Култура
Духовното богатство на Македонија на саемот на книгата во Франкфурт

Под мотото „Откријте ја Македонија“ на 65 квадратни метри и столбови со приказните за Кокино, Хераклеја, Плаошник, Старата скопска чаршија и 3 тони книги од македонски издавачи, Македонија се преставува на најголемиот светски саем на книгата во Франкфурт
На саемот учествуваат 7000 издавачи од 100 држави.
Ова е најорганизираното претставување на Македонија во изминатите 18 година и одлична можност за запознавање на светот со нејзината литература, култура, и историја.
На саемот е присутна делегација од министерството за економија, а се очекува да пристигне министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, за која организаторите од Германија подготвија посебно претставување на најголемиот саем за издаваштво во светот.
Комесарот на Македонија, издавачката куќа „Матица Македонска”, дистрибиура брендиран рекламен материјал за државата, а ќе го промовираат англиското издание на најнаградуваниот роман во Македонија за 2008, „Нишан“ на Блаже Миневски. Гостин на македонскиот штанд ќе биде поранешниот германски амбасадор во Македонија, Ханс Лотар Штефан, кој во сабота ќе го промовира англиското издание на книгата „Македонскиот јазол“. Особено голем интерес предизвикува и гостувањето на двајцата македонски фудбалери кои играат за Ајнтрахт од Франкфурт, Ока Николов и Александар Васовски, а кои во петок ќе бидат домаќини на македонскиот штанд и на посетителите ќе ги претставуваат убавини на својата татковина.
„Разликите во идеологијата, не смеат да го спречуваат напредокот. Фасцинацијата од читањето книги не познава граници, тоа е фундаменталната човечка желба, да се има книга в рака“, изјави на вчерашната посета на саемот германската канцеларка, Ангела Меркел. Таа беше придружувана од кинескиот потпретседател Кси Џинпинг, чија земја е почесен гостин на овогодинешниот саем.
Оваа година, манифестацијата се оддржува под огромни безбедносни мерки, поради неодамнешните закани на Ал Каеда, но и поради најавените протести поради изборот на Кина, за почесен гостин. Особено е зајакнато обезбедувањето на хала 8 во која се наоѓаат САД, Велика Британија, Израел и други.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.