Култура
Свечено отворено „Охридско лето“
Со проектот „Трилогија Романа“ синоќа во Античкиот театар беше отворено 51-то издание на „Охридско лето“.
Со проектот „Трилогија Романа“ синоќа во Античкиот театар беше отворено 51-то издание на „Охридско лето“.Фестивалот „Охридско лето“ секоја година се одржува под покровителство на Претседателот на Република Македонија. Во својство на покровител, но и на домаќин на претседателите на Република Албанија и Република Црна Гора, Бамир Топи и Филип Вујановиќ, кои беа присутни на отворањето, македонскиот претседател Ѓорге Иванов се обрати пред присутната публика.„Вистинска чест и задоволство е да се биде покровител на Фестивалот кој континуирано ја промовира врвната европска и светска уметност во древниот Охрид, истовремено, афирмирајќи ја македонската култура и македонските уметници во Европа и во светот. Задоволството е дотолку поголемо, бидејќи годинава токму во Охрид сум домаќин на третиот Регионален претседателски самит кој ги потврдува нашите заложби за споделување, соработка и заедништво на патот кон нашата европска иднина. Верувам дека во таа решителност имаме и верен сојузник – културата, уметноста и музиката како универзален јазик на човештвото“ – рече Ѓорге Иванов, претседател на Република Македонија.Со зборовите на де ла Мартин, дека „музиката започнува онаму каде што завршува говорот“, македонскиот претседател го прогласи годинашното издание на „Охридско лето“ за отворено.На денот на отворањето на Фестивалот и македонските уметници испраќаат порака до светот. Пораката ја пренесе актерот Петар Темелковски.„Да се биде уметник значи да се биде почитувач на минатото, чинител на сегашноста и сонувач на иднината. Македонската уметност во своето долго паметење, во своето повеќемилениумско суштествување секогаш имала светла точка од која се излачувале спектакуларни знакови во форма на свидетели за вечноста на времето. Таква светла точка што го означува новото време и ни го предава од година во година, од генерација на генерација, да го чуваме и да го надградуваме, како доблест, како аманет и како одговорност, е и овој фестивал, што веќе израсна во духовна престолнина на светот, фестивал кој повеќе од половина век испраќа силна и јасна порака, дека културата на народите, на сите народи, треба да биде човекољубиво послание испишано со чисто срце, со блага душа и со прекрасен ум“, е пораката која во име на македонските уметници ја испрати Петар Темелковски.На отворањето на фестивалот беше изведен проектот „Трилогија Романа“ по музика на Оторино Респиги. Станува збор за продукција на познатата куќа „Ла Фура дел Баус“ од Барцелона, Шпанија, реализирана во копродукција со „Палау де лес Артес“ од Валенсија, Шпанија, и „Опера ди Рома“ од Рим, Италија.На сцената на Античкиот театар во Охрид, проектот беше реализиран со 96 музичари од Македонската филхармонија под диригентската палка на маестро Андреас С. Вајзер.Иако беше најавен како спектакл, сепак, синоќешната изведба на делото повеќе беше симфониски концерт проследен со уметничко видео кое ја следи музичката изведба.Треба да се нагласи извонредната изведба на прекрасната музика на Респиги од страна на оркестарот на Македонската филхармонија, и прецизното диригентско мајсторство на гостинот од Германија Андреас С. Вајзер. Покрај високите уметнички и естетски вредности на визуелниот дел во проектот, сепак, да се достигне димензијата на спектакл, во Античкиот театар недостигаше вистински перформанс на танчери на сцената.Фестивалот „Охридско лето“ продолжува со драмската програма. Денес, на сцената во предворјето на црквата Света Софија, ќе биде изведена претставата „geNOcide“, по текст на Љубиша Георгиевски, во режија на Владлен Александров од Бугарија, а во продукција на Драмскиот театар од Скопје./крај/макфакс/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.
Култура
(Фото) Одржан традиционален предновогодишен концерт на Воениот оркестар
Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, вчеравечер во Македонската филхармонија во Скопје се одржа традиционалниот предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата, овој пат збогатен со настап на музичари од Централниот оркестар на Вооружените сили на Романија.

По пречекот на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и интонирањето на химната на Романија и македонската химна, здружениот оркестар, под диригентската палка на мајор Каталин Ион од Вооружените сили на Романија, концертот го започна со свечена фанфара, a продолжи со позната љубовна тема од Романија. Првиот дел беше заокружен со популарен сплет на светски хитови аранжирани за дувачки оркестар и композицијата „Концертна прослава”, со мотиви од романското поднебје.

По него, под раководство на диригентот на Воениот оркестар на Армијата, потполковник Горан Илијевски, следеа блок на нумери од македонското поднебје, во кој беа опфатени фолклорни теми, народни песни, но и незаборавни забавни македонски евергрини.

Во третиот и последен блок, кој беше посветен на армиските припадници кои се секогаш подготвени да ја одбранат татковнината и да им помогнат на нашите сограѓани, покрај светски познати нумери со новогодишна тематика, беше изведена и македонската композицијата „Нашата Армија“, која претставува силен музички омаж на посветеноста и службата кон татковината.

Овој традиционален музички спектакл, покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, го проследија и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.

Мотото на традиционалниот предновогодишен концерт е уште еден доказ за сплотеност со сојузниците. Вчерашниот настан, преку хармонијата на звуците и универзалниот јазик на музиката, потенцира дека музиката продолжува да нè обединува и сплотува, ги поврзува луѓето кон заеднички вредности и стремежи и претставува мост помеѓу различни култури и традиции.



