Македонија
Груевски: Професорите се плашат од обврската за научни трудови
Мотивите на професорите да ги поддржат студентите се законските измени со кои се предвидува обврска за нив да објавуваат научни трудови во светски реномирани списанија. Со трудовите треба да покажат дека се конкурентни на европско и светско ниво, а тоа е пракса и во Словенија и многу европски земји, вели премиерот Никола Груевски.
„Поголемиот мотив за поддршката го гледам во тоа што во истиот овој закон каде што се измените за државен испит има и едни други измени коишто професорите кои се дел од Пленумот не го спомнуваат, но јас сум убеден дека тоа е поголемиот мотив заради кој ги мотивираат студентите да протестираат. Не го споменуваат затоа што не им одговара и затоа што ќе излезе на виделина една ситуација која не е баш најповолна за нив, а тоа е дека со новите измени се предвидува од 2018 година секој професор во петгодишен период да мора да има издадено најмалку два труда во списание со импакт-фактор, но не во кои било списанија туку светски реномирани, а до сега беше во кои било списанија“, рече Груевски.
Тој додаде дека професорите имаат објавено мноштво трудови во списанија од Врање, Крагуевац, Битола и слично, кои не се релевантни. Од 2018 согласно измените на законот каде што е и државниот испит, ќе мора професорите кои ги има околу 6.000, барем два труда во пет години да издадат во списанија коишто се реномирани во светот и се дел од веб-оф-сајанс.
„Во тие списанија ние проверивме минатата година, имаме се на се 300 труда, додека за последните пет години има 4.000 труда. Направивме компарација со земја која е слична по големина и број на жители, а тоа е Словенија. Во Словенија во последните пет години има 50.000 труда што е повеќе од 12 пати отколку во Македонија. За еден таков труд треба повеќе работа, повеќе напор, повеќе научни истражувања и посветеност на професорот на научната работа и тоа е главниот проблем. Тој заб ги боли дел од професорите, не сите“, вели премиерот.
Според него, тие не сакаат тоа да го кажат и да не излезе дека протестираат за да не работат научни трудови, туку ги хушкаат студентите да протестираат за нешто што за нив и не е важно бидејќи нив не ги засега државниот испит.
„Тие се определиле за професори. Штом се определил за професор треба да си конкурентен на европско и светско ниво и да го прават она што го прават најмалку професорите од Словенија. Да не зборуваме за Австрија, Германија итн. Тука е клучот и мислам дека тука е 80 проценти од гневот на дел од професорите зошто и тие почнаа да излегуваат и зошто со сите сили ги туркаат студентите да излезат и да протестираат. За вчерашниот ден знам дека на неколку факултети со сила биле мотивирани да излезат. Ете тоа е главниот штос што од 2018 ќе мора малку повеќе ангажман да направат ако сакаат да останат ментори и ако сакаат да бидат релевантни професори“, изјави Груевски.
Во петокот се одржа трет протест на студентите против измените на Законот за високо образование, а протестот го поддржаа и голем број професори од факултетите./крај/миа
Извор: Извор: МИА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ОЈО: Предложен притвор за дилер на хероин
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 19 јануари, на наплатната станица Петровец, како сопатник во автомобил со кавадаречки регистарски ознаки, неовластено заради продажба држел околу 10 грама хероин.
Бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство, влијание врз сведоци и можности повторно да врши кривични дела, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, соопшти обвинителството.
Македонија
Минчев-Зомер: во фокусот професионализација на администрацијата и подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари протоколарна средба со новоименуваниот амбасадор на Швајцарската Конфедерација во Република Северна Македонија, Кристоф Зомер.
На средбата беше изразено заемно задоволство од досегашната соработка и беше потенцирана подготвеноста за нејзино понатамошно унапредување, особено во областа на реформата на јавната администрација, која претставува еден од клучните приоритети на Владата. Во тој контекст, беше нагласена важноста од добро управување, професионализација на администрацијата и подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните.
Посебен акцент беше ставен на можностите за соработка во развојот на системи за обука, задржување и мотивирање на кадарот, како и унапредување на услугите ориентирани кон граѓаните.
Во рамките на средбата, Швајцарија беше препознаена како партнер со значајна експертиза во областа на добро управување, институционално јакнење и развој на одржливи модели за стручно усовршување, вклучително и преку дигитални и хибридни решенија за обука, при што беше изразен интерес за истражување на можностите за соработка во рамките на Swiss Cooperation Programme – Good Governance.
Министерот Минчев нагласи дека партнерството со Швајцарската Конфедерација претставува значајна поддршка за реформските процеси.
„Реформата на јавната администрација е темел на ефикасна, професионална и граѓански ориентирана држава. Швајцарија ја гледаме како исклучително важен партнер, од кој можеме да црпиме знаење, искуство и добри практики во насока на јакнење на институциите и подобрување на јавните услуги“, истакна Минчев.
На крајот од средбата, соговорниците ја потврдија заедничката определба за продлабочување на соработката и конкретизирање на идни заеднички активности во согласност со приоритетите на реформата на јавната администрација.
Македонија
Муцунски утре во Истанбул: ќе учествува на вториот министерски состанок на Балканската платформа за мир
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре, на покана на министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан, ќе учествува на Вториот министерски состанок на Балканската платформа за мир, кој ќе се одржи во Истанбул. На состанокот е предвидено учество на министрите за надворешни работи од земјите на Западен Балкан.
Балканската платформа за мир е иницијатива покрената од министерот Фидан во 2025 година, со цел да придонесе за регионалниот мир, стабилност и благосостојба, преку заеднички пристап во изнаоѓање регионални решенија за регионалните прашања. Првиот министерски состанок во рамки на оваа иницијатива се одржа во јули минатата година, исто така во Истанбул.
Муцунски ќе се обрати на состанокот, при што се очекува да ги адресира клучните прашања поврзани со регионалната соработка и заложбите за побрза интеграција во Европската Унија, со акцент на економскиот развој, транспортната поврзаност, енергетиката, дигитализацијата, како и образованието и младите.
На маргините на состанокот е предвидено министерот Муцунски да оствари и одвоена билатерална средба со министерот Фидан, на која, покрај прашањата од доменот на билатералната соработка, ќе се разговара и за регионалните состојби и актуелните глобални предизвици.

