Регион
Ердоган верува во постигнување договор за визите со ЕУ

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави во средата вечерта дека верува оти е можно да се постигне позитивен резултат во поглед на визната либерализација со Европската унија кој превид би го имал турскиот став за борбата против тероризмот.
„Верувам дека можеме да постигнеме позитивен резултат за тоа прашање кој би ја земал предвид турската чувствителност околу борбата со тероризмот“, изјави претседателот Ердоган пред амбасадорите на средбата со амбасадорите во главниот град Анкара.
Договорот со кој турските државјани би добиле безвизен режим за патувањата во земјите членки на Европската унија во замена за запирање на мигрантскиот бран во ЕУ, засега не е финализиран поради незадоволството на Брисел од неодамна донесениот турски противтерористички закон, кој се смета за преширок. Анкара, пак, смета дека таквиот закон ѝ е потребен за да може да се соочи со бројните безбедносни закани.
Ердоган, исто така, изјави дека членството во ЕУ е стратешка цел на Турција, иако преговорите за тоа се заглавени во ќорсокак.
ЕУ и Турција се договорија во март дека Анкара треба да ги прими сите мигранти и бегалци кои илегално ќе пристигнат во Грција, вклучително и Сиријците, а за возврат ѝ беше ветена двојно поголема финансиска помош од шест милијарди евра за бегалците, укинување на визите до крајот на јуни и забрзување на пристапните преговори.
Турција ги започна преговорите за пристапување кон ЕУ во 2005 година. Досега се отворени 14 од 33 поглавја, а само едно е привремено затворено. ЕУ во декември 2006 година одлучи дека нема да ги отвори преговорите во осум поглавја и дека нема да затвори ниедно поглавје додека Турција не ги нормализира односите со Кипар./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Албанија размислува за прво министерство управувано од вештачка интелигенција

Албанија ја интензивира употребата на вештачката интелигенција (ВИ) во државното управување со цел да го забрза процесот на пристапување кон Европската Унија и борбата против корупцијата, соопшти владата на земјата.
Албанскиот премиер Еди Рама минатиот месец ја објави можноста за формирање министерство што целосно би било управувано од вештачка интелигенција опишувајќи ја ВИ како најефикасен иден член на владата, пишува бриселски „Политико“.
„Еден ден можеби дури и ќе имаме министерство што ќе биде целосно управувано од вештачка интелигенција. На тој начин нема да има непотизам или судир на интереси“, рече Рама на прес-конференција во јули осврнувајќи се на дигитализацијата.
Локалните ИТ-експерти веќе развиваат модели што би можеле да се користат за избор и назначување дигитални министри, а Рама сугерира дека Албанија би можела да стане првата земја со цела влада базирана на вештачка интелигенција, вклучувајќи го и премиерот.
Иако идејата сè уште не е преведена во официјалната политика, вештачката интелигенција веќе се применува во неколку сектори на државната администрација: од контролата на јавните набавки и следењето на даночните и царинските трансакции до откривањето нелегална градба, надзор на плажите и на плантажите со канабис со помош на дронови и сателити.
Со цел да се подобри безбедноста на патиштата властите планираат да користат препознавање лица за да испраќаат дигитални предупредувања и казни до возачите.
Вештачката интелигенција се користи и во дигиталните јавни услуги – повеќе од 95 проценти од административните услуги се достапни преку порталот e-Albania, каде што на граѓаните им помага виртуелен службеник за вештачка интелигенција.
Според владини податоци, платформата овозможила повеќе од 49 милиони трансакции и им заштедила на граѓаните повеќе од 600 милиони евра.
Албанија ги почна преговорите за членство во ЕУ во 2022 година, а вештачката интелигенција сега се користи за преведување и анализа на сложени правни документи во процесот на усогласувањето со законодавството на ЕУ, кое опфаќа речиси 250.000 страници.
Иако властите ги нагласуваат предностите на технологијата, експертите и опозицијата предупредуваат дека вештачката интелигенција не е замена за реформите.
Како дел од промотивните активности, вештачката интелигенција беше користена и за создавање анимирани бебешки верзии на европските лидери на самитот во Тирана во мај, кои ги пречекаа гостите со дигитални гласови на нивниот мајчин јазик.
Регион
Вучиќ: Тешка вечер за граѓаните на Србија, со некое чудо успеавме да го зачуваме мирот

