Култура
Васил Зафирчев во „Електра“ на ИНК во Пула

Во петок, 4 март, на сцената на Истарско народно казалиште во Пула, Република Хрватска, премиерно ќе биде изведена претставата „Електра“ по Еврипид во која настапува македонскиот актер Васил Зафирчев
Инсценирана според античката трагедијата на Еврипид, оваа претстава заеднички ја потпишуваат драматургот Жељка Удовичиќ Плештина и режисерот Дамир Златар Фрај, едновремено и нејзиниот сценограф, костимограф и кореограф. Еден од протагонистите на пулската „Електра“ е и македонски актер Васил Зафирчев, кој го толкув аликот на Орест. Зафирчев за оваа ролја бил одбран во конкуренција на повеќемина хрватски актери. Ова е неговото прво актерско гостување надвор од Македонија. Летото 1988 г, во продукција на фестивалот Сплитско лето, во адаптацијата на „Електра“ која ја направи Мани Готовац а ја режираше Паоло Маџели, Орест, пак, го играше македонски актер, Ненад Стојановски. Оваа претстава, истата година, учествуваше на фестивалот Охридско лето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Изложба ,,Менче Спировска – Визуелна фасцинација со Загреб“ во Загреб

Во македонскиот КИЦ во Загреб во рамките на програмата по повод 145-годишнината од постоењето на Музејот на уметности и занаети – Загреб, на 13-ти мај ќе биде отворена изложбата ,,Менче Спировска – Визуелна фасцинација со Загреб“ на една од најзначајните македонски графичарки, Менча Спировска. На изложбата ќе бидат претставени речиси непознати дела за хрватската јавност создадени во 1950-тите години во Загреб.
Изложбата се реализира како заеднички проект на загребскиот Музеј на уметностите и занаетите и македонскиот Културно-информативен центар во Загреб по повод 145-годишнината од основањето на загребскиот Музеј за уметности и занаети. Директорката на македонскиот Културно-информативен во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, ги потврди заложбите на директорот на Музејот за уметности и занаети, Сањин Михелиќ дека со оваа изложба се промовираат вредностите на меѓународната соработка и културните врски меѓу Хрватска и Македонија, кој потенцираше дека во годината кога ја одбележуваат 145-годишнината од постоењето на Музејот ќе следи уште една исклучителна изложба на фотографии од студиото на семејството Арсовски во соработка со македонскиот Културно-информативен центар во Загреб и Музејот на Град Скопје.
Изложбата насловена ,,Менче Спировска – Визуелна фасцинација со Загреб“ за првпат го претставува комплетниот уметнички опус на Менче Спировска создаден за време на нејзиното студирање во Загреб, кој што се чува во фондовите на Музејот на уметности и занаети. Централно место на изложбата е нејзиното до сега неизложено дело од областа на графичкиот дизајн, „Концептуален дизајн за рекламна туристичка брошура на Загреб“, кое сега за првпат ќе биде изложено во целост, создадено за време на нејзините студии на поранешната истакната Академија за применети уметности во Загреб, којашто оставила значаен траг во развојот на уметноста, дизајнот и визуелната култура во Хрватска.
Изложбата го прикажува и придонесот на македонските студенти на загрепската уметничка сцена во 1950-тите, а Менче Спировска зазема посебно место како посредник на културните и естетските вредности на двете земји.
Култура
Ретроспективна изложба на Анета Светиева во Даутпашиниот амам

