Филм
Комедијата за паднатата спортистка го отвори годинешниот Санденс
Со комедијата „The Bronze“ на режисерот Брајан Бакли, за некогашната американска национална миленичка, гимнастичарката со освен бронзен медал која не може да се помири со фактот дека изминале нејзините пет минути слава, во четвртокот беше отворен во Парк Сити, во американската сојузна држава Јута, годинешното издание на Фестивалот на независен филм Санденс, на кој до 1-ви февруари ќе бидат прикажани околу двесте филмови.
Годинава на Санденс (Sundance) ќе може да се видат 123 долгометражни филмови од речиси 30 земји, од кои 106 ќе бидат премиерно прикажани. До селекторите пристигнале 12.166 филмови, од кои четири илјади долгометражни и повеќе од осум илјади краткометражни, според официјалната интернет страница на фестивалот.
„Работата на независните уметници неминовно ја одразува состојбата на нашата култура и времето во коешто живееме. Овие приказни се често неочекувани, проблематични, непочитувани, но во нив има сила која може да ја допре и инспирира публиката“, рече пред отворањето претседателот на фестивалот, славниот Роберт Редфорд.
Санденс традиционално во последната седмица од јануари ги донесува некои од најдобрите филмски остварувања во играната, документарната или краткометражната конкуренција ги претставува рафинирано селектираните филмови од целиот свет, открива нови имиња на филмот.
Секоја година од ова мало скијачко места, кое во овој период од годината станува светска престолнина на независната продукција, филмовите тргнуваат во своите погоди по светските фестивали. Така, минатата година се случи со „Растење“ на Ричард Лилкатер и „Ритамот на лудилото“ на Демиен Шазел, кои годинава се во трката за Оскарите во неколку категории, откако веќе станаа добитници на Златните глобуси.
Фестивалот годинава ќе го одбележи селекцијата на врвни филмски остварувања и враќањето на екранот на неговиот славен основач, сега 78-годишниот Роберт Редфорд, Актерот ќе се појави во филмот на Кен Квапис „A Walk in the Woods“, екранизација на книгата на американскиот патеписец Били Брисон, во кој играат уште Бик Нолти и Ема Томпсон.
Меѓу особено интересните филмови годинава се истакнуваат „Going Clear“, документарниот приказ за сајантологијата на оскаровецот Алекс Гибни, кој е адаптација на текста на Лоресн Рајт, добитник на престижната американска награда Пулицер. Филмот прикажува осум поранешни сајантолози кои говорат за тоа како нивната црква ги врбува верниците и на што е се’ подготвена во името на таа религија.
Во филмот „Last Days in the Desert“, Ивен Мекгрегор го отелотворува Исус кој четириесет дена пости и се моли во пустината, базирајќи се на драматичен текст, а еден од филмовите за кои што се очекува да привлече внимание е „Z for Zachariah“ на режисерот Крејг зомел со учество на Марго Роби, Криз Пајн и Ливетел Еџиофор, постапокалиптична приказна за 16-годишна девојка којашто заздравува и мисли дека е единствената преживеана на планетата по нуклеарна војна се’ додека не наиде на научник кој е на умирање.
Филмот „The Overnight“ ја следи приказната за двојка која од Сиетл се сели во Лос Анџелес со силна желба да се прилагоди на новата средина минува бизарна вечер во куќата на новиот пријател на својот син, додека „Strangerland“ со Никол Кидман и Џозеф Фиенс, следи двојка која минува низ најлошите моменти во животот додека трагаат по своите исчезнати деца на тинејџерска возраст.
Интерес, според филмските критичари, исто така побудува и филмот на Џо Свонберг „In Search of Fire“ со Ана Кендрик и Орландо Блум. Премиерно ќе биде прикажен и филмот на Џастин Кели „Michael“ со Џејмс Франко и Ема Робертс.
Санденс, меѓу другото, е познат и по лансирањето на документарните филмови а меѓу годинешните наслови се издвојуваат „The Chinese Mayor“ за некогаш големиот и значаен кинески град Датонг кој денес е еден од најзагадените градови во земјата и на работ на инфраструктурен колапс, а „The Hunting Ground“ се занимава со шокантната статистика која открива нешто што со години не се пријавува, имено дека една од пет жени на американските колеџи била жртва на сексуално злосторство. За уште една актуелна тема како што се контрадикциите во американскиот правосуден систем зборува документарниот филм „ 3 And 1/2 Minutes“ низ приказната за случајот на полициско убиство на 17-годишниот Џордан Дејвис.
Во оваа категорија ќе бидат прикажани и документарните филмови за познатите музичари, како „What Happened, Miss Simone?“, биографија на големата џез дива Нина симонкојашто донесува и досега никогаш не објавувани и ретки аудио записи, и „Kurt Cobain: Montage of Heck“, во кој пејачот на култниот бенд Nirvana е прикажан преку домашните филмови на неговите уметнички творби, фотографии и дневници.
Произлезен од иницијативата на американскиот ветеран на актерството Роберт Редфорд, кој во 1981 година во Jута ја собра групата свои пријатели и колеги сакајќи да развие средина којашто ќе ја поттикнува независноста, откривањата и појавата на новите струи во американската филмска индустрија, Санденс претставуваше рампа за лансирање на кариерите на режисери како што се Стивен Содерберг, Пол Томас Андерсон, Дарен Аронофски и Квентин Тарантино.
Името на фестивалот е дадено во чест на ликот кој го толкува Редфорд во филмот „Буч Касиди и Санденс Кид“. Институтот Санденс е непрофитна организација којашто ги поддржува независната филмска и театарска уметност во светот./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Лондон доделени наградите БАФТА: „Една битка по друга“ прогласен за најдобар филм
Седумдесет и деветото доделување на наградите БАФТА се одржа синоќа во Лондон. За најдобар филм беше прогласен „Една битка по друга“ во режија на Пол Томас Андерсон, кој ја освои и наградата за најдобар режисер.
