Економија
Секој прв понеделник во месецот бизнисмените на средба со министерот за економија

Секој прв понеделник во месецот компаниите ќе имаат можност да остварат средба со министерот за економија Ваљон Сараќини во рамките на проектот „Отворено со бизнисот„ што го започнува Министерството за економија.
Целта на овој проект, кој ќе стартува од септември годинава, е преку отворен дијалог со бизнис секторот во земјава да се олесни дополнително процесот на носење на регулативи и правилници кои се од витално значење за реалниот сектор.
Преку проектот „ Отворено со бизнисот “ ќе се лоцираат сите административни точки кои што ги отежнуваат условите за водење на бизнис, а истовремено преку редовна комуникација ќе се отвори можност за побрзо имплементирање на новини кои се од клучно значење за бизнис секторот и ќе произлезат од потребите на пазарите.
„Создавање на поконкурентна економија, развој на претприемништвото и иновациите и подобрување на позициите на компаниите на странски пазари е вревен приоритет на Министерството за економија. Овие цели можат да се исполнат само преку зајакнато партнерство и отворен дијалог со бизнисот. Ние сакаме дополнително да ја зајакнеме соработката и на тој начин да делуваме ефикасно во интерес на бизнисот и подобрување на економската состојба во целина“ истакна министерот за економија Ваљон Сараќини.
Во рамките на проектот „Отворено со бизнисот“ компаниите ќе можат да ги изложат своите предизвици и да предложат решенија за нивно надминување, да дадат свои идеи во врска со можностите за дополнително скратување на роковите за одредени процедури, но и да се информираат за пристапот до средства од ИПА фондовите и другите кредитни линии. Исто така преку овој проект дополнително ќе се афирмира и техничката поддршка што ја нуди Министерството за економија за компаниите преку различни наменски програми.
Министерот Сараќини најави дека во рамките на овој проект ќе се прават и анонимни анкети и истражувања во компаниите за подобрување на работата на компаниите и за најчестите пречки во водењето на бизнис. Исто така, ќе се прават истражувања за можностите и потенцијалите на компаниите и нивните потреби во насока на подобрување на бизнисот.
Министерството за економија и досега во рамките на своите овластувања одржуваше редовни средби со бизнис заедницата. Како резултат на тоа по барање на бизнис секторот донесени се неколку нови законски решенија и измени на постојни. Овие законски решенија како што се Законот за трговски друштва, Законот за стечај, Закон за енергетика, Закон за минерални суровини, Закон за едношалтерски систем и низа други подзаконски решенија, се изменети и дополнети по барање на бизнис заедницата во најкраток можен рок и се со цел да создадат реални услови за дополнително подобрување на бизнис климата. Како резултат на интензивираниот дијалог со бизнис заедницата зголемен е и бројот на компаниите што ги користат средствата од ИПА фондовите и другите програми за подршка на бизнисот./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Славески – Прескер: потврда на значењето на Народната банка за економската стабилност

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер и со економскиот советник Горан Криж.
Во разговорот беше истакната улогата на Народната банка во одржувањето на макроекономската стабилност и значењето на довербата во финансискиот систем за економскиот развој и инвестициите.
Славески ја истакна посветеноста на Народната банка кон овие принципи, додека амбасадорот Прескер ги нагласи долгогодишните добри дипломатски и економски врски помеѓу двете економии, особено во финансискиот сектор каде што активно се вклучени голем број реномирани словенечки компании.
Во однос на финансискиот сектор, Славески се осврна на заложбите на Народната банка за намалување на надоместоците на банкарските услуги, заради обезбедување подостапни финансиски услуги за сите економски субјекти. Прескер искажа задоволство од заложбите на Народната банка и ја потврди понатамошната поддршка од Словенија, вклучително и преку центарот за обуки ЦЕФ.
Средбата претставува можност за продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји и унапредување на соработката.
Економија
Ќе се олеснува кредитирањето при купување прв стан, вели Славески

