Македонија
Стапува во сила задолжително поседување на зимска опрема во возилата
Примената на законската обврска за задолжително поседување на пропишаната зимска опрема на пат надвор од населено место, почнува од сабота, 15 ноември, информираат од МВР.
Од полицијата, преку соопштение, наведуваат која зимска опрема мора да ја поседуваат возилата според категоризацијата на возилото, што понатаму го пренесуваме во целост.
Имено, во правилникот по однос на потребната зимска опрема прецизирано е следното:
1. Како зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 кг. се подразбира:
– зимски пневматици на сите тркала, со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина, од 4 mm.
– пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина, со минимум од најмалку 4 mm. ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
Потоа, (2.) како зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала (4 x 4 ) се подразбира:
– зимски пневматици на сите тркала, со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина, од 6 mm.
– пневматици со летен профил на сите тркала, со длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, со минимум од најмалку 4 mm. Ако во возилото во приборот има синџири за снег и во случај кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената осовина.
3. Како зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 кг. се подразбира:
– зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите што газат по обем и широчина, од 6 mm.
– пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и широчина, со минимум од 4 mm. ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
– автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала, и
– прирачен алат – лопата.
4. Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака: „МЅ“, „М+Ѕ“, „М&Ѕ“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.
5. Во согласност со овој правилник, во патниот сообраќај на возилата не се поставуваат пневматици со клинци.
МВР, во интерес на навременото информирање на учесниците во сообраќајот, потенцира дека согласно пропишаните норми униформираните полициски службеници ќе наредат на возач да го прекине натамошното движење на возилото, ако не постапи според сообраќајниот знак за задолжително носење и употреба на зимска опрема. Исто така, согласно законските одредби униформираните полициски службеници може да наредат возачот да го прекине натамошното движење и кога не постои сообраќаен знак за задолжително носење на зимска опрема, ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, односно задолжително да ја постави на возилото зимската опрема.
Притоа, граѓаните треба да имаат предвид дека глоба во износ од 15 евра во денарска противвредност, во мандатна постапка, ќе му се изрече на возачот кој постапува спротивно на одредбата од членот 404 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Затоа, а во интерес на безбедноста на сите учесници во сообраќајот, МВР уште еднаш апелира до граѓаните да се придржуваат до пропишаните законски обврски. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.