Иако наградите БАФТА за најдобар филм и најдобар режисер обично се делат помеѓу два одлични филма, овој пат обете награди ѝ припаднаа на акционата црна комедија.
Британецот Роберт Арамајо беше прогласен за најдобар актер за неговата улога во филмот „Се колнам“.
Во категоријата за најдобар актер беа номинирани и Тимоти Шаламет за неговата улога во филмот „Грешници“ и Леонардо Дикаприо за „Една битка по друга“.
Како што се очекуваше и заслужено, Џеси Бакли беше прогласена за најдобра актерка за нејзината изведба на сопругата на Шекспир во филмот „Хамнет“ во режија на Клое Жао.
Наградата БАФТА за најдобар спореден глумец му припадна на Шон Пен за неговата улога во „Една битка по друга“, додека наградата за најдобра споредна глумец ѝ припадна на Вунми Мосаку за нејзината улога во „Грешници“.
Најистакнат британски филм е „Хамнет“, додека наградата за најдобро сценарио му припадна на Рајан Куглер за филмот „Грешници“.
Најдобар филм прикажан на друг јазик е „Сентиментална вредност“, најдобар документарец е „Господин Никој против Путин“, додека „Зотрополис 2“ е најдобар анимиран филм.
Водител на 79-тото доделување на наградите БАФТА беше шкотскиот актер, водител и режисер Алан Каминг.
Култура
Вим Вендерс од Берлинале: Филмовите можат да го променат светот, но не на политички начин
Берлинскиот филмски фестивал започна во четврток во изразен политички тон, откако натпреварувачкото жири, предводено од режисерот Вим Вендерс, одговараше на повеќе прашања за актуелната состојба во светот, вклучително и војната во Газа.
На прашањето дали филмовите можат да влијаат на промени во политичката сфера, славниот германски режисер изјави дека „филмовите можат да го променат светот“, но „не на политички начин“.
„Ниту еден филм всушност не го променил мислењето на кој било политичар. Но можеме да ја промениме претставата што луѓето ја имаат за тоа како треба да живеат. На оваа планета постои голем јаз меѓу луѓето што сакаат да ги живеат своите животи и владите што имаат поинакви идеи. Затоа мислам дека филмовите влегуваат во тој јаз“, изјави Вендерс, пренесува „Варајети“.
Вим Вендерс е претседател на овогодинешното жири, во кое се и американскиот режисер Рејналдо Маркус Грин („King Richard“), јапонската режисерка Хикари („Rental Family“), продуцентката на филмот „The Zone of Interest“ Ева Пушчинска, непалскиот режисер Мин Бахадур Бам („Shambala“), јужнокорејската актерка Бе Дуна и индискиот режисер и продуцент Шивендра Синг Дунгарпур („Celluloid Man“).
„Мораме да се држиме подалеку од политиката“
Претседателот и членовите на жирито беа прашани конкретно за конфликтот во Газа и поддршката што германската влада – која финансира голем дел од фестивалот – му ја дава на Израел.
Пушчинска прва одговори, оценувајќи дека прашањето е „малку неправедно“.
– Секако, се трудиме да разговараме со луѓето – со секој поединечен гледач – да ги поттикнеме да размислуваат, но не можеме да бидеме одговорни за тоа каква одлука ќе донесат, дали ќе го поддржат Израел или ќе ја поддржат Палестина – рече Пушчинска и додаде:
– Постојат многу други војни во кои се врши геноцид, а за нив не зборуваме. Затоа ова е многу комплицирано прашање и мислам дека е малку неправедно да нè прашувате што мислиме, како поддржуваме или не поддржуваме, дали разговараме со нашите влади или не.
Вендерс додаде дека како филмски автори „мораме да се држиме подалеку од политиката“.
– Ако снимаме филмови што се изрично политички, влегуваме во полето на политиката. Но ние сме противтежа на политиката, ние сме спротивност на политиката. Мораме да ја работиме работата на луѓето, а не работата на политичарите.
Берлинале – фестивал на „лицата на светот“
За време на прес-конференцијата, Вендерс – кој во 2015 година ја доби почесната Златен мечка – зборуваше и за тоа по што овој фестивал се издвојува од другите.
– Можете да бидете сигурни дека тука ќе видите повеќе лица на светот отколку на кој било друг фестивал. Тоа е неговата голема сила, нели?
Берлинскиот меѓународен филмски фестивал (Берлинале) ќе се одржи од 12 до 22 февруари во Берлинале Паласт, а 76. издание ќе го отвори светската премиера на филмот „No Good Men“ на наградуваната авганистанска режисерка Шарбана Садат.
На свеченото отворање ќе ѝ биде врачена Почесната Златна мечка за исклучителен придонес во филмот и кинематографијата на актерката Мишел Јео.
Во селекцијата Главна натпреварувачка програма се вклучени 22 филма, меѓу кои „A New Dawn“ на Јошитори Шиномија, „A voix basse“ на Лејла Бузид, „At the Sea“ на Корнел Мундуцo, „Dust“ на Анке Блонде, „Everybody Digs Bill Evans“ на Грант Ги и „Josephine“ на Бет де Араужо. Во програмата се и „Nightborn“ на Хана Бергхолм, „Rose“ на Маркус Шлајнцер, „The Loneliest Man in Town“ на Рајнер Фримел, „The Blood Countess“ на Улрике Отингер и други.
Церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на 21 февруари, ден пред затворањето на фестивалот.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“