Извршниот одбор на Народната банка усвои нова Одлука за макропрудентните мерки поврзани со макропрудентните инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица. Со оваа одлука се регулираат основните показатели со кои се оценува кредитоспособноста на физичките лица, кога тие бараат кредити од банките и од штедилниците. Мерките ќе се применуваат од 1 декември 2025 година.
Гувернерот д-р Трајко Славески на конференцијата за печатот објасни дека со новата одлука се олеснува кредитирањето за купување или градење прво живеалиште, односно стан или куќа наменети за сопствено живеење. Но, имајќи ги предвид условите на пазарот на недвижности, особено во главниот град, што водат кон забрзан раст на цените на становите, поради што стануваат недостапни за помладите генерации, се врши и затегнување на условите за користење кредит за станбен објект којшто не претставува примарно живеалиште за кредитобарателите.
„За сите лица со нерешено станбено прашање, коишто навистина немаат стан/куќа на свое име каде што би живееле, а се очекува дека тоа ќе бидат претежно млади лица и млади брачни парови, со новата одлука се дозволува, без да се наруши пристапот на прудентност, тие да добијат станбен кредит и со учество од 10% од вкупната вредност на објектот за живеење. Наспроти ова, за сите останати случаи, минималното сопствено учество се зголемува од постојните 15% на 25% од вредноста на станот. Исто така, за корисниците на станбени кредити наменети за купување или градење прво живеалиште, ќе останат во важност досегашните лимити на показателот ДСТИ, коишто изнесуваат 55% за изложеноста во денари и 50% за изложеноста со валутна компонента. За сите останати баратели на кредити се предвидуваат пониски нивоа за овие показатели, и тоа од 50% за изложеноста во денари и 45% за изложеноста со валутна компонента.“
Имено, олеснувањето при купување прв стан се однесува на лицата коишто навистина немаат стан или куќа на свое име и планираат да купат или да изградат дом за сопствено живеење, за што треба да исполнат одредени критериуми, а се воспоставуваат соодветни механизми за проверка и следење, коишто се детално образложени во Одлуката.
„Промените во макропрудентните мерки имаат превентивен карактер и нивната цел е да нѐ заштитат сите нас од прекумерна задолженост, што може да се одрази понатаму на способноста за редовно отплаќање на обврските, како и на вкупната стабилност на финансискиот систем. Истовремено, со овие промени внимаваме да не „ги погодиме“ оние лица кои имаат потреба да го решат своето животно, станбено прашање, овозможувајќи им поповолни критериуми и полесен пристап до кредити, во однос на останатите корисници на кредити“, посочи гувернерот Славески.
Со ваквиот пристап, Народната банка се усогласува со практиката на голем број други централни банки во светот.
Економија
Трипуновски од Прилеп: Заложбата е на нашите полици да се продаваат македонски преработки од земјоделски производи

Денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, присуствуваше на манифестацијата организирана од Slow Food – Прилеп, која се реализираше со поддршка на Министерството.
„Интенцијата и заложбата на Министерството е преку финансирање на ваков вид настани да се промовираат домашните преработки на земјоделски производи, да се развие локалниот туризам и да се поддржат здруженијата кои постојат на ниво на државата”, истакна министерот Трипуновски.
Министерот објави дека финансиската поддршка кон сите здруженија е зголемена на 200.000 денари по корисник.
„Сточарите на овој настан можат да ги промовираат своите преработки. Кога зборуваме за сточарството, изминативе 15 месеци покажавме дека земјоделството е во фокусот на приоритетите и работењето на Владата”, додаде тој.
Министерот Трипуновски истакна дека оваа година поддршката за македонските сточари од Програмата за финансиска поддршка е зголемена за околу 50%.
„Сакаме на нашите полици да се продава македонско млеко и македонски преработки од земјоделски производи”, појасни министерот.