатливо за сите страни. Во однос на тоа дали ќе има правна разрешница ситуацијата, институциите треба да имаат капацитет да го решат проблемот. Во однос на капацитетот на нашите институции нема да се изјаснам, вие сте медиуми и правите анализи и ќе добиете одговор од народот дали веруваат и имаат доверба во капацитетот на институциите“, изјави Јашари.И Јашари тврди дека нема политички договор во изборот на претседател на Судскиот совет и се повика на законот според кој сите членови на Судскиот совет не се политички ангажирани.
Ушковски пет години е член на Судскиот совет, а претходно работел како правник во Министерството за одбрана./крај/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