Српскиот претседател Александар Вучиќ ги обвини демонстрантите за насилство синоќа, во услови на бран нови антивладини протести, и рече дека државата нема намера да распореди војска и дека нема да има граѓанска војна.
Вучиќ го одржа вонредното обраќање кратко пред полноќ откако беа организирани протести во неколку градови низ Србија – особено во Нови Сад, Белград и Ниш – поради насилството на поддржувачите на владејачката Српска напредна партија (СНС) врз граѓаните на претходните демонстрации во вторник вечерта во Врбас и Бачка Паланка.
Според Вучиќ, повеќе од 60 граѓани биле повредени во инцидентите во Нови Сад во среда вечерта. Тој додаде дека 16 полицајци биле повредени, меѓу кои двајца со сериозни повреди на вилицата и градниот кош.
Српскиот претседател изјави дека „се воспоставува контрола“ и дека повеќе полицајци ќе излезат на улиците.
„Вечерва е тешка вечер за граѓаните на Србија. Важно е што, благодарение на мудроста и трпението на огромен број граѓани, засега чудесно успеавме да го зачуваме мирот“, рече Вучиќ.
Тој со драматичен тон изјави дека во Нови Сад „до пред неколку минути беше прашање дали околу 300 граѓани кои ја чуваа својата куќа ќе преживеат“, алудирајќи на поддржувачите на СНС собрани пред седиштето на партијата во Нови Сад кои, како што рече, „се спротивставија на тепачите и блокадерите“.
Спротивно на изјавите на шефот на државата и полицијата, демонстрантите го тврдат спротивното – дека се обвинети за насилство, но дека всушност се синхронизирано нападнати од поддржувачи на СНС, меѓу кои, како што тврдат, има луѓе со „сомнително минато“, ангажирани да предизвикуваат инциденти и да провоцираат полициска интервенција.
Демонстрантите тврдат дека на улиците ги извела политиката на владејачката партија и српскиот претседател Вучиќ, кои упорно одбиваат да воспостават владеење на правото, да ги регулираат институциите, да спроведат истрага и да ги изведат пред лицето на правдата сите одговорни за уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година, кога загинаа 16 претежно млади луѓе.
Трагедијата во Нови Сад во ноември минатата година беше проследена со бран протести во кои се појави студентско движење, кое бараше уредно општество со владеење на правото и сузбивање на корупцијата, како и функционирање на институции ослободени од политички притисок и влијание.
Последното во низата барања е распишување предвремени избори, што владата досега упорно одбиваше да го стори.
фото: принтскрин
Регион
(Видео) Судир меѓу поддржувачите на СНС и граѓани во Нови Сад, маж извади пиштол

Во близина на просториите на Српската напредна партија во Нови Сад, избувна судир меѓу поддржувачите на СНС и Александар Вучиќ и граѓани, а едно лице беше снимено со пиштол.
Граѓаните се приближија кон просториите на СНС одзади, каде што избувна тепачка. Според новинскиот портал „Разглас“, некој од присутните пукал во воздух, по што некои граѓани се оддалечиле.
#Serbia | #BREAKING:#CONFIRMED pro-SNS individual used a handgun in front of the local SNS building in Novi Sad to disperse the protesters.#SNS #NoviSad #blokada #pistolj https://t.co/GPsii8GbPw pic.twitter.com/IrRLtQNiNx
— Luka | Дунав Intel (@Lukai1861) August 13, 2025
Исто така, беше снимено видео на кое се гледа како маж си оди со кренат пиштол. Снимката ја објави Н1 Србија.
Malo pre nego je izvadjen pištolj!Novi Sad pic.twitter.com/eUmacIhYLC
— Branka Zaric (@branka_zaric) August 13, 2025
Потоа на местото на настанот пристигна жандармериски кордон и ги одвои граѓаните и поддржувачите на СНС.
Како што можеше да се види на снимката од телевизијата Н1, граѓаните бегаа во паника и викаа дека некој извадил пиштол.
фото: принтскрин