Култура
Ристо Шишков – 70 години од неговото раѓање
Во Струмица, градот на раната младост на Ристо Шишков, утре, ќе биде одбележана 70-годишнината од раѓањето на овој бард на македонското актерство
На пригоден начин ќе му биде оддадена почит, а во прилог на тоа специјално ќе биде прикажан 39-минутниот документарен филм за Шишков “Духот на татко ми”, авторски самостоен проект на режисерот Горан Тренчовски. Во ова возбудлива филмска приказна беседат дваесетина современици на Шишков и негови најблиски, роднини и соработници. Во документарецот низ бројни филмски инсерти се испреплетени и моменти од животот и делото на овој актерски великан. Настанот ќе се одржи во НУЦК Антон Панов, а во холот ќе се проектираат слајдови со Шишков. Организацијата е на Тивериополската филмска алијанса, Фестивалот Ристо Шишков, Кинотеката на Македонија и НУЦК А. Панов. Покровители за одбележувањето на 70-тиот роденден на Шишков се Министерството за култура на РМ и Kомисијата за култура при Собранието на РМ.
Ристо Шишков е роден во Мрсна, Егејска Македонија на 23 март 1940. Како дете е доселен во Струмица, каде го поминува младешкиот период и ги прави своите први драмски обиди, се до заминувањето на студии во Белград. По мошне плодната, но за жал, прерано завршена уметничка кариера, како носител на репертоарот во драмата при МНТ, а и како впечатлив толкувач на разновидни филмски улоги, починал на 17 јуни 1986 во Скопје. Процесот и ембаргата на кои беше подложен тој, до ден-денес останаа нерасветлени.
За него се напишани една научна и една публицистичка монографија. Во 2001 и 2002 струмичката јавност во рамките на ФКТ Ристо Шишков имаше прилика да ги види сите играни филмови во кои настапува тој.
Поради големиот интерес на публиката, истата вечер во 22 час. во НУЦК Антон Панов ќе има уште една филмска проекција на “Духот на татко ми” со слободен влез, а планирана е и летна скопска премиера во Кинотеката на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Лилјакот“ повторно на сцената на МОБ: спектакуларна оперета на 26 декември во Скопје
По три одлични изведби, „Лилјакот“ ќе се изведе повторно на големата сцена на МОБ за вечер исполнета со музика, хумор и емоции, културно доживување што ја освои пуб-ликата и критиката, соопшти организаторот.
„Македонската опера и балет со гордост ја најавува четвртата изведба на оперетата „Лилјакот“ (Die Fledermaus) од Јохан Штраус II, која ќе се одржи на 26 декември 2025 година. По две претходни изведби што предизвикаа бурни аплаузи, високи оценки од публиката и критичката фела, ова ремек-дело на класичната музика се враќа како еден од најочекуваните културни настани во декемврискиот репертоар.
„Лилјакот“ е светски позната оперета што ја слави радоста, музиката и ведрината на животот, со шармантни сцени, хумор и незаборавни арии. Оперетата ја освои публиката, која ја опиша како „возбудлива, духовита и емоционално живописна“ и која ја поздрави со овации и силни аплаузи“.
Оваа изведба, под диригентска палка на Бисера Чадловска и во режија на Љупка Јакимовска, нуди уште една можност за љубителите на уметноста да уживаат во празнична вечер исполнета со музика, раскош и многу смеа.
Доколку ја пропуштивте претходната изведба, ова е вашата можност да бидете дел од ова празнично културно искуство и да ја почувствувате магијата на „Лилјакот“ во живо, вели организаторот.
Култура
„Џез под ламба“ повторно во Центар, магична божиќна атмосфера со Мартина Елиора и нејзиниот бенд
Општина Центар на 27 декември, со почеток во 19:00 часот, ќе го одржи настанот „Џез под ламба“ на пјацетата кај Италијанската амбасада.
Граѓаните ќе имаат можност да уживаат во џез верзии на најпознатите новогодишни и божиќни песни во изведба на Мартина Елиора со нејзиниот бенд, но и да пробаат греано вино и печени костени.
„Ги поканувам сите љубители на добрата музика да ни се придружат и да ја споделиме божиќната атмосфера. Да ја продолжиме оваа навистина убава традиција, која му дава посебен и препознатлив шарм на Центар“, порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Настанот „Џез под ламба“ веќе трета година е дел од програмата за култура на Општина Центар, музички настан кој го промовира џезот и македонските изведувачи.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од својот колега, актерот Лазе Манасковски
Драмскиот театар – Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерот Лазе Манасковски е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Лазе Манасковски од 11.30 до 12.30 часот во капелата на гробиштата.
Македонскиот театарски, филмски и телевизиски актер Лазе Манасковски е роден на 27 март 1958 во Скопје, а почина на 20 декември 2025 во Скопје. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1983 година тој се вработил во Драмскиот театар – Скопје, каде што бил професионално ангажиран сè до неговото пензионирање во 2022 година.
Kомеморација во чест на починатиот актер ќе се оддржи во неговата матична куќа, Драмскиот театар – Скопје, на 24 декември (среда) во 12 часот.