Националната галерија го најавува претставувањето на творештвото на Анета Светиева. Изложбата ќе биде поставена во Даут пашиниот амам до крајот на месец август, а официјалното отворање ќе биде на 21 мај 2025 (среда), во 20 часот.
Ретроспективната изложба на Анета Светиева е дел од програмата на Националната галерија за сеопфатно презентирање на македонските современи уметници кои ја креираа нашата ликовна сцена. Проектот ја следи монографијата за Светиева издадена 2023 година, со што се заокружува долгогодишното следење и истражување на богатиот творечки опус на еден од најзначајните македонски скулптори.
Сложеното, комплексно, иновативно и креативното творештво на Анета Светиева, го поставува нејзиното дело на самиот врв не само на македонската ликовна сцена, туку и на една пиширока платформа која ги преминува границите на регионот.
Во почетокот на седумдесеттите , поинаквите видувања не само на формата, на појавниот облик, туку и на некои суштински прашања во однос кон делото, беа причина критиката да ги дефинира скулптурите на Анета Светиева (веќе во нејзините првични настапи) како дела со јасен концептуален и изведувачки проседе, вон од тогашните вообичаени јазички модели. Тие блескави мигови вон од општите стилски движења и веќе контурирани шеми, создаде еден индивидуален пробив во скулпторската материја. Нејзиниот самостоен пластички исказ кој се наметна со силината на автентичноста надвор од главните актуелни текови, го иницира внатрешното битие на делото, неговата вибрација што реагира на живиот дух на времето како знак на современоста. Внатрешните диктати се генерирани од изворите на нејзиниот интерес за етносот, фолклорот и печената земја како исконските артефаки, како прилози на делување на еманципираниот човечки дух. Нејзиното творештво е во темелен дијалог со етнолошката ризница и обичаите на Балканот и пошироко, врз кои што ги гради сопствените митолошки пејзажи и ги воскрснува колективните митови до степен на универзалното. Во нејзините форми, материјализираната идеја се наметнува со убедливо сведоштво за густо, слоевито преплетување на уметноста на сегашниот миг и оние слоеви кои можат да се разбудат во секој творец. Тој спој е кај Анета реализиран и нагласен и во него е содржан и одговорот на круцијалното прашање за потеклото и слоевитото значење на нејзиното дело. Во каталогот за изложбата во Белград, 1984, Анета кажува : “Моите размислувања, некој флуид …и порано, веке во првите чекори, беа насочени кон овој свет на митот како автохтоност, автентичност, како мој идентитет искажан со синтагми, со секвенци од разновидните области и начини на сфаќањето на животот на мојот народ, на мојата почва и поднебје. Се е поврзано на некој начин.”
Култура
Промоција на романот „Арагон“ од Михајло Свидерски

Вечерва, 12 мај, во 19 часот, на Саемот на книгата, во Арена Борис Трајковски, на штандот на издавачката куќа Антолог, ќе се одржи промоцијата на романот од македонскиот писател Михајло Свидерски. Промотор ќе биде младиот македонски писател на крими романи Анде Јанков.
Романот „Арагон“ е структуриран во три поглавја, Овој свет (Олам ха Зе), Светот што ќе дојде (Олам ха Ба), и Дрвото на животот (Ец Хаим).
Во „Арагон“ Свидерски ја обработува темата на животот на Сефардските Евреи кои живеат во Битола, сè додека не се соочат со суровоста на војната. Централната приказна се движи околу Алегра, која е заробена во брак без љубов, и се осмелува да побегне со својот љубовник Јешуа, но нивната забранета љубов завршува со трагичен крај кога нејзиниот сопруг, Рахамим, го убива Јешуа. Во една конзервативна заедница, која дотогаш живеела спокоен живот, покрај присутниот страв и злокобните најави за депортацијата се случува и убиство.
Младиот Елиезер, кој случајно ја избегнува депортацијата, се вљубува во Марија. И двајцата успеваат да се спротистават на забраните на домашните. Приказната се испреплетува со храброста на Несима Ерен, муслиманка која во тие сложени времиња ризикува сè за да ги спаси Алегра и Елиезер од депортацијата. Понекогаш и во најтешките моменти има мигови на среќа. Некои членови на организацијата „Хашомер Хацаир“ кратко пред депортацијата, преку илегални канали, заминуваат за ветената земја, и така ќе се спасат.
Во поговорот на книгата, истакнатата критичарка, книжевна теоретичарка и универзитетски професор, Елизабета Шелева ќе напише: „Арагон на Свидерски е проникнат во духот на парадокасалната (загадочна) метафизика на загубата и на тежината, вградена во чинот на (принудниот) избор, заедно со ироничната лаовност на светот, што му се разоткрива на Елиезер, небаре оксиморонски исход од бегството како негов животен и судбински хазард“.